Фешта на Кавадаречки начин

Постојат 5 - 6 сетила познати кај човекот. Уметноста е поврзана со 2 од нив и понекогаш и со она седмото. Фестивалот на виното во Кавадарци - „Гроздобер“ ја има таа чест да на посетителите да им го даде тоа задоволство да ги возбуди сите сетила.



photo © Marko

Фестивалот оваа година понуди програма со траење од 10 дена, од 1 септември до 10 септември, вклучувајќи музички настани, гозби, карневал, посети на винари, забави, диџеи, саем и неминовно - дегистирање на вината. Од сто ова што го набројав може да се пофалам дека видов само дел но и најважниот дел. Кога стигнавме в Кавадарци, карневалот самошто беше завршил така да по улиците имаше народ, многу ѓубре, многу лапачка и сцена за ’народно-забавна’ музика. За музиката не се чувствувам доволно компетентен да ја коментирам, но сцената беше неверојатна, особено озвучувањето, за кое најверојатно целот град бил ангажиран да ги собере сите поголеми звучници од локалните ’заведенија’, сепак успеале да соберат доволно сила. Сето ова не ни се виде многу интересно па се упативме кон единственото несто за што знаевме дека сеуште е активно - саемот на виното.

Во спортската сала во Кавадарци, веднаш до влезот на Винарска визба „Тиквеш“ АД, на ридот, покрај запустено поле што личеше на фудбалско игралиште, беше сместен саемот на виното. Салата ко сала... кој ќе ја гледа, а внатре преку 20 штанда на разни винарски визби, виногради, производители на винарска опрема и по уште некој штанд. Беа присутни главните винарски визби од Македонија, за многу од присутните визби таму прв пат дознав, но имаше и неколку производители на вино што недостасуваа, како Охридската, Тасев а и Езимит. Сепак тие што беа таму дадоа се од себе да се престават во најдборо светло и да ги презентираат своите производи. Значи преку многу производители, секој производител со барем по 2 вина... многу вина за пробување. Да се обидам да се сетам на сите присутни винарски визби:

Донов
Плоштово
Тиквеш
Фонко
Повардарие
Бовин
Попов
Чекорови
Дудин
Китвин
Сковин
Мојсоф
Ерос
Винарис
Лозар - Битола
Пал - Крис
Винар
ЗШУЦ „Ѓорче Петров“ - Кавадарци
Грков

Можеби имаше и уште некој, но не ми текнува во моментов. Би можел да објаснувам за секое вино што го пробав, но наместо тоа ќе ги извојам винарите и соодветните производи кои ми оставија најголем впечаток. За да недојде до забуна, јас лично сум љубител на Cabernet Sauvignon така да соодветно и изборот на сите вина се според тој мој вкус.



photo © Marko

Винарија Донов, првиот штанд што ни се попречи на патот. Нова винарија со избор на вина од Merlot, Mystic и Вранец. Посебно ме плени Mystic, мешавина од неколку црвени сорти, за кои не ми текнува кои се беа. Виното со помалку овошен вкус, помалку суво и пријатно за пиење. Иако беше првото што го пробав уште неколку штанда понатаму ми стоеше во ум како мошне убаво вино. Винаријата, покрај вината ни презентираше и нешто поинаку - гроздов мед. Тоа е нешто помеѓу гроздов сок, слатко од грозје, мед и џем. Течно и специфичен вкус на слатко од грозје. Интересно во секој случај.

Винарија Ерос трејд. Имаа избор од само две сорти: 1 бело и 1 црвено. Црвеното Вранец, без некои посебности. Белото од своја страна претставува нова крв во комерцијалното винопроизводство. Виното е направена од сортата Жилавка, за која освен кај понекои мои пријатели во домашното производство, не сум ја сретнал по продавници или ресторани. Белиот Ерос е полу сув, со пријатно овошен вкус, нешто што го немам осетено кај ниедно од Македонските бели вина. Нешто што е за пофалба и заслужува да се проба. Иако мора да признаам дека самата етикета на виното не е некоја убавина.

Можеби хајлајт на саемот беше Винарија Пал Крис. Најверојатно тоа е единствената винерија која има органско лозје и произведува вино на био-динамички начин. Најмалиот штанд во салата но одлично посетен. Тоа што би го издвоил е виното Паулине. Бело вино кое е просто неверојатно да се признае дека е ’само’ обична Смедеревка, но произведена по биодинамичка метода па има вкус како никое вино досега. Не е причината дека виното не е помешано со кисела вода па да не можам да го познаам!! Има вкус на добар Ризлинг па и повеќе, виното е суво до полу суво и е многу питко, а ако посебно добро се сконцентрираш, откако ќе пролизга голтката низ грлото, сосем малку ќе го осетиш и вкусот на Смедеревка. Производителот вели дека е богато со витамини (Б, Ц и Е) и дека иако има 11,5% алкохол не те опијанува, па дури и трезни!?

Винарска визба Винар е мојот избор за производител на право црвено вино. Кабернето кое го пробав од 2004 го даде ненадминливиот овошен вкус. Питкост која се бара и мешавина на вкусови која долго останува во грлото, како да е одлежано во дабови буриња...

Последната станица ни беше Средното општинско земјоделско-шумарско училиште „Ѓорче Петров“ од Кавадарци. Учениците се потрудија да ги запомниме и по богатиот штанд и по добрите вина. Натписот на штандот „Денес ученик - утре стручњак“ не наведе да застанеме малку подолго и да дозволиме домаќините да не направат стручњаци преку презентацијата на нивната палета на производи. Започнаа онака како секој домаќин пречекува - со ракиичка, но оваа со малку вкус на оревче. Одличен избор. Потоа следеа вината. Морам да кажам дека беа единствени кои имаа вино на саемот произведено од добрата стара Кратошија (сорта која некогаш ги даваше надалеку препознатливите вкус, боја и мирис на уште по легендарната Т’га за југ). Виното беше одлично, питко, богато на вкус. И конечно да ја споманам директорната на училиштето - Г-ѓа. Божанка Минова.



photo © Marko

Збогатени со нови искуства, нови вкусови и со по некое вино, задоволни си отидовме. Не информираа дека од 26 септември следи скопскиот саем каде производителите ќе бидат присутни и таму, па ќе отидеме да видме дали има нешто ново...


rante | 11.09.2006 | twitter