Светот го разбирам како... една гоооооолема библиотека!

Без воведи, должења и слично веднаш преминувам на главното. Ваква е работата. На една брачна двојка пред некоја година и текнало следново: Да отвори страна на интернет која ќе биде дом на (ајде да го наречеме) проектот- Book crossing или во слободен превод, книги во движење.
Дали? Како? Што?
За да учествувате треба да се зачлените на click here Едноставно е и бесплатно. Потоа ја земате вашата омилена, неодамна прочитана или каква и да е книга, ја регистрирате на страната и пишувате збор-два за истата. Таа сега има посебен код. Следува најинтересниот дел. Треба да почнат авантурите. Односно, книгата треба да се пушти во јавност. Идејата е ваква. Ја оставате на јавно место: кафе-бар, факултет, автобус... откако во неа веќе сте го напишале гореспоменатиот код и пар реченици во кои би објасниле за што станува збор. Секако не треба да се заборави да се спомене страната на која, на претпоставувам збунетиот пронаоѓач ќе може да му се разјаснат работите. Следен чекор - среќникот оди на порталот го впишува кодот и ве информира дека книгата е пронајдена. Тоа не значи дека таа сега е негова споственост. Не! Откако ќе ја прочита, може да искоментира дали, колку му се допаднала или зошто не, а нејзината авантура треба да продолжи и таа да премине кај некој друг, што значи процесот на давање никогаш да не престане.


photo © www.fiveandtwenty.com

Сега нормално, некој ќе рече, не сум луд да си ги расфрлам книгите од дома по улици. Уредникот на страната тука се повикува на задоволството на давање. А и во право си е човекот. Освен тоа баш е возбудливо да си мислиш на судбината на твојот најдобар пријател (книгата де) и на тоа во чии раце ќе падне. Па исчекување, па неизвесност, па дружби, па радости...
Кога Трендо на сајт ја стави информацијата за 'проектов' коментарот му беше ваков: '...Сакате да се кладиме во милион долари дека ни за милион години ова нема да профункционира кај нас?' Не би да се кладам, ама оптимист сум. А и гледам, има околу стотина регистрирани Македонци.
Ајде да пробаме. Вие што викате? Мислите ќе успее? Всушност, ова прашање ми е поважно. Сакате да успее(ме)? Јас ќе си пуштам една книга неделава. После тоа ве чекам вас.

Gwendolyne | 06.11.2006 | twitter