На чорба во Далга

Јадењето рибја чорба ми е MUST DO на секое одење во Охрид.
Неможам да се пофалам со посета на сите Охридски кафани кои служат чорба, но од тие каде сум пробала најубава ми е во Далга.


photo © Ranti

Листата вика вака:

Момир.
Фенси кафана, не ги сакам такви. Служат и паста од лук да си мачкаш на лепчето со чорбата (после што ти смрди душата бар 2 дена и сам себеси се мрзиш, ама е вкусно до немајкаде) ама самата чорба, со цели парчиња риба некако не ми го прави ќефот, сакам со секој залак рипче да каснам.

Рибен ресторан. Демек рибен па рибјата чорба мора да е добра. Не е ни лоша. Далеку од тоа. Ама е некако, што знам, поретка за мој вкус.

Кале, Трпејца или народски познато Кај баба Ружа.
Кај баба Ружа немора да има спремено чорба. Ја прават тука, на лице место. Фрлаат 2-3 мали рипчиња во казанот, од оние на јадица што се ловат, грунци, некој морков и оп ете ја чорбата. Хм, или во овој случај супата. Значи нема да го добиеш тоа по кое си дошол, туку ќе добиеш многу повеќе. Ѓомлезе додека се свари супата, салатка да не е на голо и на крај кафе. И се тоа за некои 150 денари. Мерак нели?


photo © Ranti

Елем, да не должам многу да се навратам на Далга.
Далга едно време гласеше за еден од најскапите и најубавите ресторани во Охрид. Рака на срце не сум седнала да јадам таму повеќе од доручек; и сезона друга од лето. Внатре секогаш ми било мрачно, а надвор приплескано. Малце трска, па слики, па шперплоча, па некоја церада, а ете баш сега кога бевме доредуваа некои даски, се ширеа накај езерото, кај да е ќе се спојат со Инекс Горица.
Кога менуваа локација, од спроти Cosa nostra до Јно мислев дека ќе средат малце, да заличи, ама едиственото убаво што го донесоа се некои грчки пузавици кои многу убаво цветаат (напазар за 110денари биле).
Цените на прв поглед се малце ненормални, ама научени сме дека Охрид е скап па си премолчуваме. Салатата (120 ден.) не е нешто чешит, ама омлетот е богат и убав (130 ден.).


photo © Ranti

Чорбата. Во Далга чорбата никогаш не е иста. Ту е поретка, ту е погуста, им се истурил троа црвениот пипер, или бибер па налутува, ама секогаш е полна со месо и икра и некако многу ми е вкусна. Прсти да излижеш.
Задоволството кошта 130 ден + 10 ден. лепче и тро подолги нерви.
Надалеку познатото охридско гостопримство и тука не изостанува.
Првин треба да помине време додека бидеш приметен од некој келнер од тоа темниците внатре. Второ, треба да се запамети нарачката. Нашата гласеше: 2 рибји чорби, турско кафе и макијато. Да, да, не се шегувам, ни го утнаа кафето, а бевме единствени гости во моментот.
Па имаш видно разочарување дека гостите со апарат не се странци. За на крај да почекаш уште малце да би ти ја донеле сметката.
Тоа е. Немeт ренде рулс. Ама, ќе си ќутиш и ќе си сркаш дека проклето добра е чорбата!!!

Ranti | 25.06.2008 | twitter