Дали некогаш сте јаделе во Ривиера?

Да, да, Ривиера, Охрид.
Оној хотел покрај езеро, покрај кој секогаш кога поминувате се прашувате - Кој ли побогу изнајмува тука соба со опоен мирис на плескавици под пенџере?!


photo © Ranti

Зошто седнавме баш таму?
Па немаше никаде, ама баш НИКАДЕ на друго место слободна маса, а ние толку многу бевме гладни...

Ќе се обидам немилиот настан да го претставам преку мала едночинка.

Лица:
КЕЛНЕРОТ, средовечен маж на кој работата му претставува невиден товар и се труди на сите можни начини да ја избегне
ПРЕГЛАДНЕТИТЕ ГОСТИ, група туристи кои и бубрегот ќе го продадат само да дојдат до храна

Сцена: веќе споменатата кафана пред хотелот Ривиера, таканаречена Лесковачки Роштиљ. Една од масите во задниот дел, кој е повлечен како трем и декориран како за свадба, наречен Бела Сала, со бели завеси, бели чаршафи, на столиците бели пресвлаки и неизбежните машни.


photo © Ranti

Гостите, веќе 15 минути се обидуваат да откријат кој е келнерот во нивниот реон. 1 реон опфаќа 6 маси.

ПРЕГЛАДНЕТИТЕ ГОСТИ: Се извинувам, вие ли сте на нашиот реон? Ќе може да нарачаме?
КЕЛНЕРОТ: Еми, нема 5 минути кај шо седнавте, одма ли ќе нарачувате!
ПРЕГЛАДНЕТИТЕ ГОСТИ: Па да, ако може...
КЕЛНЕРОТ: Неможит. Немат Мени.
ПРЕГЛАДНЕТИТЕ ГОСТИ: Како нема мени?
КЕЛНЕРОТ: Па немат, на другана маса го гледаат, неможи да нарачате без мени.
ПРЕГЛАДНЕТИТЕ ГОСТИ: Ама знаеме што сакаме. Не ни треба мени. Какви салати имате?
КЕЛНЕРОТ: Грчка и шопска.
ПРЕГЛАДНЕТИТЕ ГОСТИ: Донесете ни 2 шопски и бокалче ракија. Не, не нека се 3 шопски.
*по некое време келнерот се враќа со ракијата и само 2 шопски

ПРЕГЛАДНЕТИТЕ ГОСТИ: Ви рековме 3 шопски, нели?!
КЕЛНЕРОТ: Аааа, не. Шо не е напишано немојт да се донеси!
*единственото мени се ослободува и гостите го земаат да го разгледаат. На листата има барем 10тина типови на салати...

ПРЕГЛАДНЕТИТЕ ГОСТИ: Добро, а ќе ни донесете ли сирење на скара?
КЕЛНЕРОТ: Нееее, не, не, никако! (и се брани со рацете како да го нападнале рој оси) Имат многу гужва сигурно нема убо да ви го напрат!
ПРЕГЛАДНЕТИТЕ ГОСТИ: А помфрит?
КЕЛНЕРОТ: Шо ќе ви е помфрит, ќе има со скарата!
ПРЕГЛАДНЕТИТЕ ГОСТИ: Ако, ако, нека има уште две порции помфрит со сирење.
*келнерот се сложува со тегобно подигнување на рамењата. Гостите порачуваат и месо. Ражњич, шарска, ловечка и кобасица. И среќни дека се исценкале барем за екстра помфрит ја чекаат вечерата...

****************


Незнам како да ви објаснам... Ајде, ќе го цитирам гафот на другарка ми: „Се беше добро освен скарата.“
А што е се? Ракијата? Патлиџанот? Компирот? Мислам, ако кафаната се вика Лесковачки роштиљ, тогаш навистина, што е се? Меленото месо беше грозно, ражњичот жив, а кобасицата кучешка.

Колку што можевме да приметиме специјалитет на кафаната е пирамида од меса.
На едно стапче како од ражнич се набоцкани од најголемото – плескавица долу, до најмалото најгоре и има барем 7 разни парчиња месо. Стек, кременадла... незнам, небитно.
Ги жалам луѓето што нарачуваа такво!!! Дека ние среќа што порачавме повеќе помфрит. Имавме со што да се залажеме.


photo © Ranti

Обидот за плаќање повторно предизвика негодување и став „бранење од рој оси“ кај келнерот. Знаете како, е , ако ние станеме...можеби други ќе седнат! Кој ли ќе ги служи и нив!!!
Ај, барем не беше скапо... ако е некоја утеха.

Дали вашиот одговор на прашањето во насловот е „Не“?
Колку многу би сакала тоа да беше и мојот...

Длабоко се извинувам за немањето соодветна визуелна придружба на текстот. Неземање на апаратот повеќе нема да ми се повтори. Ветувам. Обидов да сликам следното утро, но, тоа не е тоа, како што можете да видите од приложеното.

Ranti | 25.08.2008 | twitter