На Кумановски Мезалaк

Паролата 'запознај ја татковината за повеќе да ја сакаш' на вакво незнаеш-што-ќе-те-задеси време решивме да ја преиначиме во 'запознај ја македонската кујна за повеќе да ја сакаш' и да го пробаме мистериозниот Кумановски мез'л'к.

Преку сонце во Пелинце, снег во Нагоричани, стигнавме во утопосаното од дожд Куманово.
Меаната се вика Баба Цана, се наоѓа во едно споредно уличе од кај банката лево и ако никој не ти го покаже може малце да се поврткаш наоколу непотребно...и мокро. Како што не беа известиле, тоа е едно од двете места каде се јаде добар мез'л'к.


photo © Ranti

Мистеријата со мез'л'кот започнува уште при самото решавање дека сакаш да го јадеш. Треба да се најавиш ден-два претходно за да знаат да ти го спремат.
Истото се спрема во некои тајни одаи, а не во самата кафана и кога ќе кажеш „мамо готов" ти го носат на астал.
Нашиот астал беше на спрат. Поточно, спратот беше наш астал. Бевме единствени гости дента и се распашавме ѓоа наше.

Нарачавме салата и ракија. Класика, што би се рекло. Уште на прва топка келнерот ги доби нашите овации. Не измерка под око и кажа „-Малку ќе ви е, ќе донесам и една поголема, кафана части“.
Туршија, зелка сторена не баш чешит, макало тро полутко, пипер, краставички, неможеме да се пожалиме, а и финко беа наредени. Дури имаше и изненадување во патлиџанот – кисел карфиол. Се потрудила домакинката, што е право.
Добивме и печеница. По Кумановски стандард тоа е далеку од она што може да се купи на сецкање во Tinex. Претставува некоја збирштина од, веројатно, се што не се дојало и воопшто нема лош вкус.


photo © Ranti

Келнерот, да ни угоди и да ни ја поттурне ракијата, се обиде да ни пушти нешто ко за душа, да запееме, ама не му тргна баш од рака, пошто на единственото CD кое го имаат завиваа Цеца, Гргана, Карлеуша и ним слични.
Веднаш беше формирана делегација да се прошета до колата и да донесе нешто староградско, поприемчиво и срцепарателно: „-Па добро, до кога музички ќе образуваме кафани!“
Свечено ни го доделија и даљинското. Абе, мерак до мерак.

Конечно стигна и мез'л'кот. Знаев дека се изнутрици, ама немав појма што да очекивам, така да немав спремено став за тоа што всушност ќе ручам дента.
Елем, тоа беше земјена тава во која нема ништо освен веќе споменатите изнутрици, грижливо покриени со парченца шкембе, така да целото изгледаше чупаво како јамболија, не, не, повеќе како астраган. Не звучи примамливо, нели :)
Па, како да ви кажам, не е дека беше вкусно, а не е и дека не беше. Веројатно треба да се навикнеш, што знам. А не е и дека не јадам такви работи.
Значи, да се обидам, вкусот е доста тежок, нема никаков зеленчук ванатре или било што што може да го ублажи. И убаво е, ама не можеш многу да јадеш. Си бара киселко и си бара лепче.
Да нема забуни, имавме и локалци кои потврдија дека мез'л'кот е спремен по сите правила, прописи и стандарди, што би се рекло по ЈУСу. Не ни беа подвалиле ко за Скопјани нешто мучук.
Туф, туф, вакво било, такво било, многу било...да не веруваш, успеавме скоро цело да го изедеме.


photo © Ranti

Со промена на келнерот (зар се сомневавте дека седевме само една смена?) се промени и атмосферата. Во доверба ни беше кажано дека се работи за рокер кој не е баш омилен кај останатиот персонал поради својата бунтовност, но сепак му дозволивме да не изненади со својата идоли-парни ваљак-чорба-екв-криво је море компилација.

Финиширавме со нешто блашко. Како кафаната не држи такви работи, рокерот ни донесе од некоја слаткара во близина баклава. Прв пат пробувам баклава со мармалад и морам да кажам дека беше дури и повкусна од онаа обичната која се нудеше во моментот.

Фрлањето на новата кованица 10денарка, која исто така ни беше настан на денот, го реши вечниот проблем ‘кој ќе вози назад со полн стомак’.
На автопатот Куманово-Скопје овој пат, за промена, немаше крава.

Ranti | 28.01.2009 | twitter