Последниот воз за Велешка пита

Со случајно залутаниот снег од пред некоја недела, намерно бевме кинисале кон Велес. Идејата на патот беше самиот воз, но, да не се лажеме, постојано потсвесно се провлекуваше помислата на Велешка пита, ака пастрмајлија, која не е купена од она до Љуц, кое е исто со она до Retox, и на кое никогаш не сум му го знаела името.

Исцрпните урбанистички и гастрономски испитувања извршени помеѓу Скопските жители со Велешко потекло и анкетата во возот, упатуваа на локалитетот наречен Snoopy.
Во тоа зошто на еден објект со угостителска намена му е дадено име на куче несакам да навлегувам.
Нејсе, после цели 10 минути одење од железничката станица, при што дури на двапати го утнавме патот, пристигнавме во Snoopy.


photo © Ranti

Не можете ни да го замислите моето разочарување кога открив дека се работи за пицерија!

Местото, иако навистина големо, светло, на главната улица, ем поглед на парк, беше преполно со: дотерани тинејџерки за неделно кафе кои бутаат хамбургери, кибицери кои со пола око се во спортската прогноза, а со пола во споменатите тинејџерки, сомнителни типови со црни кожњаци кои во 11 наутро локаат кригли пиво и склопуваат зделки, фамилии дојдени на пица и дечурлаана дојдена на лимонада.
Nope, ни приближно до мојата визија за меана и салатка и ракииче како увертира.


photo © Ranti

Додека се туфкаме негодувајќи поради атмосферата, погледот кон менито ми се замрзнува на бројките: тост 30 ден, сок 20 ден, кафе 40 ден... Wow!
Повратна воз + кафе + пиво + пастрмајлија = 300 ден!!!! Ма какви бре Занзибар, Далфуфо, Балканика, ѓаоли, врази... Велес!

Низ муабет со персоналот откривам дека сме и не сме стигнале на правото место. Да ти имало Snoopy кафана и Snoopy пицерија. Ама со финта!
Значи, во кафаната има ракииче, салатка, скара и сето она што е неопходно за поштено повеќечасовно заседнување, но, нема пастрмајлии. Пастрмајлиите всушност се прават во пицеријата и се носат до кафаната. Иако пицеријата и кафаната се оддалечени само некои стотина метри, несакам бре топлината на оброкот да ми зависи од временските услови! Заклучувам дека пицеријата е подобриот избор и сега веќе помирно и нестрпливо ја очекувам питата.


photo © Ranti

Стасува пастрмајлијата. Примерок со и примерок без пастрма. Пастрмајлија со пастрма според моите скромни познавања (да си се оградам, што е сигурно, сигурно е, да не ми рипнат после со коментари вака било, онака било) може уште само тука да се најде. Штипската под дифолт е без (ај да не ја спомнувам, прво пат до Штип, па после ќе ги ставиме на мегдан двете), а и народов е одвикнат од тешки вкусови - како што ми кажаа, многу ретко таква ја нарачуваат. Сепак пастрмата е сушено овчо месо, си подмирисува.
Мене ме бендиса. Поубава ми беше некако од со без. Ама јас сум ти од оние што си сакаат цревца, кукурек, дробсарма, јазик и слични гурманлуци. Питата со пастрма некако си беше права пастрмајлија. Дури и јајцето конечно ми доби поента. Оти кај таа без пастрма вкусот на јајце е доминантен, а ваму фино ја урамнотежува тоа овчојната.
Туку, ај да не должам, пастрмајлиите беа одлични. Ќе да е дека сите оние куп луѓе што ги гњавев на почетокот имале право.

Како што викаат, пастмајлии се јадат само во месеците каде има „р“, значи крајот на сезоната опасно се приближува. Важно е дека сезона зима 09 не остана неискористена. Со новите модели ќе се јавиме наесен.
Правец кон маслодајната, па пруга под тркала и назад Скопје.

Ranti | 15.04.2009 | twitter