Од Thumper до Pumba...

Лани, некаде при крајот на летото, се пентаревме по падините на Бистра и како и секои прави спортисти завршивме во единственото отворено место во Галичник. Не велам кафана, бидејќи од основните кафански моменти кои треба да ги поседува еден објект за така да се нарече, овдека имаше само: ракија, галичко сиренце и турско кафе. Прегладнети ко што бевме, а и сиренцето под дифолт добро, сепак седнавме. Главата на куќата, се разбира дека е тоа бабата, го попрати дедото до дома да ни донесе од лебот што си го купиле за нив. Тие фино се снајдоа, ние фино замезивме. На испраќање добивме телефонски број со напомена: - Јавете се следниот пат кога ќе доаѓате навака, ќе ви зготвиме зајак.
Можете да замислите колку долга ми се виде зимата и колку тежок телефонот со бројот пишан внатре...

- Добар ден, ние сме во Маврово, осуммина, ќе може ли ветениот зајак во понеделник?
Ах колку долго чекав да ја кажам реченицава!
- Се разбира дека може.


photo © Ranti

Ручек време, околу 3. Припек, ама поминуваат некои облачиња па час подзамижуваш, час подаваш рака кон џакетчето. Од време на време осеќаш како ти гори раздељакот на темето, ама си викаш, заеби, ќе му ја мислам утре кога ќе се чешлам. На масата веќе донесена ракија, од белото надалеку познато сиренце, македонска салата со пиперче и потпечено лепче.
На соседната маса патници намерници. Не ја знаат тајната шифра, си грицкаат од пецивата од дома штo ги донеле и се туфкаат пред полупразната маса. Го дослушувам дедото како им објаснува: - Следниот пат да се јавите, гледате децана што фино си се најавија...
А ние... мацкаш и потпивнуваш, ама се стегаш некако, страв ти е да не се најадеш па да нема место за мевцето.

Наредби дава бабата, служи ќерката, а дедото, како прав мајстор во прав момент се појави со тавата в раце.

„Животинче диво, со кожувче сиво
Кора од дрво делка, многу сака зелка“


photo © Ranti

Сам го уловил. Голем околу 40-тина сантиметри - покажува со рацете. Спремен на грчки начин. Со саати крчкан во тава на многу кромид и трошка зарзават: морковче, патлиџанче…
Добивме и помфрит, на наше барање, иако ни рекоа дека само со лепче се јадело. А лепчето домашно, месено.
Неможеме да дочекаме да го пробаме.
Месото кревко, кревко, само се двои од коските. Кромидот примил мирис, станал сочен, вкусен, само од него ти доаѓа да си поткаснеш.
Не, не е „како пилешко“ и иако на некои најблиску им беше до џигер многу е неблагодарно да се споредува.
Беше одлично спремено и беше толку вкусно што си подмљацнувавме и долго одкога си кинисавме накај дома.


photo © Ranti

По соленото следува благо. Ах, си рековме да има домаќинката нешто спремено колку ќе биде добро... а тука таа, како да знае за што зборуваме вика – Скромно е, само раванија имаме, ако сакате. – Kако не, како не! Едната обична, со шербет, другата подомаќинска, полна ореви.

Прудолу поглед на Дебарско езеро, стомакот полн, устата благо насмевната и дедо Павле не испраќа со пар фотографии.
- Ова е вепар, зимото го фатив. Дива свиња. Да се соберете големо друштво да ви го зготвам следниот пат.
Ах проклетијата, прав домаќин, знае како да ме намести. Сега пак умот само таму ќе ми биде...

Ranti | 29.05.2009 | twitter