Caribou - Swim [City Slang, 2010]

Веќе долго време сум фасциниран од начинот на кој функционира канадската музичка сцена. Тоа беше главната причина за моето тврдење дека секој еден албум кој е производ на оваа живописна сцена самиот по себе повлекува епитети кои отприлика звучат вака: генијален, фантастичен, совршен и слично.
Еден од најиновативните музичари кои потекнуваат од Канада е и Dan Snaith - добитник на наградата Polaris, човек кој извесно време твореше под името Manitoba, но по една апсурдна тужба мораше да го промени во Caribou. Токму тој е еден од "мозоците" на современата (да не речам модерната) музика.

photo © cover

Со титула доктор во областа на математичките науки, важи за еден од клучните артисти од нашата генерација, а неговата комплексна, но ангажирана електронска музика е широко прифатена од критиката, но и публиката.
Од приспивна психоделија на Milk of Human Kindness до идиличниот летен поп албум Andorra, Snaith знае да функционира само така. Токму кога ќе помислиме дека конечно изградил препознатлив звук, тој повторно започнува да експериментира и целосно да го менува својот израз.
Па така, стигнуваме до последното издание на Caribou. Насловот на албумот е Swim, а доколку имаме потреба да го опишеме во само два збора, тие би биле - "звучен" и "луксуз". Веројатно ќе ви биде јасно што сакам да кажам, и само доколку го погледнете каверот. Албумот започнува со Odessa - инстант доза на среќа во својот најчист облик, толку моќна што успева да го зароби вашето тело до самиот крај. Swim е уникатна денс плоча на која Snaith го презентира својот раскошен талент како никогаш до сега.
И покрај целата разиграност, Swim содржи неверојатна хипнотичка атмосфера обвиткана со едноставни ритми и минимализам. Колку и да звучи чудно, потребна е исклучителна концентрација за конзумирање на овој албум на вистински начин.

photo © Michael Forester

Една од причините кои го прават Swim толку посебен е прецизноста и деталноста кои ги има во изобилство на секоја од песните. Snaith во едно свое интервју напоменува дека долг бил патот до овие девет песни и за да стигне до нив морал да мине низ повеќе од 600 идеи. Неверојатна бројка која генерира мал милион прашалничиња околу мојата глава, но веројатно само Dan знае како дошол до неа. Математичар. И ако ништо друго, без сомнеж ова е податок кој може да се користи во рубриката “занимливости”.
Дискутирајќи за насловот на своето последно издание, Snaith изјавува: Сакав да направам денс музика која ќе звучи како да е направена од вода, а не од метални материјали, како што вообичаено звучи денс музиката денес. Би додал - тоа го прави навистина успешно.
И ако мора да издвојам некоја песна, дефинитивно најмаркантна е Bowls. Опседната бајка. Секој дополнителен збор кој би го кажал за неа, ќе ја уништи магијата која таа ја носи со себе.
Swim звучи исклучително, дури и освежително природно, но и значително успорено, што можеби ќе ви звучи чудно доколку го земеме во предвид фактот дека станува збор за албум кој претендира да се најде на полицата на која пишува денс музика.



Caribou успева успешно да ги искомбинира овие две работи и да креира албум кому воопшто не му недостасуваат ритам и грув, а од другата страна содржи и неверојатна привлечност и убавина.
Во зависност од вашата моментална состојба, Swim може да ве успие, но и да ве натера безгрижно да танцувате со ширум отворени прозори радувајќи им се на сончевите зраци (кои очајно ни недостасуваат деновиве).

Оцена: 9/10

Артист:
Caribou
Албум: Swim
Датум на објава: 19 април 2010
Продуцент: Dan Snaith
Издавач: City Slang

Track listing:
1. Odessa - 5:15
2. Sun - 5:44
3. Kaili - 4:42
4. Found Out - 3:18
5. Bowls - 6:21
6. Leave House - 5:12
7. Hannibal - 6:15
8. Lalibela - 2:25
9. Jamelia - 3:58

Barrufet | 19.04.2010 | twitter