Bernays Propaganda - My Personal Holiday [PMG Recordings / Направи заедно, 2010]

Не би започнувал со клишеизирана реченица (какви што често се вртат) од типот: Да имаа можност овој албум да го објават за некој мејџор лејб, денеска ќе беа на насловните страни на сите еминентни музички магазини ширум светот. Бидејќи сум сигурен дека и да ја имаа таа можност, немаше да ја прифатат. Исто како што сум сигурен дека нема посетител на оваа веб страна кој не знае за Bernays Propaganda. Максимално сигурни и уверени во тоа што го прават, знаат што точно сакаат или подобро кажано што не сакаат. И сите свои ставови и погледи на светот на најдобар можен начин ги вклопуваат во својата музика. Дали сте подготвени за нивното второ издание?

photo © cover

My Personal Holiday започнува жестоко со разиграната Намести фризура и гладувај, со болно реални стихови на кои се базира секојдневието во оваа наша држава - “помоли се тој до тебе да пропадне, крив е што си проклето неспособен”. Вистински хит уште на прво преслушување. Следува исклучително заразната Булдожер. Песната преку која за прв пат имавме можност да го вкусиме новиот албум на Bernays Propaganda. Гарантирам дека многумина од вас уште долго после слушањето потпевнуваа Булдожер, ах, чк чк чк. Тажно е, но тој навистина има лиценца да руши се, се што ние сакаме.
Овој ден да помине, за прв пат на овој албум го презентира дуетот на Тина и Васко. Двата вокала неверојатно добро се вклопуваат и совршено се надополнуваат еден со друг. Некако, не чувствувам потреба да ги споредам со некој друг светски познат дует. Едноставно, тие се Тина и Васко и тоа е доволно за да се опише колку добро звучи оваа песна. Земја или држава, постои ли разлика? Едната раѓа, другата владее.
При крајот на албумот имаме можност уште еднаш да уживаме во нивниот дует. Ако не ми откажала меморијата, VIP in Paradise беше првата песна од овој албум која беше отсвирена на концерт. И веднаш ми беше јасно дека не очекува уште едно ремек-дело.
Уште една песна која би сакал да ја издвојам од ова издание без грешка е совршената Се плашам од луѓе. Според мојот вкус, ова е најдоброто парче музика што Bernays Propaganda го имаат направено до сега. Со нешто посмирена мелодија во споредба со фуриозниот почеток на албумот, но како контраст исклучително агресивен и болно вистинит текст. Се плашам од земјата во која предвреме се старее. Не баш пријатно соочување со суровата реалност. Знаат да линчуваат, а не знаат да зборат. Дали патриотите по секоја цена вљубени се во земјата и кога е болна?!

photo © Игор Костов

My Personal Holiday завршува со Кога е доволно, многу слично на Без превод од деби албумот Hapiness Machines, барем според сензибилитетот. Значително успорено и повторно со жесток текст. Голтни ја гордоста поради хармонијата.
Можеби можеше да се каже дека басот и тапаните ја сочинуваа основата на Hapiness Machines, но овој пат тоа се случува само на дел од песните. На остатокот од албумот предност имаат прецизно отсвирените гитарски делници од страна на Васко, а импресивно моќната ритам секција успева перфектно да ја докомплетира звучната слика на My Personal Holiday. Трипе и Џано со своето одлично музицирање и додаваат елемент на пргавост и разиграност на истата. Сепак, секоја чест на момците, но делува дека одличниот вокал на Тина е она што го носи целиот материјал. Со своите боцкави текстови кои се неверојатно моќни, Тина самоуверено плови врз жестоката музичка подлога.
Да сумираме, My Personal Holiday е албум без некој особено изразен фаворит, но токму во еднаквоста на деветте песни лежи квалитетот на второто студиско остварување на Bernays Propaganda. Звукот на албумот е лесно прифатлив и за поширокиот аудиториум. Поголемиот дел од материјалот има мелодија и заразност какви се очекуваат од песни кои претендираат да станат големи хитови. Ова е албум идеален за секоја прилика. За радио, за дискотека, за низ дома, па дури и за во канцеларија.. на рипит од 8 до 4. Ова е албум снимен со идеја и причина. Бесен и бунтовен. Иако не е возможно во целост да ја пренесе енергијата која ја емитуваат на своите настапи во живо, My Personal Holiday звучи далеку поприродно отколку неговиот претходник.
Ова е модерен и едноставен албум, албум кој е многу голем и значаен за целиот регион. Едноставно, убеден сум во ова мое мислење, а времето ќе покаже дали и колку сум бил во право.

Оцена: 9/10

Артист:
Bernays Propaganda
Албум: My Personal Holiday
Датум на објава: 26 април 2010
Продуцент: Ненад Трифуновски - Трипе
Издавач: PMG Recordings / Направи заедно

Track listing:
1. Намести фризура и гладувај - 4:21
2. Булдожер - 3:49
3. Овој ден да помине - 4:45
4. My Personal Holiday - 4:05
5. Преживеав - 4:26
6. Се плашам од луѓе - 3:40
7. Blackmail - 3:28
8. VIP in Paradise - 4:53
9. Кога е доволно - 3:55

Barrufet | 29.04.2010 | twitter