The National - High Violet [4AD, 2010]

Има толку многу музика на овој свет, па воопшто не е чудно што поголемиот дел од неа го пропуштаме или го слушаме со огромно задоцнување. Проблемот е кога со такво, огромно задоцнување ќе се преслуша ремек-дело какво што е Boxer на The National. Јас направив таква грешка. И го преслушав дури на почетокот на 2008. година. Можеби токму заради моите бодови, Boxer не стана најдобар албум во 2007. година според екипата која го подготвува Плагиј.ат. Со оваа рецензија ќе се обидам да ја поправам таа катастрофална грешка.
High Violet пристигна оптоварен од огромните очекувања кои го следеа. Тоа е и нормално кога станува збор за дело кое треба да биде наследник на албуми какви што се Alligator и Boxer. Јасно е дека не беше доволно да пристигне во форма на само уште еден добар албум, тој едноставно мораше да биде брилијантен. Класика на новата генерација. И што добивме?

photo © cover

Одмерена, меланхолична колекција која звучи прекрасно уште при првото преслушување, но звучи многу подобро после пет преслушувања и (сеуште) открива нови брилијантни детали и кога ќе го пуштите албумот по петнаесетти пат. Возбудливо издание кое е гласно, извалкано и значително подиректно од се она што The National имаат направено во минатото. Ова не е нова ера во нивната кариера, колку што е следен логичен чекор кој нивната музика мораше да го направи. Целосниот звук и не е до толку изменет. Музиката која ја носи High Violet е типична за овој бенд.
Тоа што го одвојува овој албум од неговиот претходник е вештото одбегнување на “тешката” продукција која имавме прилика да ја вкусиме на Boxer. Тоа беше главната причина што беше потребно подолго време за истиот да се “свари”, со сите мачни звучни пејсажи кои ги имаше во изобилство. За разлика од него, High Violet е одработен многу поискусно, со перфектен баланс помеѓу пространите и згуснатите делови.
Постои изопачена убавина во суптилната морбидност. Очигледно, момците од бендот многу добро го знаат тоа и одлично го користат на својот последен албум. Тие успеваат да ги претворат неудобноста и оддалеченоста во нешто мрачно, но несфатливо фино.
Албум го отвора Terrible Love, песна која имавме прилика да ја чуеме како прв сингл. Звукот на ѕунливите гитари и пијаното веднаш не внесуваат во магичниот свет на The National. Приземјена и опуштена мелодија се до моментот кога влетува рефренот и носи бура со себе. Мрачната Sorrow ги носи најмоќните стихови на ова албумско остварување. Sorrow found me when I was young, sorrow waited, sorrow won. Зарем е потребен дополнителен коментар?
Централното место на албумот го завзема Bloodbuzz Ohio. Со посредните стихови на Berninger кои креираат комплексен сплет на емоции, кои можат да значат и се и ништо во исто време. И додека тој со својот моќен вокал пее I was carried to Ohio in a swarm of bees, I was never married, but Ohio didn't remember me, сигурен сум дека ќе доживеете нешто слично.

photo © www.myspace.com/thenational

Сосема очекувано, тивките песни се најефективни. Vanderlyle Crybaby Geeks се движи околу циклична мелодија и едноставни стихови. Runaway е многу посуптилна, не пламнува во целосна експлозија како што можеби очекуваме, но прекрасната труба и носи вонвременска димензија. Тоа е песната која најмногу потсетува на мелодијата и атмосферата од Boxer. We don’t bleed when we don’t fight, go ahead, go ahead, throw your arms in the air tonight.
И наместо да ги набројувам сите песни би додал.. едноставно, не постои лоша песна на овој албум. Обично кога луѓето ќе изјават нешто вакво, под тоа подразбираат дека сепак постои некоја слаба точка. Колку и да е минијатурна и незабележлива. Но кажувајќи го ова за High Violet и буквално сметам дека не постои ниту еден слаб момент. Сите на кои им е познат начинот на кој функционираат The National нема да се изненадат од моето тврдење.
High Violet е многу широк и речиси незадржлив албум. Секоја од песните кои го сочинуваат содржи триумфален и одекнувачки сјај. Постојат и мирни моменти на албумот, но и тие делуваат прилично наметливо.
И да сумираме.. веројатно е сосема нормално вака да звучи еден бенд кој функционира со огромна доверба во тоа што е и во тоа што може да го постигне, а The National е токму таков бенд. За среќа тие се бенд на нашата генерација.

Оцена: 9.5/10

Артист:
The National
Албум: High Violet
Датум на објава: 11 мај 2010
Продуцент: The National и Peter Katis
Издавач: 4AD

Track listing:
1. Terrible Love - 4:39
2. Sorrow - 3:25
3. Anyone's Ghost - 2:54
4. Little Faith - 4:36
5. Afraid of Everyone - 4:19
6. Bloodbuzz Ohio - 4:35
7. Lemonworld - 3:23
8. Runaway - 5:33
9. Conversation 16 - 4:18
10. England - 5:40
11. Vanderlyle Crybaby Geeks - 4:12

Barrufet | 11.05.2010 | twitter