Interpol - Interpol [Matador/Soft Limit, 2010]

Колку ние луѓето и да тврдиме дека сме отворени ,жедни и гладни за новости и промени,искуството вели дека тој авантуристички дух постои само теоретски. Во вистинскиот живот, речиси никој не сака да се одвои од рутината и да пробува нови работи, односно да ги менува старите, веќе проверени. Било тоа да е нов комјутерски софтвер, поинаква перница, или можеби звукот на омилениот (или барем почитуваниот бенд). Оттаму и очекувани се бурните и главно негативни рекции на интернет во врска со новиот албум на Interpol.

Интерол постојат на музичката сцена веќе со децении. За тоа време злобниците постојано се обидуваат да ги испоганат, оспорувајќи ја нивната оригиналност и споредувајќи ги со бендови кои твореле во минатото. И покрај тоа Interpol од година в година, од еден до друг албум си ја проширува базата на фанови. Оваа есен го издадоа четвртиот албум во кариерата насловен едноставно Interpol. Чуден наслов за бенд кој постои долго време. Што знам... можеби на тој начин сакат да укажат на нова ера во творештвото, нешто како нов почеток.

photo © cover

Да не претеруваме, не е дека Interpol се радикално променети. Не ги замениле нивните сакоа со хеланки и не станале диско бенд. Вистината е дека тие сè уште се истите Interpol кои ги сакаме, со по некоја измена. Првенствено и најзначајно, 'рбетот на бендот, човекот што со неговиот бас на плеќи го носеше звукот -Carlos Dengler си замина. Како компензација за него дојдени се двајца, David Pajo на бас и Brandon Curtis на клавијатури. Во меѓувреме, со помош на животот и ситуациите што тој ги нуди Paul, фронтменот на бендот се чини доста созреал. И тоа се чувствува во музиката, на ниво на мелодија, атмосфера и текстови. Херметичните и неретко претенциозни стихови на Paul сега се заменети со доста јасни и емотивно набиени зборови. Се чини во процесот на созревање неговите гласни жици претрпеле промени, сега пее некако подлабоко, помрачно, помоќно.

Албумот е составен од десет песни, кои не се само купче разнолики мелодии среќно споени на едно место, туку, напротив, сите ги поврзува една нишка, главната тема на албумот - емотивните урнатини што крајот на една врска ги остава зад себе. Пред да превртите со очи од досада или да почнете да зевате од истата причина, да нагласам: Paul е кул. Наместа се шегува на своја сметка (суптилно, морам да признаам), очаен е, но не и патетичен. Тапаните бијат, жиците завиваат, клавијатурите срамежливо додаваат лирски бои во таа инаку темна атмосфера, а вокалот вооружан со моќни стихови пробива низ цврстата цинична обвивка и стигнува директно во срце.



Интернет му се настрви на албумот, критикувајќи ги песните и нивниот неуспех веднаш да влезат во уво. И вистина е, освен една до две нумери, нема многу радиски хитови на албумов. Наместо тоа, има атмосфера, приказна. Ако се препуштите целосно албумот ќе ве води низ чувствата на еден напуштен човек што се обидува да се справи со новата незавидна ситуација. Почнува со песната Sucess, парадоксално безуспешен обид да се убеди себеси дека успеал да ја надмине тагата (I have succeded I won't compete for long). Овие безуспешни обиди ќе се јават уште неколку пати во текот на албумот. Продолжува со себеиспитување и наместа тажни обиди да ја убеди дамата да се врати. Don't have to say that you'd love to/ But baby please that you want to/ Someday. Како секој ранет љубовник, така и тој е подложен на себесаботажа. Гледа дека другата страна продолжила, но тој е заглавен во минатото и во мисли како да ја врати.. But I feel this way/Feel this way/I steal, I heal, and I do it again/Over and over and over and over. Инструменталната изведба, и чувствата кои не може да се сокријат и излеваат од гласот на Пол ги прават стиховите моќни и продирачки, а целата атмосфера прогонувачка. И нема патетика, нема барање за сожалување. Има само сирова емоција излеана во музика.

Ако албумот не ве воодушеви од прва, дајте му уште една шанса. Ослободете се од предрасуди и дозволете му да ви се обрати. Сигурно нема да зажалите.

Оцена: 9/10

Артист: Interpol
Албум: Interpol
Датум на објава: 7 септември 2010
Продуцент: Interpol
Издавач: Matador/Soft Limit

Track listing:

1. Success
2. Memory Serves
3. Summer Well
4. Lights
5. Barricade
6. Always Malaise (The Man I Am)
7. Safe Without
8. Try It On
9. All of the Ways
10. The Undoing

Gwendolyne | 17.09.2010 | twitter