PJ Harvey - Let England Shake [Island, 2011]

Во долгогодишната кариера која започна пред деветнаесет години, музиката на PJ Harvey постојано се менуваше и речиси постојано фасцинираше. Започнувајќи со панк блуз шмек на Rid Of Me преку меланхоличната електроника на Is This Desire?, па се до култниот Stories from the City, Stories from the Sea кој успеа да собере неколку номинации за Grammy и BRIT Awards, но и да биде крунисан со наградата Mercury токму на фамозниот 9/11. Следуваше период кој морам да признаам дека ме разочара. White Chalk беше премногу минималистички и монотон за мојот вкус. Неговиот претходник, Uh Huh Her нефокусиран и сиров.

photo © cover

Сепак, способноста да се движи помеѓу жанровите, е токму тоа што го одржува нејзиното творештво толку витално. Што не очекува сега? Доволно е да фрлиме поглед на насловот на последниот албум и да ни стане јасно дека пред нас имаме нешто што ќе донесе силен потрес на музичката сцена.
На Let England Shake таа започнува историско музичко патување во обид да го дефинира својот однос со земјата во која е родена. Музичко патување кое се движи од времето на колонијализмот преку Првата светска војна, па се до денес. PJ Harvey ја истражува војната, нејзината висока цена и улогата на агресор и спасител на нејзината сакана Англија. Или преточено во стихови: The country that I love, England, you leave a taste, a bitter one.
И покрај тоа што Harvey го порекнува политичкиот мотив, ова без сомнение е жесток протестен албум. Зарем не е доволно да споменеме дека Harvey ја промовираше насловната нумера гостувајќи во шоуто на Andrew Marr, настапувајќи пред премиерот Gordon Brown.
Океј, што ни носи последниот албум на PJ Harvey? Изненадувачката поп ориентирана ритам секција, создава весела атмосфера, иако станува збор за исклучително сериозен и мачен албум. Сепак, тоа не значи дека треба да очекувате radio friendly мелодии како на Stories from the City, Stories from the Sea. Тие на Let England Shake се ексцентрични и еклектични. Единствената споредба можеме да ја направиме на начинот на кој албумот лесно “тече” од почетокот до крајот.

photo © www.pjharvey.net

Токму насловната нумера го отвора нејзиното последно остварување, веднаш давајќи ни до знаење дека умерената инструментација специфична за White Chalk, беше карактеристика само на тој албум. Таинствениот вокал на Polly Jean преовладува и овој пат, но сега е придружен од многу поисполнети аранжмани. Аутохарфата, инструментот кој постојано го користеше на своите соло настапи, се појавува на поголем дел од Let England Shake и има неверојатно богат звук.
Албумот има суптилни додатоци како што е звукот на воените труби во The Glorious Land или плачот на женскиот хор во England. The Words That Maketh Murder игриво се повикува на Summertime Blues од Eddie Cochran. What if I take my troubles to the United Nations?
Кога пее за својата нација, а тоа го прави често, Polly изразува еуфорија и гадење во исто време. Прекрасната The Last Living Rose започнува со стиховите: Goddamn, Europeans! Take me back to beautiful England!
Централното место на албумот е резервирано за All and Everyone, песна која во речиси шест минути ни носи текст со епска димензија. Harvey во ова ремек дело ни раскажува за крвавата битка во Gallipoli на почетокот на дваесетиот век, битка која однесе речиси половина милион животи.
Секогаш постои ризик дека албум исполнет со воена поезија, со себе да носи чувство на депресивност. Сепак, количеството на болка кое го содржи Let England Shake е лесно подносливо благодарејќи на музиката која “дрма”.



PJ Harvey успева да го пренесе ужасот кој војната го носи со себе на начин на кој малку артисти се способни или доволно храбри да го направат. Албумот не осудува, туку им остава на неговите конзументи сами да донесат свој заклучок.
Наметлив и фантастично ритмичен, Let England Shake е првокласно остварување. Храбар и самоуверен, веројатно поинаков од се она што ќе имаме прилика да чуеме годинава.

Оцена: 9.5/10

Артист:
PJ Harvey
Албум: Let England Shake
Датум на објава: 14 февруари 2011
Продуцент: PJ Harvey, John Parish, Mick Harvey и Flood
Издавач: Island

Track listing:
1. Let England Shake - 3:09
2. The Last Living Rose - 2:20
3. The Glorious Land - 3:34
4. The Words That Maketh Murder - 3:45
5. All and Everyone - 5:39
6. On Battleship Hill - 4:07
7. England - 3:09
8. In the Dark Places - 2:58
9. Bitter Branches - 2:20
10. Hanging in the Wire - 2:42
11. Written on the Forehead - 3:40
12. The Colour of the Earth (featuring Mick Harvey) - 2:32

Barrufet | 17.02.2011 | twitter