Nikola Kodjabashia and Foltin feat. Goce Stevkovski - Penelope X [Litium/Filter, 2011]

Ја освоија јавноста со надреалните музички прикази на Дон Кихот, навлегоа во срцата и будеа страсти со Лолита, шепотеа стихови од Блаже Конески, а сега нè носат на патување со Одисеј. Нивното име е Фолтин , нивниот најновиот албум се вика Penelope X и е направен во соработка со Никола Коџабашија и Гоце Стевковски.

photo © cover

Бсушност, Penelope X е составен од песни компонирани од Коџабашија, оплеменети со сензибилитетот на Фолтин и ритамот на Стефковски. Овие исклучителни музичари не се само музички соработници туку воедно и пријатели, па тоа нивно надсетилно и надјазично разбирање, кое може да го постигнат само сличните по дух се чувствува низ целиот албум.

Фолтин ги знаеме како палавковци кои не штедат ни инструменти ни играчки ни какви било средства за да си играат со музиката. Меѓутоа тука, таа нивна игривост е умешно зауздана со клавишите на Коџабашија и цврстиот ритам на Стефковски. Трите „табори“, преку музиката постојано говорат меѓусебе со говор кој е мевлем за душа. Иако Коџабашија е „мастермајндот“ на песните, неговото влијание се забележува во позадината. Неговиот клавир со нежните звуци го смирува темпераментот на Фолтин. Дозволено им е да си играат, но сега тоа го прават на поинаков, посмирен начин.



Низ песните се појавуваат духовите на разните девојки, заводнички, сирени. Се пее за љубовта и страста. Но, Penelope X е и приказна за патување навнатре низ лавиринтите на еден немирен дух чиј глас може да се слушне во мртвата школка. Дух кој дише во ритамот на морето и за кого брановите се единствен патоказ. Музиката е обвиткана во длабока меланхолија. Има игривост, но има и силна свеснот за минливоста, за брзината со која животот минува. Притоа се испреплетуваат звуци од најразлични жанрови. Балкански битови со lounge музика, нежно пијано со палави звуци, drum and bass со сенитиментална мелодија... И сè тоа е изведено мајсторски, како што само овие луѓе знаат. Од секоја состојка има таман толку доза, за да се добие вистински деликатес.

Penelope X е албум кој со секое наредно преслушување станува сè поволшебен. А големите очекувања кои секој би ги имал од една ваква соработка се повеќекратно надминати.

Оцена: 9,5/10

Артист: Kodjabashia and Foltin feat. Goce Stevkovski
Албум: Penelope X
Датум на објава: 18 март 2011
Издавач: Litium/Filter

Tracklist:
1. Kouros
2. Penelope X
3. To Whom Do You Belong Now?
4. Na Na (Sirens) (feat. Rebeka)
5. Cinderella Man
6. True Blue Eyes (Calypso)
7. Dawn of the Rose Red Fingers (feat. Rose Betts and Angelina Kodjabashia)
8. The Pillars of Hercules (Homecoming)

Gwendolyne | 06.04.2011 | twitter