TV on the Radio - Nine Types of Light [Interscope, 2011]

Верувам дека ќе ми дозволите да ги препишам првите четири реченици од освртот за Dear Science, кој го напишав пред речиси две и пол години на истиот овој портал.
Колку е едноставно да се направи ремек дело. Тоа беше првото нешто што го помислив откако го преслушав последното остварување на TV on the Radio. Леснотијата при создавање на генијален албум и не треба да звучи чудно, ако се има во предвид дека петорката која доаѓа од центарот на музиката, Њу Јорк важи за еден од највозбудливите и најиновативни indie бендови од помладата генерација. Епитети кои ги заслужија со својот експериментален пристап кон музиката, при што мешајќи различни жанрови создадоа еден нов, посебен и карактеристичен.
Денес, две и пол години подоцна, овие четири реченици се единствената константа која ни останува во моментите кога дискутираме за TV on the Radio. Се друго е исклучително променливо.

photo © cover

Ако барем површно сте ја преслушале дискографијата на овој симпатичен бруклински состав, сигурно ќе се согласите со моето тврдење, дека и после четири студиски албуми и цела деценија зад себе, TV on the Radio не престануваат да се развиваат. Во едно свое интервју, вокалот Tunde Adebimpe изјавува: “Не познавам ниту еден човек кој слуша само еден музички стил.” - и погодува точно во центарот на метата.
Nine Types of Light го привлекува слушателот со возбудливи хармонии и нежни стихови, при што му го грабнува вниманието во истиот момент и го задржува се до крајот на албумот.
Албумот е разигран и со својата енергија перфектно се надоврзува на комбинацијата од “мек” панк и електро-фанк која можевме да ја слушнеме на Red Dress и Dancing Choose од Dear Science,. Прва на листата е Second Song. Од старт ни ја навестуваат промената на правецот која ја прават. За разлика од моќните “отварачи” од претходните албуми, Second Song е песна со срце. Не е песна за играње, ниту пак е “уметничко” урлање врз неподносливо бучна позадина. Second Song е искрена љубовна песна.
Трансформацијата која TV on the Radio ја прави веројатно е најдобро воочлива на Keep Your Heart. If the world falls apart, I’m gonna’ keep your heart. - емотивно пее гитаристот Kyp Malone, додека остатокот од бендот спокојно ја донесува оваа моќна шестминутна балада. Рамномерниот ритам креиран пред се од Jaleel Bunton не води до You. Песна која воодушевува со својот електронски шарм. You’re the only one I ever loved - одѕвонува додека мозаикот од бука и возбудливо зуење го опкружува ова одлично парче.

photo © myspace.com/tvotr

Со No Future Shock, TV on the Radio се враќаат на за нив добро позната територија. Весела денс мелодија која ни покажува колку едноставно овој бенд префрла од прва во трета брзина. Сега, откако се на свој терен, не е тешко да продолжат со Killer Crane. Со повеќеслојната и перфектно синтетизирана звучност оваа песна се издвојува како една од најдобрите во целокупното творештво на TV on the Radio. И додека првата половина од албумот е воглавно фокусирана на инертни, но прекрасни балади, втората половина се придвижува и комплетно го менува идентитеот на Nine Types of Light.
Синглот Will Do е алката која ги држи двете страни од албумот заедно. What choice of words will take me back to you? - го прашува отсутниот љубовник додека се претопува во нервозната и лута втора страна од албумот. Љубовта која не воведе во прекрасната Second Song сега е заменета со електрично пулсирање во првокласната динамична Repetition, а на целата таа жестина се надоврзува и Tunde Adebimpe кој непрекинато вреска: my repetition, my repetition is this. Без сомнеж, најагресивната, френетична песна што ја имаат направено. Евентуално Wolf Like Me би можел да ја уфрлам пред неа на врвот. Во секој случај вонсериско парче музика.
Nine Types of Light го затвора одличната Caffeinated Consciousness, песна која по својот сензибилитет потсетува на творештвото на Pixies. И тоа е баш фино.
Nine Types Of Light е величествен приказ на звуци перфектно вклопени во албум кој е експериментален без да биде претенциозен и меланхоличен без да биде мелодраматичен. Ова е албум кој и после неколку последователни преслушувања, повторно ќе ве мами да кликнете на копчето на кое пишува play.



Можеби е клише секој нареден албум на TV On The Radio критиката да го дочекува со ширум раширени раце и при тоа да се расфрла со фрази од типот на “најдобро бендовско остварување до сега”, но сето тоа не е без причина. Современици сме со бендот кој постојано ги менува својот облик и форма, дури и кога апсолутно нема потреба од такво нешто. И тоа го прави исклучително успешно. Нели е тоа добра причина да прославиме? Нормално, со уште едно преслушување на Nine Types of Light.

п.с. Не го пропуштајте видеото поставено во склоп на овој осврт. Океј, трае речиси еден час, но нема да зажалите ниту за една секунда.

Оцена: 9.3/10

Артист:
TV on the Radio
Албум: Nine Types of Light
Датум на објава: 12 април 2011
Продуцент: David Andrew Sitek
Издавач: Interscope

Track listing:
1. Second Song – 4:22
2. Keep Your Heart – 5:43
3. You – 4:05
4. No Future Shock – 4:03
5. Killer Crane – 6:15
6. Will Do – 3:46
7. New Cannonball Blues – 4:34
8. Repetition – 3:46
9. Forgotten – 3:40
10. Caffeinated Consciousness – 3:21

Barrufet | 18.04.2011 | twitter