Jeniferever - Silesia [Monotreme Records, 2011]

Шлезија е историски регион во Централна Европа од кој поголемиот дел се наоѓа во Полска, а помали делови има во Чешка и Германија. Шлезија е богата со минерали и природни ресурси и во неа се наоѓаат неколку значајни индустриски зони. Најголемиот, историски главен град во Шлезија е Вроцлав. Други поголеми градови се Ополе и Катовице во Полска, Острава и Опава во Чешка и Герлиц во Германија.
Silesia e името на третиот студиски албум на Швеѓаните Jeniferever. Овој пат, наместо класична рецензија, ви ги пренесуваме коментарите за секоја од песните кои членовите на бендот ги дадоа за веб страната God Is In the TV.

Silesia

Fredrik:
Веројатно мојата омилена песна од албумот. Silesia ме насочи кон нови правци. Беше некаков вид на просветлување и навистина ме инспирираше да пробам нови работи. Поритмична е, помрачна и ми се допаѓа нејзината едноставност. Сè звучеше супер уште од почетокот. Мислам дека ако не ја направевме Silesia целиот албум ќе беше поинаков. Мило ми е дека успеавме да го зачуваме тоа што звучеше толку добро на пробите и да го снимиме на диск.

photo © cover

Kristofer: И мене ова ми е омилената песна од албумот и една од омилените песни на Jeniferever воопшто. Една од оние песни кои сами се пишуваат. Песните кои секогаш најмногу ги сакам се оние кои имаат најсилни теми во текстовите, а оваа е за денот кога дознав дека татко ми почина и тоа прави песната уште повеќе да ми значи. Името доаѓа од старото име на Берлинската источна железничка станица. Сакав да ја наречам според нешто што се наоѓаше во близина на местото каде што бев кога дознав дека татко ми починал. Исто така ми се допаѓа идејата името да биде според железничка станица, зашто тоа е место на движење, место на доаѓања и поаѓања, место за средби и збогувања.

Martin: Во оваа песна сакавме сè да базираме на ритамот, така јас речиси целата песна ја свирам со delаy на воспоставеното темпо. Веројатно ова е најминималистичкото нешто што досега сме успеале да го направиме. Мене ми беше очигледно дека оваа песна ќе го отвори албумот.

Waifs & Strays

Olle:
Ми се допаѓа крајот на песната, целиот беше неиспланиран. Ја смисливме бас линијата и тапаните и ги снимивме за време на главното снимање во Гетеборг. Потоа Мартин го сними гитарското соло, дома со мало Samick појачало и јас само го снимив делот на синтизајзер во просторот за проби. Мислам дека сите сме малку изненадени за тоа како излезе кога ги споивме сите делови. Никој не мислеше дека ќе звучи така. Многу ми се допаѓа како сите се движат накај некој свој правец. Малку хаотично, но во позитивна смисла.

Kristofer: Бас гитарата има поголема улога на овој албум, во споредба со претходните, особено споредено со побрзите песни, како што е оваа. Многу ми се допаѓа начинот на кој прави стиховите да се слеваат со тапаните со фанки звук. Ова е една од оние песни кои ги свиревме на проби и мислевме дека не е многу добра, ама среќен сум дека ја задржавме. Човек никогаш не треба да се плаши да експериментира, треба да се предизвикува себеси и неговите претходни дела, затоа што од тоа може да испаднат најдобрите песни кои некогаш ги напишал.

Martin: Секогаш кога го свирам главниот гитарски дел со специфично штимање (штим што го користев за поголемиот дел од Spring Tides) пропаѓам во песната. Ми се допаѓа дека има drone и фолк елементи, но исто така е тажна. Веднаш штом џемувавме врз гитарскиот рифот, знаев дека ќе биде добро.



The Beat of Our Own Blood

Fredrik:
На почеток не беше толку фанки колку што испадна. Не знаевме каде да ја насочиме, па се одлучивме за нов ритам и потоа одеше брзо.

Martin: Главниот гитарски риф беше едно синкопираното чудо со кое што си играв, но требаше време додека да го погодиме во заедничкото свирење.

Olle: Мелодијата на баритон гитарата во рефренот почна како шега. Цело време мислев дека ќе ја променам за финалната верзија, но по некое време ми се залепи и сега мислам дека е доста фина, чиста водечка мелодија за рефренот, што е малку невообичаено за нас.

Kristofer: Вокалите за оваа песна ги снимив дома, сам, дента пред да почнеме да го миксаме албумот, а натснименото пијано за рефренот беше снимено на пијаното кај мене дома истата таа вечер. Како и обично, сè во последна минута, ама мислам дека излезе добро. Ова е уште една од моите омилени песни кои ги имаме направено.

A Drink to Remember

Martin:
Долго време користевме имиња на места и градови како работни наслови. Оваа се викаше Бремен, зошто го смислив гитарскиот дел во хотелска соба додека бевме на турнеја. Си играв со нов гитарски штим и го снимив делот што сега е вовед и стих на мојот лаптоп. Подоцна, кој знае зошто ја нарековме Детроит. Имавме многу проблеми да ги склопивме сите различни делови од неа. Ми се допаѓа дека по вториот стих се менува и станува малку помрачна. Секогаш ја доживував оваа песна како епска, дива, но мислам дека никој од нас немаше поим како ќе излезе. Понекогаш пишувам по некој текст за секој албум, а за овој албум ова е единствениот текст што го напишав. Се работи за неколку различни нешта. За тоа да се биде некаде или некој и желбата да се биде на друго место и да се биде некој друг, за заминување кое што мора да се случи затоа што во спротивно едноставно би дошло до споро исчезнување. Исто така зборува и за чувството на неприпаѓање никаде.

Deception Pass

Martin:
Ова почна како многу поспор гитарски риф на кој не знаев што да му правам. Потоа го свиревме побрзо и поритмично, па јас почнав да свирам нешто друго. Оригиналниот гитарски дел го свирам само во првите десетина секунди. Ми се допаѓа менувањето на скалата во „рефренот“ или што и да е. Ми се допаѓа и потешкиот дел што влегува веднаш по вториот „рефрен“. Излезе добро, во смисла на тоа дека е најтешката песна на албумот, но сепак е доста мелодична ако се заслуша подобро.

photo © n.a.

Kristofer: И за оваа песна гитарите ги снимив во последна минута, имаат рок звук и гласни се, а всушност се снимени многу тивко во мојата дневна соба, за да не полудат комшиите. На една од првите снимки од пробите на оваа песна Martin со гитарата свири нешто без врска додека последните акорди избледуваат. Отсекогаш ми се допаѓаше мелодијата што ја отсвире, па ја снимив на пијано навистина брзо на снимањето на песната Cathedral Peak. Мал детал што многу ми се допаѓа.

Cathedral Peak

Fredrik:
Ова е првата песна што ја снимивме за албумот. Кога ја слушнавме по првата изведба мислам дека сите многу се возбудивме за тоа како сè звучеше. Прво затоа што претходно никогаш не сме снимале во толку добро студио како Svenska Grammofon и второ затоа што тоа беше првпат да снимаме песна во живо, па можевме да си слушнеме сите инструменти одеднаш од самиот почеток.

Kristofer: Уште една од моите омилени песни од албумот и втората и последна песна која е за смртта на татко ми. Зборува за мене и мојата фамилија и како на сите животите ни се променија за само една вечер, дека е лесно да се изгубат нештата кои можеби ги земаме здраво за готово. Едне од омилените моменти на целиот албум ми се рефрените на оваа песна, ми се допаѓа како моето пијано и акустичната гитара на Martin се претопуваат едно во друго.

Martin: Кој знае зошто, почнав да свирам без трзалица и да правам звуци што (барем мене) ме потсетуваат на седумдесетите, врз стиховите (и рефрените, но на крај ги тргнавме од поголемиот дел од рефрените). Сакав да постигнам класичен дисторзиран гитарски зук и само импровизирав. Дома во нашето студио ми текна дека на рефрените им треба нешто повеќе па додадов 12 жичана гитара и две различни обични акустични гитари. Тоа им го даде на рефрените тој густ, но не премногу различен звук.

Where the Hills Fall Towards the Ocean

Fridrik:
Најстарото парче музика на албумот. Почна одамна, како џем сесија и така и остана. Не знаевме дали ќе оди на албумот и не ја ни вежбавме, ама решивме да ја снимиме. Ни требаше еден час или така нешто, баш пред да се спакуваме и да си одиме од Svenska Grammofon Studion во Гетеборг.

photo © Johan Alp

Kristofer: Кога правиме нови песни секогаш ги снимаме деловите како што сме ги отсвиреле на проба, за да не ги заборавиме и многу често овие снимки излегуваат добро и многу е тешко потоа да се репродуцира првиот момент кога свириш нешто. И така за Where the Hills… го искористивме крајот од првото снимање на пробите и го прилепивме на студиската снимка од Гетеборг. Значи последната минута на оваа песна е всушност првиот пат кога џемувавме на тој риф во 2009-та.

Martin: Ова мене не ми е баш „песна“, повеќе парче музика што те одмара од остатокот од албумот. Како интермецо или нешто такво.

Dover

Fredrik:
Почна со идејата на Kristofer за риф базиран на клавијатури. Тоа стана стих од песната и звучи речиси исто како денот кога првпат го отсвиревме. Многу брзо се склопи. Но имавме потешкотии да ја комплетираме песната. Вториот дел од неа беше двапати подолг и имаше уште еден риф што одлучивме да го тргнеме.

Kristofer: Ова звучи како клише од некој стар рокументарец или некој класичен албум, но тој риф со кој почнавме ми се појави на сон! Се разбудив и веднаш отидов на пијаното во соба и го снимив на мобилен, за да не го заборавам. Пишувањето музика понекогаш функционира на мистериозни начини!

Martin: Дел од оваа песна веднаш звучеше супер. Мислам дека сите веднаш си го најдоа местото во неа. Користам компресор и многу рефрени и дисторзија низ целата песна за да произведам долги, гласни ноти. Забавна песна за снимање.

Hearths

Olle:
Ова е прва песна на Jeniferever за која го напишав текстот, па мене навистина многу ми значи. Се обидов да создадам слики со текстот, наместо да пишувам за некоја одредена тема, но додека пишував почнав да сфаќам што овие слики ми значат и за мене оваа песна е за тоа што е дом и за луѓето што ги сметаш за твоја фамилија. Исто така доста рано одлучивме стиховите да ги оставиме раштркани. Ако не го одлучиме тоа уште на почеток, обично ја пополнуваме секоја дупка во песните.

Martin: Гитарскиот дел е нешто на што се обидовме да работиме помеѓу турнеите на Spring Tides. Едноставен е ама сметав дека треба да се обидеме да извлечеме нешто од него. Крајниот резултат беше еден од оние џем сесии на кои свириме до бескрај. Мислам дека е добро дека целата песна се менува полека до последниот дел. Малку е симфонична, но на добар начин.

Barrufet | 09.05.2011 | twitter