Bei the Fish - Just an Idea!? (atto primo) [Self released, 2011]

Just an Idea!? (atto primo), последното студиско остварување на секогаш возбудливите Bei the Fish пристигна во форма на мјузикл. Ако земеме предвид дека театарот воопшто не им е непозната територија, овој податок не би требалo да звучи како некое големо изненадување. Овој пат, не станува збор за подготовка на музичка подлога за некоја театарска претстава, туку за комплетен проект осмислен од четворката која стои зад името Bei the Fish. Оригинални како и секогаш, Окац и екипата го донесоа еден од највпечатливите албуми оваа година. Стилски на трагите на мојот омилен Look Up, албумот започнува со завршена љубовна приказна, а завршува со почеток на нова. Љубовта, среќна или несреќна е неисцрпна инспирација за огромен број на уметници.

photo © Анита Гај

Токму со означувањето на крајот на една љубов започнува третиот студиски албум на Bei the Fish. И додека главниот јунак се бори со болката која го обвива неговото срце, хорот го поставува клучното прашање: Can you go on livin' without love? Прашање кое е многу повеќе од само еден стих.
Следува првиот сингл, песната која некогаш се нарекуваше When He Was Young. Детски спомени за идеалната жена. Претпознатлив груви звук. I still hear that tango every day. Главниот јунак ја бара насекаде девојката која не може да се спореди со ништо друго. Ја бара дури и во своите соништа. И конечно налетува на неа во сообраќајниот хаос на Big City-Mixed Up. Инвентивно, одлично одработено парче. Површен разговор помеѓу неа и него, разговор кој не воведува во втората половина од албумот.

Залудни телефонски повици. Стихови преплетени со очај кои се повторуваат во недоглед. Жестоко финале кое ја најавува најслатката песна на Just an Idea!? (atto primo). I’m on My Own започнува пролетно, весело и сончево. Оптимизам на квадрат. Мелодијата се развива интензивно и како богат огномет се распрскува на сите страни. Во еден миг сé запира. Ја слушаме нејзината исповед. Нејзината приказна за идеалниот маж.

photo © Игор Тодоровски

Уште еден телефонски повик. Се вклучува телефонската секретарка. It’s just a game to play. Претпоследна на листата е Inter Mission, песна која е против сите правила за тоа како треба да звучи една композиција - вели Окац во едно свое интервју. Прилично кратко, но апсолутно јасно. We're talking about love, right? Just an Idea!? (atto primo) завршува со нивниот прв состанок. Таа доцни, тоа го прави нервозен. Се среќаваат. Низа неповрзани муабети и еден голем прашалник. Дали сé е ова почеток на една нова љубов? Не ни останува ништо друго, освен со нетрпение да го чекаме второто продолжение.

Музиката речиси и да не ја споменав до сега, но некако и не почувствував дека е потребно да ја опишувам на долго и на широко. Мислам дека ќе биде доволно ако кажам дека таа е прилично заводлива и неодоливо слушлива. Постојано ја следи приказната, а на моменти е и подобар раскажувач од самите стихови. Некако, во ниту еден момент не помислив дека нешто недостасува или дека нешто штрчи. Секоја една нота е на своето место.



Цреша на врвот на тортата се неколкуте гостувања. Генијалниот Бранислав Николов од Фолтин и Каролина Гочева неверојатно добро се снајдоа во улогите кои ги добија во овој мјузикл, а Ola Dios со разиграните хип-хоп рими му дава нова димензија на класичниот Bei the Fish звук. Го збогатува и го освежува.

Епа драги мои, не преостанува ништо друго, туку стрпливо да го дочекате 21-ви мај и да уживате во уште едно ремек-дело на Bei the Fish.

Оцена: 8.3/10

Артист:
Bei the Fish
Албум: Just an Idea!? (atto primo)
Датум на објава: 21 мај 2011
Продуцент: Огнен Анастасовски
Издавач: Self released

Track listing:
1. It's Over - 5:05
2. When I Was Young - 4:43
3. The Dream - 4:37
4. Big City-Mixed Up - 3:51
5. Called You Once - 2:51
6. I'm on My Own - 4:33
7. Just a Game - 4:38
8. Inter Mission - 1:47
9. Dating Game - 5:30

Barrufet | 17.05.2011 | twitter