Hesus Attor - Señorai [Geenger Records, 2011]

Нивната приказна започнува во 2003 година, но јас за прв пат ги запознав пред нешто повеќе од две години. Океј, претходно ми беа познати како едно прилично откачено име и ништо повеќе. Во четвртиот месец од 2009та организиравме нивни концерт во Кастро. Дојдоа со Sonic Gastronomy Vol. 1, тазе албум издаден за една од најдобрите балкански етикетати - Moonlee Records. Можеби нивниот press release звучеше по малку нескромно, но не е далеку од вистината дека нивната музика би го воодушевила Mike Patton. Во секој случај, уште од старт ми стана јасно дека имаме работа со исклучително експериментален бенд, бенд кој не се оптоварува со креирање музика на “вистинскиот” начин.

photo © cover

На Sonic Gastronomy Vol. 1, тие без никаков проблем успеваат да измешаат етно, mathcore, кабаре, surf, prog, па дури и опера. Нивната смисла за хумор е прилично изопачена, а песните во најмала рака може да ги прогласиме за манијакални. За сето она што ни приредија на концертот во Кастро, фрлете поглед на текстот скоцкан од страна на Драган Денковски, нашиот ни драг Филозоф.

Кон крајот на истата година, Hesus Attor се заклучија во своето студио во Ријека и заедно со Uroš Vele снимија нов материјал, кој го спакуваа во облик на EP со наслов Señorai. Со новите песни, тие сепак остануваат во својот бизарен свет. Музичката авантура продолжува. Без многу мудрување, доколку го споредиме со Sonic Gastronomy Vol. 1 станува збор за голем чекор напред. Señorai звучи поразлично, има одлична продукција со која бендовското лудило станува многу повпечатливо. Hesus Attor звучат позрело, а нивните песни многу посериозно, ако нешто од нивното творештво може да се нарече сериозно. Не дека беше тоа некој недостаток, но претходните албуми на Hesus Attor делува како да се создавани ударнички, на "ура!". Овој пат сведоци сме на мудро смислени парчиња. Песни со веќе смислена структура.

photo © www.myspace.com/hesusattor

Мешањето на сите можни жанрови на кои можете да се сетите, не е ништо ново за овој бенд. Сепак, сето тоа на Señorai е многу вешто сработено и звучи неверојатно свежо.

Воведната Pardonian Clouds е причина што EP-то веднаш доби етикети невообичаени за Hesus Attor. Мирни и припитомени. Да, Pardonian Clouds почнува навистина идилично, но знаејќи го овој бенд, очекував моќна експлозија во секој момент. Песната заврши, а тоа не се случи. Нереално спокојно, стигнавме до насловната Senorai. Под силно влијание од Далечниот Исток, се чувствуваме како да сме дел од некоја древна јапонска приказна. Гласниот крик не враќа во реалноста, додека не шамараат жестоки рифови од сите страни.

Psyclick и Vox Of Archibald потсетуваат на она на што сме навикнати од претходно. Фанки ритам и метал гитари. Овие две песни се противтежа на условно речено умерената половина од EP-то. Тотален хаос. Психоделија, грув, фанк и хардкор. Или едноставно кажано - Hesus Attor.


Можеби откако го прочитавте текстов, си помисливте дека никогаш не би можеле да ја сварите музиката на овој бенд. Дајте им шанса, бесплатно даунлодирајте го нивното последно EP и ќе видите дека првичниот впечаток бил грешен. И секако, дојдете вечерва во Ла Кања, за да ги погледнете во живо. Нема да зажалите, верувајте.

Оцена: 8.8/10

Артист:
Hesus Attor
EP: Señorai
Датум на објава: 14 февруари 2011
Продуцент: Uroš Vele и Hesus Attor
Издавач: Geenger Records

Track listing:
1. Pardonian Clouds - 3:29
2. Señorai - 5:47
3. Psyclick - 4:07
4. Vox of Archibald - 4:15

Barrufet | 16.09.2011 | twitter