Stephen Malkmus and the Jicks - Mirror Traffic [Matador/Domino, 2011]

Летово бев исклучително мрзлив кога станува збор за слушање нова музика. Претежно вртев постари албуми или пак воопшто не слушав музика. Немам појма зошто. Откако повторно се активирав, чекирав што има ново на музичкиот пазар и за среќа веднаш налетав на Mirror Traffic. Ќе си земам за право да кажам, веројатно еден од најдобрите албуми кои излегоа оваа година.

photo © cover

Но, да почнеме од Pavement. Еден збор. Бендиште. Признавам, никогаш не сум ги слушал толку интензивно и предадено како што ги слушав Pixies, или пак Sonic Youth.. но сепак гледав на нив со истата стравопочит. Мислам дека тоа е најсоодветниот збор кога дискутираме за такви величини. Создаваа музика која беше весела, необична и иновативна. По нивното распаѓање, како најзрел производ се издвои соло проектот на Stephen Malkmus, секако, со поддршка од The Jicks. И покрај тоа што секогаш ќе биде поврзуван со антологискиот бенд во кој членуваше, неговата музика постепено се ослободуваше од она што беше дефиниција за звукот на Pavement. Во текот на изминатата декада, Malkmus го прошири опсегот на музичко делување од другата страна на lo-fi и нојз границите кои ги постави Pavement. Неговите соло обиди задржаа дел од разиграноста која ја поседуваше неговиот поранешен бенд, но во голема мерка ја напуштија необичноста и иновативноста, едноставно оставајќи ги на страна.

Тоа не значи дека не постојат никакви сличности помеѓу неговата креативна работа во Pavement и неговата самостојна кариера. Сепак, како и за многумина други музичари кои го напуштиле својот матичен бенд, се чини дека е многу покоректно доколку соло албумите на Malkmus ги оценуваме индивидуално, отколку да ги споредуваме со нивното “славно” минато. Mirror Traffic е снимен во ретките празни периоди кои ги имаше пред и после reunion турнејата на Pavement. Соработката помеѓу двајцата калифорниски миленици, веќе споменатиот Stephen Malkmus и непредвидливиот Beck Hansen кој овој пат се јавува во улога на продуцент е главната карактеристика на овој албум.

photo © Leah Nash

Онака, на прва топка.. лесно е забележливо дека Mirror Traffic содржи изразени поп елементи и е значително позабавен од целокупната дискографија на Stephen Malkmus. Одличните солажи имаат моќ и цел, тие ја превземаат естетската сила која песната веќе ја има изградено и уште повеќе ја зголемуваат. На неговото последно издание владее симпатична звучна конфузија. Албумот е стилски разлеан на сите страни, благодарејќи на лесно воочливата невнимателност при креирањето на истиот.

I caught you streaking in your Birkenstocks, пее Malkmus во воведната Tigers, приказна за една несреќна љубов раскажана врз подлога од разиграна гитара и фалсет. Величествен момент, на албум кој е во целост исполнет со такви. Со изразен контраст помеѓу бизарната приказна и неодоливата catchy мелодија, Stephen не носи до втората песна, No One Is (As I Are Be). Есенски шмек, акустична гитара, како и нежна труба и треперливо пијано во втората половина. Неверојатна елеганција. Нејзината убавина експлодира во бомбастичната Senator. Иако песната го привлекува вниманието со својот “храбар” текст - I know what the senator wants, what the senator wants is a blow job - таа е многу повеќе од една одлична политичка заебанција. Да не заборавиме, Malkmus во рамките на оваа песна д’ткајќи ни го испорачува и следното: Smoking weed in our truck, the cops pull up, how can they not know? It was so so so so so so invisible. Тоа се оние суптилни додатоци кои на Mirror Traffic му даваат комплексност која генерално не важеше за карактеристика за творештвото на Malkmus. Нејзиното течно темпо и ексцентрична перверзија ја прават најтипичен претставник на творештвото на Pavement на овој албум.


Навидум безгрижниот песимизам на Share the Red е неверојатно прецизно надополнет со моќна бас линија, додека Stick Figures in Love без сомневање е едно од најдобрите дела на Stephen Malkmus. Фаворит помеѓу кандидатите за следен сингл, песна која “носи” со својата груви мелодија. И тука некаде ќе запрам бидејќи нема да имам доволно суперлативи за да ги опишам сите петнаесет парчиња кои се најдоа на албумот. Затишјето стигнува преку Gorgous George, песна која неодоливо потсетува на завршницата на Real Emotional Trash.

Зошто мислам дека ова е добар албум? Се пронајдов себеси како повторно преслушувам добар дел од песните по неколку пати. Несомнено, тоа е карактеристика на добрата, или подобро речено ефикасната музика. Да биде способна да те зарази. Да те натера да копнееш по неа.
Mirror Traffic, петтиот пост-Pavement албум на Malkmus, е доказ дека и покрај неговите 45 години, нема изгубено ниту трошка од шармот и ставот кој го промовираше во икона во далечните 90ти. Тоа е албум на бавни разговори и блесок на зајдисонце.

Оцена: 8.7/10

Артист:
Stephen Malkmus and the Jicks
Албум: Mirror Traffic
Датум на објава: 23 август 2011
Продуцент: Beck Hansen
Издавач: Matador / Domino

Track listing:
1. Tigers - 2:24
2. No One Is (As I Are Be) - 3:58
3. Senator - 4:25
4. Brain Gallop - 5:02
5. Jumblegloss - 1:13
6. Asking Price - 2:41
7. Stick Figures in Love - 3:45
8. Spazz - 2:38
9. Long Hard Book - 2:48
10. Share the Red - 5:19
11. Tune Grief - 2:19
12. Forever 28 - 3:35
13. All Over Gently - 3:10
14. Fall Away - 2:18
15. Gorgeous Georgie - 5:00

Barrufet | 22.09.2011 | twitter