Петар Хаџи Бошков - синоним за македонска современа скулптура

Скулпторот Петар Хаџи Бошков е врсник на револуционерните и авангардните пулсирања во ликовниот живот на нашата земја во педесетите години на XX век. Во 1953 година Петар Хаџи Бошков завршува Академија за ликовни уметности во Љубљана. Тој своето творештво и битка за самостојна скулпторска артикулација ја продолжува во Скопје. Во таканаречената "нулта точка" од почетокот на неговото творештво, создава еден вид на компромис со Аристотеловиот мимезис, кој повеке се заснова на личното видување и елаборирање на природата. Во овој период главно се задржува на мотивите како што се: глави, торза и слично, со што врз нив врши топење на формата која доведува до стилизација на самите дела.

Во втората половина на петтата деценија Хаџи Бошков пред себе отвора ново истражување кое доведува до отворање на обликот и пробив во неговата срцевина. Уметникот со ова отворање на обликот му дава посебна структура на делото со тоа што го ослободува волуменот, и му дава една стилизирана обвивка која дозволува струење на енергијата, околу, низ и во самата форма. Во овие дела кои најчесто се портрети се јавува присуството на динамиката и ритамот, во кои се забележуваат сликарски и графички конотации. Специфичното моделирање на формата го зголемува контрастот меѓу светлото и темното, а разбиената волумиозност речиси ја редуцира на дводимензионални плохи.


 © Петар Хаџи Бошков


Влијанијата на Хаџи Бошков главно доагаат од светски познатиот скулптор Хенри Мур, а во одреден период овие двајца заедно соработуваат. Токму затоа не е можно да се исклучат влијанијата помеѓу овие двајца автори. По отворање на обликот уметникот пристапил кон кршење на формата поставувајки нов уметнички концепт. Делата од овој период се изработени од дрво и цемент, со што уметникот укажува дека материјата е услов да се изрази естетската вредност. Паралелно се јавила и идејата за распаѓање на формата или (анти-скулптура). Хаџи Бошков овде се осврнува на специфични материјали кои ги употребува во своите дела (ready made), како сто се: копачи, лопати, мотики, а со минимална интервенција врз нив го поставува својот концепт. Употребата на металот и отпадните железа кај Хаџи Бошков го најавува оној енформелски пристап и понатамошниот развиток на енформелот во македонската современа скулптура. Со овој пристап Петар Хаџи Бошков е еден од првите македноски автори кои естетиката на грдото ја претставуваат во своите дела.

Земјотресот кој во 1963 година го погодил Скоје исто така ке остави голем печат врз творештвото на Хаџи Бошков. Токму поради овој земјотрес ке настанат оние постземјотресни дела кои живеат со духот и паралелите на разрушената скопска архитектура. Можноста Петар Хаџи Бошков да ги посети Соединетите Американски Држави и да ја запознае одблизу тамошната уметност и култура, на уметникот му се нудат нови полиња за творење и уметнички достигнувања.


Вертикала © Петар Хаџи Бошков


Преку делата како што се: Судрување, Вертикално крешендо, Симултан пробив, Страшен процеп и др, јасно се покажува динамиката на просторното живеење, паралелите со тамошната архитектура и брзината и начинот на живеењето. Во самите дела се забележува суптилна обработка на површините на металот, прекршувањата, рефлексиите на светлината и пробивот на енергијата.

Во 1978 година учествува на Венециското биенале со темата "Дијалог" во која се претставува урбан пејзаж кој се заснова на простор, архитектура и сликарство. Тоа го докажуваат и контрастните варирања на белото и бојата и хоризонталата и вертикалата. Со тоа што творештвото на Петар Хаџи Бошков е огромно , само ке напоменам дека едно од големите уметнички достигнувања авторот ги има остварено со неговиот циклус на вертикали. Овие вертикали кои концепциски остваруваат синтеза помеѓу две сили кои делуваат на нив, остваруваат големо естетско доживување.


Вертикала 2 © Петар Хаџи Бошков


Исто така во циклусот "Рефлексии" ја поставува паралелата на рефлексирањето на енергијата надвор од просторот на формата, односно рефлектирањето на надворешниот простор врз просторот на самата форма.
Петар Хаџи Бошков со своите паралели Љубљана, Лондон, Њујорк е еден од малкумината македонски современици кои биле во вистински чекор со светската ликовна уметност. Од ова можеме да воочиме дека Хаџи Бошков е уметник кој со гордост може да ја претставува македонската современа уметност и да влијае врз творештвото на македонските млади автори.

Barrufet | 19.08.2011 | twitter