Wolves in the Throne Room - Celestial Lineage [Southern Lord, 2011]

Wolves in the Throne Room од Олимпија, Вашингтон, се совршен пример за хипстерски блек метал. Така, ако навлеземе во дефинирање на нивниот звук неизбежно е да се спомне норвешката блек метал сцена, како и значително потоплиот звук на Сан Франциско (Weakling, пред се), но ако ги прашате Wolves тоа би било премногу очигледно, нели. Листата на влијанија според нив самите е нешто поспецифична и ги содржи следните ставки: „Popul VuhThe Grateful Dead,Neurosis, различни теозофи, битници, сатанистички хипици и анархистички панкери...“ Тука е и целата приказна за основачите на Wolves, браќата Арон и Натан Вивер, кои како вистински еколошки активисти живеат на самодоволна фарма и се спремни набрзо да го растурат бендот за целосно да се посветат на својот активизам. Ако кон тоа се додаде и фактот дека Wolves не си ги фарбаат лицата, одат на долги турнеи како и секој нормален инди бенд, и користат лого кое е читливо (!!!), фала богу дека блек метал заедницата не ги мириса баш. 


Name of the photo © Author


Иронично, Wolves во моментов се комерцијално и уметнички највиталниот блек метал бенд во светот. Се пробија на сцената со нивниот втор албум, Two Hunters од 2007-ма, со кој начнаа трилогија на албуми чиј главен фокус е природата и кои во принцип уфрлуваат поприлично пост рок и амбиент елементи меѓу експлозивните рифови и тапани. Главната сила на овој албум, и заради кој истиот се стекна со популарност надвор од метал заедницата, е неговата халуцинантна природа, астралниот звук кој како да се слева вдолж планина од соништата на Ешер, минувајќи низ различни стрмнини, пештери и треви кои и не мора да ги почитуваат законите на физиката. Потоа следеше нешто посувиот, ’ржечкиот Black Cascade, за еве да го дочекаме и финалето на ова музичко патешествие, а најверојатно и на Wolves воопшто. На наше задоволство,Celestial Lineage е извонреден начин да се каже збогум, заокружувајќи го опусот на Wolves во една целина која со време сигурно ќе добие култен статус.

Celestial Lineage е сонично густ, богат албум, начичкан со најразлични движења и девијации во неговата структура, VIP гости од домашната етикета Southern Lord, како и продукција која звучи широко и длабоко, полна со епскиот, романтичен дух на холивудските филмски фантазии од 1980-те (Конан Варваринот сигурно би бил фан на Wolves in the Throne Room). Формулата што Wolves ја усовршија на Two Hunters функционира и тука, оставајќи простор за наизмечно менување на амбиентални и агресивни секции, но со доволно синт слоеви и мелодии во позадина во било која точка за сето тоа да делува унифицирано. На моменти оваа формула е можеби и преочигледна, како патент на костум од врколак, па може да се насети кога одреден инструмент ќе влезе во миксот, кога темпото ќе забави и слично, само што тоа и не е така битно кога звукот е вака моќно емотивен. Чисто за пример, Thuja Magus Imperium го отвара албумот со амбиентално интро низ кое провејуваат женски вокали, по кои следи лапавица од звучни удари, а потполно истата тивко-гласно шема се забележува и со следните две траки, Permanent Changes in Consciousness и Subterranean Initiation.

Ако верувате во приказната за активизмот на браќата Вивер нема да ви биде тешко да прифатите дека неразбирливите текстови на Celestial Lineage се однесуваат на природата и нејзиниот однос со човекот. Албумот навистина оддава органски впечаток, особено на Woodland Cathedral – највпечатливата трака на албумот – каде човек може и на своја кожа да ги почуствува водопадот, ветерот, шумата и сонцето што се пробиваат низ гранките пред напред да истапи хорот шумски вили. Во таа насока, она што го извишува Celestial Lineage над било кој друг блек метал албум во последниве пар години – вклучувајќи го и ланскиот Marrow of the Spirit на Agalloch – е тоа што тука имаме едно од ретките жанровски остварувања кое не мора да се гледа стриктно низ призмата на темниот ескапизам и потенцијално содржи порака која е сосема лична и релевантна во поширок културен контекст. Wolves постигнаа сличен ефект и на Two Hunters, но вкупниот резултат е помоќен овој пат, како браќата Вивер да сакале да испукаат се што им лежи на душа пред да одат во пензија. Слушајќи го во моментов климаксот на Prayer of Transformation, траката со која Wolves го затвараат албумот, не би можел ни да замислам поинаков, посоодветен начин за пензионирање на еден блек метал бенд, биле тие хипстери или не.


Оцена: 8.4/10 


Артист: Wolves in the Throne Room
Албум: Celestial Lineage
Датум на објава: 13 септември 2011
Издавач: Southern Lord


Траклиста:

1. Thuja Magus Imperium
2. Permanent Changes In Consciousness
3. Subterrenean Initiation
4. Rainbow Illness
5. Woodland Cathedral
6. Astral Blood
7. Prayer of Transformation
.: serdarot | Skopje | 3.10.2011

milan | 22.10.2011 | twitter