The Imaginarium of Doctor Parnassus [Terry Gilliam, 2009]

Се сеќавам дека едвај чекав да го видам филмот. Во голем дел заради фактот дека е последен (и недовршен) филм на „темниот витез“ - Хит Леџер (Heath Ledger 1979-2008) нормално, a помалку и заради Johnny Depp, Jude Law и Colin Farrell. (Well I’m a girl. So sue me!). Голицка и самата идеја на приказната чиј лајтмотив е човечката имагинација. Ама факт е дека како и секој сеирџија со тапија и мене многу ме интересираше начинот на кој Тери Гилиам/Terry Giliam (меѓу другото го има режирано и 12 Monkeys) се справил со ситуацијата која незнам како поинаку да ја наречам освен: Смртта на Хит Леџер (под ова не мислам само на неговото физичко отсуство, туку и на целата верижна реакција која беше, а и мораше да биде предизвикана). Патем, како мал хинт: филмот се занимава со Животот и Бесмртноста (а со самото тоа и со Смртноста), така што иронијата и симболиката неминовно го придружуваат овој филм од самиот почеток, па до крајот
 
The Imaginarium of Doctor Parnassus © постер
 
Ништо не е постаро и повечно од приказната. Илјадагодишниот Др. Парнасус (Parnassus [pɑːˈnæsəs]: a centre of poetic or other creative activity) постои за да раскажува приказни. Како и во секоја приказна и тој си има вечен противник и придружник. Ѓаволот (не знам дали смеам да го напишам со голема буква) од немање попаметна работа сака да се замеша во приказните, во судбините, во љубовта и во смртта. Тој секогаш се обложува на грев! Првиот облог на Парнасус со „Mr. Nick” бил - кој прв ќе собере 12 ученици. Парнасус ја имал моќта на имагинацијата, а агрументите на г. Ник биле потребата за опасност, страв, моќ, превласт и игнорантност. Победил Парнасус и за награда станал бесмртен. Уште тука, во првите 15-тина минути од филмот, кога докторот ѝ ја раскажува на својата ќерка оваа приказна за да ѝ ја објасни нејзината судбина, ќе ја препознаете симболиката на верата, и општо, на религиозните учења. Не случајно, многумина го поврзуваат овој филм со Illuminati. Од сите страни има симболи кои му даваат посебен мистичен шмек. И како што фаустовски „вообичаено“ бива со тие што станале бесмртни, така и Парнасус се зезнал, т.е. бил насамарен. Низ годините неговите облози, надитрувања и ценкања со Ник продолжиле. Во еден случај стариот, и тогаш без-породен Парнасус, се обврзал дека секое негово дете, штом ќе наполни 16 години, ќе припадне на пламените јазици на Ник (нешто како - секој човек прво е дете, а потоа станува грешен)...

Back to Present Day: Има уште три дена до „Sweet 16“ на Валентина. Светот не е многу заинтересиран за приказни, а Др. Парнасус чека нов облог за да ја спаси ќерка си. Во такви моменти, ништо не е така сигурно како ...Тарот карти!!! „Човекот што виси на една нога“! Тоа е картата која ја излекува Парнасус и која мислам дека е личниот компас на Гилиам низ филмов. Приказната, пак, за оваа карта е цела една историја и не знам дали да ја поврзам со Хит Леџер (го глуми токму „типот што виси“) или со вечните теми кои го мачат човекот, ама секако морам да ја поврзам со режијата на Гилиам.
 
The Imaginarium of Doctor Parnassus © screenshot
 
Од објаснувањето за картата:
... Во тој момент на „висење“, човекот го предава сѐ она што е, што сака, познава и за што се грижи. Пари паѓаат од неговите џебови, а тој ги гледа единствено како кружни парчиња метал. Неговата извртена позиција му дозволува да ги гледа двата света: матријалниот и спритуалниот. Сепак, иако моментот изгледа безвременски, тој ќе мора да се исправи и да живее со она што го научил...

...Некои читачи на Тарот веруваат дека оваа карта се однесува на Один, кој се понудил како жртва, со цел да се стекне со знаење. Други оваа карта ја толкуваат како предавник (историски факт е дека во некои култури така се постапувало со предавниците), додека трети се со идеја дека тоа е момент во кој нешто треба да се роди....


Ова е карта за моментот на исчекување, кога постои поинаква перспектива на гледање на работите. Така тоа чекање станува преиспитување, транс, несебичност, жртва, пророштво. Тоа води кон просветлување: Одговорите стануваат јасни, решенијата се наоѓаат, жртвите се исплатуваат. Преродба. (Или изнудена смрт.) Ваквите моменти не траат долго и бараат некакво одрекување. Како и да е, за да добиеш, мораш и да дадеш. Гилиам се гледа себеси и човештвото во таква извртена положба, а Имагинариумот е неговото решение и порака. Огледало кое нѐ тера да погледнеме во себе подлабоко.

Еден од другите клучни симболи во филмот е реката (како алузија на животот, на неизвесноста која ја носи). Во тој контекст и мостовите – како премини меѓу два света, играат своја улога. Tower Bridge и Waterloo Bridge, (битката кај Waterloo исто така се поврзува со Illuminati), се во неколку од сцените каде го гледаме убавиот Лондон навечер, додека сè што се одигрува денски се само рушевини од некој Лондон кој никој не го препознава. Се укажува дека сепак ноќта има моќ да ги направи работите попривлечни, позабавни, додека денот – светлината, непогрешливо нѝ овозможува да видиме подобро зад маските кои ги носи темнината. Ноќта го носи и човекот што виси и можеби тој може да му помогне на стариот Парнасус да ги обнови своите моќи. Но, малку е конфузно додека сфатиме кои се всушност моќите на Парнасус и во еден момент се прашувате дали и на луѓето во филмот нешто им е јасно. Но од друга страна, колку нештата се понејасни, толку попринудени сме да ја користиме сопствената имагинација кога размислуваме за нив, што можеби е и идејата на Гилиам.
 
The Imaginarium of Doctor Parnassus © screenshot
 
Актерската екипа одлично си ја врши работата. Костимографијата и шминката исто така привлекуваат внимание. За да ја оствари својата намера - преобразување на ликот на Леџер, Гилиам се послужил со неколку мали, но воочливи трикчиња во дејството. Би рекла дека сите три „замени“ добро се снаоѓаат во имитацијата на неговата гестикулација и држење, во трите различни а сепак исти светови. Светот на арогантноста и гламурот, светот на амбициозноста и полетноста и светот на искушенијата. Можел да одбере и друг начин но, различните лица му оставиле на Гилиам простор за уште една поента: Пострашно од носење маска е имање на две или повеќе лица, и тогаш, пострашно од едно огледало - се две огледала. Во едното сигурно ќе се видите себеси такви какви што сте – не извртени или извртени, но кое?

Овде ќе наидете на вечната борба меѓу доброто и злото. Секој мора да го направи својот избор и секој мора да ги сноси последиците. А човекот често греши. Затоа додека постои универзумот, приказните мора да се раскажуваат, за истите грешки да не се повторуваат. Дали некој има интерес да нема веќе приказни, да нема веќе имагинација во светот? Без имагинација стравот е ултимативен. Затоа, Слободата е најголемото достигнување, но дали реката ќе не донесе до неа? Можеби зависи од следниот избор кој ќе го направите? А можеби и не!
Неостварена и остварена љубов, непознавањето и спознавањето на себеси, односот родител - дете и дете - родител, блудот, војната, покајувањето, простувањето, изборот и откажувањето, сè тоа во едно. Некако пак звучи многу религиозно, но сосем напротив, искуството при гледање на филмов е како мешавина од Шекспир, Браќата Грим, Тим Бартон и Ден Браун, во различни количини.

„Does it come with a happy end?
- Sorry, can’t guarantee yet!“

Оцена: 6,8/10

Режија: Terry Giliam
Сценарио: Terry Gilliam, Charles McKeown
Улоги: Christopher Plummer, Lily Cole, Heath Ledger, Andrew Garfield
Времетраење: 123’
ВБ, Канада, Франција


Од репертоарот во кинотека.

Gwendolyne | 06.11.2011 | twitter