Louise-Michel [Gustave de Kervern & Benoît Delépine, 2008]

Овој филм е посветен на Louise Michel (1830–1905), француската анархистка, учителка и болничарка, позната уште како црвената девица на Монмартр. Таа одбила да го признае кралувањето на Наполеон III и била учесничка во Париската Комуна за што заработила седум години прогонство во Нова Каледонија, а поради своите дејствувања добар дел од животот како возрасна го поминала по затвори.
 
Louise-Michel © постер
 
Како и да е, проектот на режисерите Густав д Керверн и Бенуа Делепин нема никакви допирни точки со неа, освен што во двата главни лика, Лујза Феран и Мишел Пинчон, се преплетуваат манирите на една машкуданка (ја толкува Јоланда Моро) и едно женско петле што нема храброст да убие никого (го игра Були Ланерс) како нејзините две лица. Лујза некогаш била машко и се викала Жан-Пјер, карактер под кој го го убила својот даночник поради тоа што ја навредил нејзината неписменост (цело време во говорот наместо Јас употребува Мене) и за што заработила ќорка од 15 години, а Мишел бил девојче со име Кети, на кое многу му се радувале неговите родители. Или можеби Лујза цело време носеше перика за да го сокрие дури и од себе претходниот идентитет, кој ќе излезе на виделина кога повторно ќе посегне по алкохолот и по желбата за одмазда (последново ја карактеризира и вистинската Лујза Мишел), а Мишел беше жена облечена во панталони и сако, со мустаќи што растат под чуден агол веројатно поради хормонската терапија. На крајот ќе видиме кој ќе го роди бебето (и на него не му се знае идентитетот?), но сепак останува енигма кој беше тој што беше погребан на почетокот, кога е увертирата дека во наредните 90 минути следува црн хумор.
 

 
Потрагата да се открие виновникот што ги остави без работа жените во фабриката за шиење (која наликува на некоја од штипските) во едно малечко место во Франција, меѓу нив секако и Лујза, ме потсети на еден руски филм што играше на Скопски Филмски Фестивал пред десетина години, под наслов Краина (Okraina) на Пјотр Лутсик. За разлика од овој, тој беше многу пософистициран и во него речиси и да не беа потребни дијалозите (Александар Русјаков еднаш ми рече дека некој од професорите на ФДУ им кажал на студентите оти ако ги затворат очите додека трае филмот и разберат што се случува тогаш тој филм не е добар). Бликаше со сатира, а не му сметаше тоа што е црно бел. Можеби беше и до кастингот (типични Козаци), но ќе да е повеќе до сценариото, рак рана на сите филмови. Не е ли во „танчина“, во совршенство дотерано како кај големите мајстори тешко дека ќе се „навлече“ публиката.

Сценарио и режија: Gustave de Kervern и Benoît Delépine
Улоги: Yolande Moreau, Bouli Lanners и Benoît Poelvoorde
Траење: 90 мин.

Оценка: 4/10

Филмот играше во рамките на седмицата на француски филмови што од средата до неделата се одвиваше во киното Фросина.

haneke | 09.11.2011 | twitter