Danger Mouse & Daniele Luppi - Rome [Capitol\EMI Records, 2011]

Каубојците и индијанците веќе не се во мода. Одамна се заменети со терористи и борци за човекови права и демократија. Дивиот запад е надминато поглавје, само ветерот ги мрда р`ѓосаните врати на салуните, а правливите улици се населени само со ветрогани. Некаде длабоко под тој отпад, кој постои само во нечии сеќавања, има музичка кутија, која се уште успева да го долови чемерот, но и убавината на тоа време. Таа музичка кутија ја нашле Danger Mouse и Daniele Luppi и ја споделиле и со Norah Jones и Jack White.
 
Rome © cover
 
Во нивниот албум Rome се навраќаат на сцените прикажани во филмовите кои музички ги обоил Ennio Morricone и без стеги се инспирираат од неговите звучни цртежи. Но, наместо само бледо да копираат и од тоа да излезе уште еден поздрав до некој култен композитор, Danger Mouse и Luppi совршено ги дозираат традицијата и современото, создавајќи музика која, во денешно време кога „веќе се е измислено“ (како што сакаат многу луѓе да кажат) се истакнува со нејзината свежина.

На Rome е соджана музика за филм кој се уште не е снимен. Започнува со предупредувачки ударни инструменти кои потоа се надоврзуваат на музика која веројатно свирела во главите на луѓето кои оделе на двобој. А ние, слушајќи го албумит сме на двобој со авторот. Тој ќе нишани право во срце, а ние веројатно ќе се предадеме. Бидејќи таква е музиката на Rome. Суптилна и предизвикувачка, повикува на сон, но и на исполнување на некои скриени страсти. Корне со емоции, пее за тага, но додека го прави тоа, блика од убавина.

Инструменталните делови, кои се многубројни, откриваат прекрасни звучни патешествија низ мирни, но мистериозни пустелии. Оркестарот дава суштина и тежина на звукот, од време на време кон интензивирање на тој впечаток придонесува и дискретниот хор, но песните што најмногу стрчат со убавина, се оние во кои се јавува по некој човечки глас.
 

 
Ликовите во Rome се луѓе кои доживуваат емотивен колапс, додека ја опеваат својата осаменост, отуѓеност и истовремено размислуваат за човековата субина воопшто. Nora Jones е особено среќен избор за таква улога. Сосема природно ми е да ја замислам како се симнува по расклатените крцкави скали во скоро празен салун, единствено Jack White седи на шанкот и го пие најжестокиот пијалок, а едвај е разденето. И додека благиот провев се обидува да ја измие смрдеата што вчерашните гости ја оставиле зад себе, Nora го испушта нејзиниот женствен, полн глас, си пее за себе и ја излева црнината што се населила во неа.

Jack White пак, кој не ми е еден од омилените ликови од музичката сцена, сепак е добар избор за овој албум. За неговите потреби го зауздал пискањето, но задржал карактеристичен тон на гласот, кој одговара на темите кои ги опева. Префрлајќи не од нишачки инструменталки во длабоки интимни, емотивно преплавени исповеди не ни забележуваме кога поминале 15 песни.

Албумов го открив таман пред да почнат да фрчат листи за „Најдоброто од 2011-та“ и имам чувство дека едно место во првата петорка ми е веќе пополнето.

Оцена: 8,5/10

Албум: Rome
Изведувач: Danger Mouse & Daniele Luppi (starring Jack White & Norah Jones)
Продуцент: Danger Mouse, Daniele Luppi
Издавач: Parlophone/Capitol/EMI Records
Листа на песни:

1. "Theme of "Rome""
2. "The Rose with a Broken Neck"
3. "Morning Fog" (interlude)
4. "Season's Trees"
5. "Her Hollow Ways" (interlude)
6. "Roman Blue"
7. "Two Against One"
8."The Gambling Priest"
9. "The World" (interlude)
10."Black"
11."The Matador Has Fallen"
12."Morning Fog"
13."Problem Queen"
14. "Her Hollow Ways"
15. "The World"

Gwendolyne | 15.11.2011 | twitter