Јиржи Трнка - Мајсторот на анимацијата и куклената магија

Во време кога анимацијата со кукли сè уште го наоѓала својот пат во западна Европа и Америка, вековната кукларска традиција во земјите во источна Европа придонела таа својот зенит да го достигне токму тука. Посебен приденес во овој развој, несомнено се припишува на еден од најголемите европски и светски аниматори, чие творештво нескромно се врзува со почетоците на гранката наречена куклена анимација.

Jiří Trnka/ N.A

Јиржи Трнка, неретко нарекуван Волт Дизни на истокот, претставува еден од најимпресивните ликови во доменот на светскиот анимиран филм. Она што го прави него посебен и единствен во светот е неговата магична способност да ги трансформира дрвените кукли во вистински актери, способност заради која ќе биде препознаен низ целиот свет, инспирирајќи притоа плејада големи светски автори од областа на анимираниот филм.

Роден е на 24 Февруари 1912 година во Пилсен, тогашна Чехословачка. Уште од првиот контакт со моливот малиот сонувач го открил својот животен пат, пат кој ќе го следи до крајот на својот живот, посветен на играта со движењето, со музиката и со куклите. Љубовта кон куклите тој ја наследува од неговата мајка, локална шивачка која од неупотребливите крпчиња шиела кукли, кои подоцна ги продавала. Ова му овозможило на малиот Јиржи на најдобар начин да се запознае со куклената магија, и од прва рака да  научи за нејзините својства.

Неговата љубов кон кукларството, уште во раните години го натерала да го занемари школувањето, во корист на учење на занаетот кој го исполнувал. Тој неретко си правел мали тетари во кои преку претстави со рачно направени кукли го изострувал својот талент, притоа оформувајќи го својот единствен стил со кој подоцна ќе биде препознаван ширум светот. Откако дипломирал на факултетот за применета уметност во Прага, Трнка започнува да го експлоатира својот талент со изработки на илустрации за книги и списанија, со што полека но сигурно си го отвара патот кон своите соништа. Во периодот од 1937 до крајот на своето творештво, од раката на Трнка се изработени илустрации за преку стотина книги и раскази, меѓу кои  многу за преводи на светски класици, во кои се чувствува неговата желба за постигнување на поетична тродимензионалност, условена пред се од чешката ликовна традиција.

Иако доста успешен во овој занает, тој сепак не можел да се откаже од љубовта кон куклите, па затоа набргу отвара сопствен куклен театар. Неговиот  релативен успех ќе го натера набргу, заедно со неколкумина истомисленици  театарот да го претвори во првото чешко студио за анимација, насловено како „Браќа во блузи“ (TheBratřivtriku). Она што ги карактеризира првите филмови на Јиржи Трнка и неговите соработници е негувањето теми од чешкиот народен фолклор, теми кои ќе останат клучен елемент и во целокупното творештво на овој автор и заради кои тој ќе ги постигне најголемите успеси во светски рамки.

Со еден од неговите први филмови „Животни и бандити“ "Zvířátka a Petrovští" Јиржи Трнка се претставува на Канскиот филмски фестивал, каде покрај главна награда, се здобива и со светско признание. И покрај големиот успех на студиото на Трнка во поглед на традиционалната анимација, сепак неговата љубов од детството кон куклениот театар, ќе го натера да започне со анимација на кукли. Откривајќи ги предностите на stop-motionтехниката, тој во 1947 годинаго снима својот прв целосно куклен (воедно и негов омилен)филм  „Чешки години“ (Špalíček), инспириран од чешките народни приказни.

После него, тој го посветува својот животен век на правење филмови со оваа техника, иако на моменти се враќа на традиционалниот метод на анимација со сликани картони. Така, во наредните години тој ќе направи серија од десетици куклени анимирани филмови, кои доживуваат релативно голем успех, како во источна Европа така и во светот. Освен неисцрпниот извор од фолклорот, темите му варираат од адаптации на светски сказни, актуелни теми од секојдневието, критика на современото општество, творечката слобода на поединецот и слично.

Неговата фасцинација и интимен однос кон фолклорното наследство, е она кое го одвојува Трнка од останатите негови современици. Иако неретко е нарекуван Волт Дизни на истокот, неговиот искрен и сериозен пристап кон приказните, а воедно и кон своите „главни актери“, го прави сосема спротивен од него. Имено, за разлика од Дизни, чии филмови се наменети главно кон децата, во филмовите на Трнка тлее една слатка меланхолија, заради што неретко децата и се плашеле од нив, додека возрасните биле восхитувани. Емотивниот аспект на неговите „актери“, дефинитивно не доаѓа од нивните фацијални гестови, со оглед на тоа што тој не дозволувал никакви интервенции врз куклите, туку се создава преку точно пресметаната игра на светлото и сенките во минијатурната сценографија, насликана од него самиот, надоврзана на носечкиот елемент во сите негови филмови – музиката. Во речиси сите филмови, задолжен за неа е неговиот близок пријател, големиот чешки композитор Вацлав Тројан, чии топли мелодии и звуци даваат посебна емотивна нишка, совршено вклопена во текот на секоја приказна. Нему Трнка толку многу му верувал, што неретко приказната ја модифицирал според текот на музиката.

Македонскиот филмски критичар Ѓорѓи Василевски, анимираните кукла филмови ги наведува како највисок творечки израз во чешката филмска уметност после војната, наведувајќи го токму Трнка како едед од најзаслужните за тоа. Неговиот последен долгометражен игран филм, адаптацијата на шекспировата „Сон во летната ноќ“ од 1959 година, според него, но и според повеќето изучувачи и почитувачи на филмската уметност го претставува врвот на куклената анимација воопшто.

The Hand/ N.A

За големото значење на Трнка во светот на анимираните филмови, како и на филмот воопшто. сведочат бројните признанија кои тој ги добивал во текот на својот живот, како и влијанието кое тој го има извршено врз современата анимација, инспирирајќи ги и најголемите светски аниматори, како што се Јан Шванкмајер, Јиржи Барта, Тери Гилијам, Тим Бартон и многу други.

После своевидниот „креативен“ врв достигнат со „Сонот во летната ноќ“, творештвото на Трнка зазема некаков мрачен елемент. Неговите дела од шеесетите години се исполнети со зголемено чувство на меланхолија и разочарување, резултат пред се на ограничувањата кои политичкиот систем ги наметнувал на творците, како и на заморот кој авторот го чувствувал после својот последен филм. Во такви услови, тој во 1965 година го снима својот последен краток филм „Рака“(Ruka), кој е неговиот најсмел филм, во кој го искажува револтот против мешањето на „системот“ во креативната слобода на авторот.

Јиржи Трнка умира во 1969 година на 57 годишна возраст, оставајќи зад себе филмови чиј број е скромен, меѓутоа со големо значење за развојот и еволуцијата на анимираниот филм. Тој покажа дека анимираниот филм дава можности за пренесување длабоки емоционални чувства, наспроти дотогашното мислење дека тој може да служи само за забава.

 

По повод јубилејот 100 години од раѓањето на едно од најголемите имиња на светската анимација, Јиржи Трнка на 24. Февруари 2012 година во Културно информативниот центар во Скопје и Кинотеката на Македонија ќе се отвори изложба на дела/илустрации од овој автор, како и ретроспектива на неговите најпознати филмски остварувања.

 

 


Trajkovski | 17.02.2012 | twitter