Engage конференција - настан кој дава надеж дека Скопје има што да каже, МКЦ, 25.02.2012

Вториот настан кој ми даде надеж дека Скопје се придружува кон светските текови беше конференцијата Engage која ја организираше Радио МОФ во киното Фросина во МКЦ. Оваа конференција беше замислена да биде трагите на веќе етаблираните конференции како TED или Shareво регионот, т.е. на едно место да собере повеќе стручњаци, теориетичари и практичари кои ќе говорат на актуелни теми. Темата на Engage беа новите социјални медиуми и социјалниот активизам, при што програмата беше  распределена во 3 тематски сегменти, мобилизација, идеа и акција,  каде што меѓу другото можевме да ги слушнеме претставниците на Share Conference – Србија, Njuz.net – Србија, Kitchen Sink Collective – Англија, Гласомер/Вистиномер – БиХ, Метаморфозис, New Media MK, Младински образовен форум, Seavus, Слободен софтвер и други, но исто така и поединци кои се успешни во својата сфера на делување како што се Сашо Мацановски – Трендо, Влатко Васиљ, Тамара Атанасовска и др. При тоа тие говореа и ги споделија своите искуства поврзани со протокот на информациите, слободата на говорот и можностите за граѓанска мобилизација преку интернет. 


Дарко Булдиоски © фотограф: Весна Илиевска



Тоа што е уште поважно што оваа конференција даде една платформа за здружување и собирање на место на различните гласови и активисти кои досега  се собираа, објавуваа, дискутира и комуницираа претежно во рамките на социјалните мрежи, претежно Twitter и блоговите, но и на Facebook, Foursquareи другите релевантни сајтови.  Тоа што како иницијална каписла, според мене,  го направиTEDXконференцијата, но и протестите за убиството на Мартин Нешковски , да ги собере на едно место прогресивните гласови и поединци од оваа средина, се продолжува и добива веќе една поорганизирана и поструктуирана форма со ваквите конференции како Engage. Потребата  за такво нешто се виде и од составот на публиката, но и од нивната заинтересираност и ангажираност да се поведе дискусија за проблемите кои не опкружуваат и оптеретуваат. Исто така, овие конференции се можност да се запознаеме со работата на видни професионалци и активисти од регионот и од светот, како и за некои од новите трендови во интернет револуцијата која се одвива пред нашите очи, но и нашите монитори и мобилни уреди.

 

  При тоа, убаво е да се видат во живо луѓето кои редовно ги следите на Twitter како Влатко Васиљ или Тамара Атанасовска и да ги слушнете причините зошто го посветуваат и жртвуваат своето време, но и репутација за да проговорат за проблемите во општеството кои сите не засегаат. Понатаму, настапите како тој  на секогаш шармантниот, но и директен Трендо го тргаат привидот на стегната  формалост кои вакви манифестации некогаш го носат и овозможуваат да се приближи и воспостави контакт помеѓу публиката и говорниците. Тоа дополнително беше помогнато со живиот пренос кој идеше на интернет, но и со twitter  ѕидот, т.е. екранот на кој идеа твитовите на присутните, но и на сите кои го следеа, слушаа или само тролаа настанот. Треба да се пофалат организаторите што се погрижија да биде обезбедена и закуска и бесплатни пијалоци за учесниците, посебно што влезот беше бесплатен за сите што навремено се регистрираа.

Се разбира дека се не идеше совршено, дека имаше и некои пропусти и недостатоци во организацијата, но тоа е нормално за настан кој за прв пат се организира. Најголемата замерка беше што програмата беше преобемна за еден ден, но може да се разберат организаторите дека сакаа првата конференција да биде богата, содржајна и разновидна. Меѓутоа, големиот број на говорниви, а особенопридружните програми кои идеа меѓу говорите само доведоа да се измори публиката и да се изгуби енергијата за дискусија во вториот дел од дента. Иако настапот на бит бокс екипата од Струга, на Распеани Скопјани и перформансот на театарската група беа интересни, сепак немаше место и потреба, на пр. за капоера. За наредната година треба да се размисли тоа да биде програма која ќе се одржи навечер по завршетокот на официјалната програма во рамките на забавниот дел. Втората причина зошто се одолжи програмата до 22 часот беше ненавикнатоста, а може да се каже и неспособноста на домашните говорници да се искажат во предвидените 10 минути, стара балканска болка која не е по вина на организаторите. Но, тоа се детски болести кои сигурно ќе се надминат во наредните изданија.

Дејан Николиќ © фотограф: Весна Илиеска


Сепак, убавите моменти далеку ги надминуваа ситните пропусти, а тоа што јас ќе го запамтам се настапите како тој на Дарко Булдиоски кој говореше за интернет заедницата и организирањето на активностите преку неа, но и неговата интеракција со новинарот Борјан Јовановски кога се покажа дека т.н. традиционални медиуми имаат што да научат за аргументирана и издржана дискусија од интернет заедницата. Потоа, имавме шанси да дознаеме што ќе се случува на овогодинешната Share Conference  во Белград и како може да учествуваме на неа, можеби централниот настан во регионов во областа на новите медиуми и општествениот активизам. Најдобрата презентација, според мене, а и според многу во публиката беше таа на Дејан Николиќ, основачот на Njuz.net, српскио сатиричен портал. Тој на еден забавен и духовит начин ни ја претстави моќта на интернетот во ширењето на вестите, макар и лажните и сатиричните, кои заради некритичниот пристап кон нив од страна на „сериозните“ медиуми добиваат сензационалистички размери. При тоа, дознавме и за „значајната“ улога на македонските медиуми во ширењето на  една таква вест, што само ја потврди веќе нам добро познатата слика за (не)професионалноста на медиумите кај нас. Engage заврши со прикажувањето на документарецот посветен на протестите на англиските студенти против поскапувањето на школарините, добра поука за пожртвуваноста во борбата за своите права, лекција која треба и денешните студенти и млади генерации да ја научат. По филмот, иако веќе изморени и исцрпени, се разви корисна дискусија со авторката на документарецот   Isis Thompsonкако заклучок на вечерта и на целата конференција. 

Isis Thompson © фотограф: Весна Илиевска


 Се на се, може да се каже дека Engage ги исполни не малите очекувања кои сите што учествувавме ги  имавме. Тие што не беа, наскоро ќе имаат можност да ги видат снимките од говорите на www.radiomof.com.mk. Нејзиното одржување е јасен знак за потребата на нашата интелектуална, урбана и креативна средина за можности да се искаже, но и да се организира за да се справи со погубните и деструктивни трендови во нашето општество, но и да создаде нешто што е одраз на оваа средина и е во склоп со модерните текови, а не античките и националистичките. Вториот момент кој дава надеж е присуството на поединци и организации кои вооружени со можностите кои ги даваат новите медиуми и технологии се подготвени да го искажат своето мислење, но и да бидат активисти. Затоа, треба да го поздравиме одржувањето на оваа конференција и да ги поттикнеме организаторите да се потрудат наредната година таа да биде барем на исто ниво, ако не и на поголемо, бидејќи на Скопје му треба ваков еден настан.    


milan | 02.03.2012 | twitter