Kimiko - From Our Room To Yours [Geenger Records, 2011]

Состојбите на светската музичка сцена драматично се разликуваат од оние на Балканот. И тоа не е некоја новост. Додека кај едните постојано се обраборува почвата за да може да растат квалитетни, нови имиња, на Балканот се рециклираат застарени формули, а трулежот и сметот се туркаат нанапред. Но, дури и од најјалово тло понекогаш пркнува некое здраво растение. Таков е случајот и со Кимико, бенд од Загреб. Да бидеме реални, во Загреб ситуацијата во однос на музиката е далеку подобра од кај нас, но сепак и тие имаат пречки кои важат низ целиот полуостров. Сепак, тие се едни од ретките кои со нивната музика се обидуваат да се борат против сеприсутниот шунд. 

 

Cover


Љубовта и внимателниот пристап кон музиката кај Кимико може да се измери со времето поминато во припрема на првиот албум. Се сеќавам дека првпат дознав за нив уште во времето на MySpace (давно било је то) кога беа активни и работливи, но албум издадоа дури во ноември минатата година. Во меѓувреме низ бендот поминаа многу членови, разни пријатели доаѓаа и си одеа, за на крај Кимико да се сведе на своето јадро - брачната двојка Лора и Зоран. Еден технички куриозитет е дека From our room to yours е снимен во домашното студио на парот, но „мастериран“ е во Лондон кај  Tim Debney, човекот кој работи со имиња како Tom York, Gorilaz, Sufijan Stivens... 

Атмосферата што доминира во целиот албум е меланхолична. Тоа чуство извира од опсервацијата на луѓето и нивниот ментален склоп кој им налага постојано да подлегнуваат на ударите на случајот, пртворајќи ги во апатични суштества што губат секаква воља за обид за подобро утре. Таквиот менталитет на „едно напред, три назад“ ги сневеселува Лора и Зоран, но и им дава поттик да го употребат алатот со кој најдобро знаат да  ракуваат - музиката - со цел да создадат нешто убаво. Да натежнат и да создадат противтежа на таа психолошка клацкалка. Во текстовите зборуваат за неповолните состојби  меѓу луѓето, па го разведруваат тоа со пријатни звуци. Оттаму, ја нарекуваат својата музика обременет поп.

 

 

Кимико е бенд што сака да експериментира, но тоа го прави на дозиран и умешен начин. Нема екцеси и експеримент заради екперимент. Љубопитноста им е доволно скротена за да знаат каде да употребат банџо, каде гудачки инструмент, каде некое кујнско помагало за тоа да ја збогати, а не нагрди песната. Сите композиции се отпеани на англиски јазик што е нешто што би им помогнало на Кимико да се пробијат на поширок пазар. Тоа им е желба која не ја кријат.  Една песна која може да им помогне да освојат поголем борј на слушатели, поради нејзините „радиски“ карактеристики е Nothing to me, која отскокнува од целокупниот албум.
 
From our room to yours е еден питок, искрен албум што се слуша по дома (како што налага насловот). Таквото внимателно слушање, без мешање на звуците од полните улици дава потполно уживање и создава блискост со бендот, што пак, го прави целото искуство уште попријатно.  
 
Оцена: 8/10
 
Албум: From Our Room To Yours
Изведувач: Kimiko
Издавач: Geenger Records
Датум на издавање: 22 ноември 2011
 
Листа на песни:
 
1.Penguin In A Golden Coat 
2.Take A Bow 
3.Ten More Beats 
4.One Way Lane 
5.Golden Dress
6.Berlin 
7.AK 47 (free) 
8.Nothing To Me 
9.Poison Lakes 
10.Moscow 
11.Mad Scientist 
 
Bandcamp страната на Кимико

Gwendolyne | 16.03.2012 | twitter