40 години од фотографијата „НАПАЛМ ДЕВОЈКА“

Пред  десетина дена, поточно на 8ми јуни се навршија 40 години од снимањето на фотографијата на која главен субјект е Phan ThịKim Phúc, попозната како „напалм девојка“. Фотографија која му донесе пулицерова награда на фотографот Nick Uт и која, според многумина помогнала да запре војната во Виетнам.

Барем од американска страна. Фотографија – икона  и тоа една од најпрепознатлите икони на ХХ век.

Според мене оваа фотографија и целиот багаж кој го насобрала со текот на годините е добра појдовна основа за отсликување на неколку субјективно-етички прашања во врска со односот на фотографијата и објективноста, фотографијата и политиката, фотографијата и човечноста. Фотографијата.

 

Nick Uт


Целиот контекст врзан за фотографијата е општопознат и не би се задржувал премногу на него. Селото на Phan ThKim Phúc, бива посипано со напалм (претпоставете од каде е набавен) од силите на Јужен Виетнам а таа гола со изгорена кожа трча надвор од селото, за да се спаси. Фотографот ја прави снимката но потоа и помага на девојката и ја носи до една мала болница. Таквото нешто е незамисливо од позиција на „професионалната етика“ на западните документарни фотографи, особено во денешно време. Тој менталитет е граден перфидно и долго. Од комплетно дехуманизираното и  малоумно толкување на прагматизмот на William James до таканаречената политика на немешање на, да речеме еден Jean-Luc Picard. Тоа за среќа не е моралниот склоп на младиот Nick Uт и тој се вмешува во ситуацијата и се однесува како што и се очекува од едно зрело човечко суштество. Затоа што, да расчистиме-која е дилемата во таа ситуација? Или си фотограф, значи ти документираш, значи немаш право да се мешаш во текот на настаните или си во ситуацијата и контекстот те понесува, значи се однесуваш спротивно од пропишаните норми, значи се вмешуваш во ситуацијата, значи не можеш да фотографираш или барем твојот професионален кредибилитет е сериозно нарушен. Или ќе бркаш кариера и нема да се осврнуваш на ниедна ситуација и со време ќе научиш на емоционален план ич да не те засега тоа што се случува или ќе баталиш кариера и ќе се однесуваш човечки, а ситните суетни пориви како плата, слава, награди ќе ги заборавиш и ќе ги замениш за нешто сосема „мало“ и човечко.

Соголен изборот е или кариера или човечност.

Една прекрасна метафора на вредностите на денешницата.

Сите кои седат удобно во своите столици и имаат трпение ова да го читаат, секако дека лесно, на декларативно ниво ќе ја изберат социјално попожелната, човечката, некои можеби ќе речат, патетично-романтичната варијанта. Лично верувам дека изборот, фрлен пред вас одненадеж, не е баш едноставен. Или не се ни доживува можност за избор. Ако не беше така, немаше деновиве да читаме за силуваната девојка која и недостасувале 2 пени за автобус, и ги молела шоферот и патниците да и позајмат смешни 2 пени да си плати карта до дома. Откако била брутално избркана од автобусот, била така жестоко силувана и малтерирана што буквално родената мајка не ја препознала.

Прагматично-професионално-етичката варијанта на немешање има последици од друг вид. Ако се согласиме со некое и поповршинско толкување дека секој направен избор има свои последици, само ќе ве потсетам на една друга документарна фотографија, нејзиниот контест и што се случуваше по нејзиното настанување. Овде.

Kevin Carter



Можеби ова ни говори дека прекусо време не тренираат со илузијата дека не мора да се однесуваме според програмираните нагони или природните потреби, па затоа нереагирањето на крај мора да се искомензира?

Напалм девојкатае моќна фотографија, и токму затоа таа и е искористена во толку многу пропагандни цели. Што е уште по-благоречено-интересно е што целата приказна сеуште се експлоатира. Не знам дали заради одржување на митот или за дневни потреби.

Сето ова ме тера уште подлабоко да ја промислувам целата приказна околу „документарноста“ фотографиите. Медиумот кој априори се прифаќа како реално прикажување на „стварноста“ а кој всушност е толку подложен на манипулации во самата негова суштина и концепт.

Користењето на фотографиите за „други“ цели, и кај нас и во светот е одамна познато и препознато. Ќе ве потсетам само на приказната дека познатите браќа Манаки, правеле една копија за нарачателот, (на пример фиљан војвода) една за пашата и понекоја за некој „конзулат“… тоа во денешно време е крајно перфидно експлоатирано…

Значи, што е документарната фотографија? Која е нејзината вредност? Колку може да и се „верува“? Како да се „чита“?

Гледајќи ја изложбата на World Press Photo деновиве, сфаќам дека е тоа само еден медиум, кој, како и нашите, крајно еднострано и пристрасно ја прикажува СВОЈАТА приказна. Брутално газејќи по она што не е од интерес.

Ваквото гледање на нештата мене ми ја замаглува човечката димензија на целата приказна за Kim Phúc.  И не можам да се внесам во фотографијата и да сочувствувам подолго време. Гледајќи ми се јавуваат милион конраверзи.

Таа се спаси-што е со милионите кои не се спасиле од која и да е страна, од ѕверствата на исфрустрираните тинејџери, од гневните „патриоти“, од напалмот, касетните бомби, од инфекциите, од заразите кои се ширеле заради уништениот систем и инфраструктура…заради….

Западната култура лесно се утешува самата себеси. Се прашувам дали е медиски конструкт или една колективна потреба да се глорифицира едно суштество, кое, ете се спасило од „лошите“ за да се заборават милионите кои не се спасиле, а „нашата мрсна задница“ не направила нешто особено за тоа да не се случува од самиот почеток.


hakfin | 27.06.2012 | twitter