mewithoutYou - Ten Stories [Self-Released, 2012]

Уф, ама се успавме. До пред некое време можевме да се вадиме на неподносливите жештини и сензуалната заводливост на летото. Но, есента стигнува, учебната година почна и време е да искрцкаме прсти, да ја растресеме тастатурата и со нови сили да влеземе во магичниот свет на музиката. 
 
На првиот училишен час ќе пишувам писмена инспирирана од албумот Ten Stories од mewithoutYou. Иако излезе во мај, албумот не е од оние сезонски парчиња музика што се носат во џеб цело лето и се пуштаат по потреба - разведрување и расположување. Тој се слуша со читачка концентрација и посветеност, а со малку среќа и трпение наградата е нурнување во неоткриени води на музиката, поезијата и приказните. 
 
 
Cover

 

Ten Stories е концептуален албум во кој од песна во песна се одмотува приказната за воз кој се превртува заедно со циркуските животни кои ги пренесува.February, 1878 ја поставува сцената. Разгрмените гитари го најавуваат дождот од емоции со кои Aaron Weiss (вокал, текстописец и што ли не) го почнува раскажувањето. Во студената снежна вечер Слонот забележува дека возот оди кон сигурна смрт и со сета сила го турка вагонот со животни надвор од шините. Од оваа прва песна  веднаш отскокнува поетската моќ на Weiss. Во само неколку минути, со зборовите како градежен материјал, успева да создаде еден простран и исполнет свет. February 1878 не фаќа за врат и ни го зарива носот во албумот. Grist for the Malady mill се надоврзува, во нешто посмирена атмосфера со химничен рефрен и ги следи случувањата непосредно по несреќата. Оттука животните како коцки јамб се фрлени секој на своја страна. Го тресат снегот од крзната и се упатуваат кон нивните судбини, со нови возбудувања во најава. 

Зајакот во East Ender's Wives е првиот лик кој е сециран одделно, преку неговата несреќна љубовна приказна, која воедно е и анализа на (аспекти на) љубовта воопшто. Трае нешто помалку од три минути, но доволно во себе да спакува мајсторски стихови и пријатна мелодија. Слонот во албумот  е своевиден симбол на жртвата која минува, некако, оцрнето од страна на непросветлената раја. Лисицата, пак, е прилично жестока во Fox’s Dream Of The Log Flume. Тоа е  песна која следи некаква обратна прогресија. Почнува жестоко, со викање, дисторзии и напнатост за на крај да кулминира во шепот. 

mewithoutYou не се плашат да внесуваат елементи на изненадување во музиката. Ритамот низ албумот постојано осцилира, од напнати песни во кои пејачот со излезена жила од чело и висок тон ја следи приказната на ликовите до баладични мелодии во кои музиката лулка а вокалот шепоти. Неретко оваа промена во ритамот е вметната и внатре во самите песни. 

Уште една карактеристика на бендот е нивната постојана потрага по некаква смила и значње. Претенциозен терен, но Weiss тука не се лизнува, туку наоѓа одлично решение. Наместо да ги истражува прашањата што го мачат низ сопствена перспектива, тој сите горливи теми: љубов, его, битие, жртва, вистина, смисла... ги товари на грбот на животните. Така, секој лик од албумот со себе си носи некој приказна која го тера да лута низ ходниците на (бе)смислата. 
 
 
 
Убавината на албумот е во тоа тоа што има одличен баланс помеѓу стиховите и музиката. Ниедно не страда на сметка на другото. Секој збор е внимателно поставен и заѕидан во слоевитност, метафори, алузии. А музиката сосема солидно ја издржува тежината на зборовите.  Ритам секцијата е моќна и доминантна а онаму каде што е потребно доскокнуваат хармониката, пијаното или дисторзираните гитари.
 
Згора на тоа, поставеноста на песните, нивното речиси незабележително претопување една во друго создаваат вистинска музика во проза. Ако тоа што го создале mewithoutYou се замеша со троа фантазија од страна на слушателот, кај ли ќе биде крајот... 
 
Оцена: 8.5/10
 
Изведувач: mewithoutYou
Албум: Ten stories
Дата на издавање: 15 мај 2012
Издавач: Самиздат
 
Листа на песни:
 
1.February, 1878
2.Grist for the Malady Mill
3.East Enders Wives 
4.Cardiff Giant  
5.Elephant in the Dock
6.Aubergine 
7.Fox's Dream of the Log Flume
8.Nine Stories
9.Fiji Mermaid
10.Bear's Vision of St. Agnes 
11.All Circles

Gwendolyne | 04.09.2012 | twitter