Cat Power - Sun [Matador, 2012]

Поминаа шест години од излегувањето на албумот The Greatest и четири од колекцијата на преработки Jukebox од Chan Marshall a.k.a. Cat Power. Во меѓувреме весниците беа исполнети со написи за раскинувањето на врската помеѓу Marshal и актерот Ribisi. Ако нешто научивме од Aдел, тоа е дека кога некој ќе нè откачи, колку и да нè повредил, со малку талент и среќа може да ја изведеме врвната одмазда - да го изругаме волот низ песна и уште да ни платат големи пари за тоа. Но, Cat Power е троа повозрасна и далеку помудра. Наместо да пее жалопојки и да прави дневник на нејзината врска таа фаќа сосема нов правец. Така излегува Sun - производ на една очигледна физичка но и внатрешна трансформација. 

 

cover

 

Повеќе ја нема девојката која се крие зад долгата коса и пее тивко само за гитарата и микрофонот. Sun е жив албум со кој Cat Power излегува од внатрешниот свет и храбро зачекорува надвор. Прва нумера на албумот е Cherokee. Почнува ненаметливo. Од грлото на пејачката, кое веројатно проголтало многу солзи но и испуштило безброј насмевки, излегува глас кој комплетно маѓепсува. Never knew love like this/The wind, moon, the earth, the sky... вели таа пред да се упати кон веселиот раздвижувачки рефрен. Sun уште од почеток најавува дека гитарата и пијаното припаѓаат во минатото. Дури и кога ги има во песните звучат како духови на звуците кои се слушале низ салуните или можеби студентските забави од 60-тите. Новата Cat Power ја има силата и таа е во ритам машините, клавијатурите, електрониката и живиот (наместа RnB) ритам. 
 
 

Не го сфаќам спотов

 

Иако можеби Sun не е колекција на лични баладични исповеди и има троа по.. сончева нота, тој никако не е левтерен албум. Низ раздвижувачкиот осветлен ритам Marshall многу вешто подбутнува едноставни, но длабоко вистински стихови. Најдобра илустрација за тоа е песната Ruin во која вели: Bitching, complaining when some people ain’t got shit to eat. Поедноставна вистина одамна не е отпеана. Веројатно случувањата од нејзиниот живот ја поттикналe C.P. да размислува за големите нешта во животот и тоа е присутно и во албумот. Песните како Real Life и Human Beging имаат благ тон на мотивациони говори. Во Real Life низ мелодија која тече глатко, без потреси, пејачката нè потсетува дека во животот понекогаш треба да правиме работи што не ни се допаѓаат за да стигнеме до оние што ни се помили. Тука лесната мелодија како да сака да биде противтежа на нашата секојдневна самонаметната драма. Human Being  е нешто пожестока, па низ своевиден раперски стил вели: Can't you see you gut your hand on the advantages/You could stand to manage your damages/You, my dear, are a forced to feed, not to fear. Природно е еден ваков освестувачко-мотивирачки албум да заврши со песна насловена - Peace and Love. Овде атмосферата е нешто помрачна. Ритамот е репетитивен, како марш, додека пејачката непрестајно рецитира за состојбите во светот. 
 
Во последната песна сонцето и неговата светлина како да зајдоа и полека почнавме да се враќаме во нешто помрачната (дневнополитичка) реалност. Но Sun има многу да каже и неговата прилика да свети допрва доаѓа. 
 
Оцена: 8.5/10
 
Изведувач: Cat Power
Албум: Sun
Дата на издавање: 29 август 2012
Издавач: Matador
 
Листа на песни:
1. Cherokee
2. Sun
3. Ruin
4. 3,6,9
5. Always On My Own
6. Real Life
7. Human Being
8. Manhattan
9. Silent Machine
10. Nothin But Time
11. Peace And love

Gwendolyne | 22.09.2012 | twitter