Интервју со Милчо Пипин, фотограф

 

Проследете го интервјуто со еден „нашинец“ кој живее, работи и заработува од фотографија, на другиот крај на земјината топка. (превземено од страната на Фото Сојузот на Македонија http://fotosojuz.mk/

ФСМ: Здраво Милчо. Како си? Во каков период те наоѓаме?

М.Пипин: Здраво. Добро сум. Благодарам на поканата.

 

ФСМ: Кажи ни нешто повеќе за себе? Кој си? Што си? Каде си? Како си стигнал таму каде што си сега?

М.Пипин: Роден сум во Битола, имам 31 година. Професионален фотограф подолго време. Моментално живеам и работам во Куритиба-Бразил. Пред неколку години ја запознав мојата девојка на крузер, сегашна сопруга која е по потекло од Бразил. Стигнав тука, ми се допадна и решив да останам.

ФСМ: Колку долго се бавиш со фотографија? Како почна? Имаш ли некое формално образование за фотографија или нешто блиско до визуелни уметности?

М.Пипин: Се бавам со фотографија скоро 12 години, почнав да фотографирам улична фотографија/ портрети, теми која и ден денес ми се едни од најинтересните, го сакам спонтаното. На почетокот, околу техничкиот дел ми помогна битолскиот фотограф Ерол Бајрам. Потоа работев на два филмови “Тајната Книга” и “Големата Вода” каде што видов како се работи на естетика во кадар со директорите на фотографија Тиери Арбогаст и Суки Меденчевиќ. Формално образование за фотографија немам, не ни сакав да го имам, мислам дека би ја изгубил дирекцијата и слободата во тоа што сакам да го правам. Ме води моментот и играта на светло. Праксата е најзначајна, таму се греши и учи.

ФСМ: Се живее ли од фотографија во светот и кои се жртвите кои треба да се поднесат за тоа?

М.Пипин: Се живее, да. Жртви нема, само има задоволство и наоѓање баланс со клиентот за проектот кој што треба да се сработи.

ФСМ: Каде живееш сега?

М.Пипин: Во Бразил. Бразил e земја со големи можности, градот во кој што живеам е еден од економски најсилните во Јужна Америка. Тргнувајќи од тука и фотографијата има голема перспектива, потребата е голема.

 

ФСМ: Кажи ни повеќе за Бразил. За животот во една земја со брзо темпо на развој, веруваме дека нашите читатели би ги интересеирало тоа? Какви се луѓето? Како се живее?

М.Пипин: Бразил е егзотика, како природата така луѓето, има многу што да се види, не е само плажа, задник на Копакабана, карневал и фудбал како што светот мисли. Имаат големо модернизирање во многу пори од општеството. Уметничките настани се доста активни и посетени, посебно фотографијата. Куритиба е еден од тие градови.
Трошоците за живот се големи, цените се високи, поготово на техниката, колите и сите останати увезени производи. Плаќаат многу даноци, пресметано годишно луѓето работаат 5 месеци само да платат данок на државата.

Животот е многу динамичен, економијата се развива и расте многу брзо, се гради секој ден. Вработувања има, се заработува добро, можат да се планираат за иднината и се среќни. Бразилците се доста топли и комуникативни. Како народ се многу убави, физиономијата на луѓето е многу мешана, тука викаат: ''Секој еден може да биде бразилец'' и точно така. На улица нема никој да ве забележи како странец ако сте бел, црн, жолт, мулат итн. А расизмот е на толку ниско ниво, што скоро и го нема. Луѓето живеат во слога и ја сакаат својата татковина, политиката не владее меѓу младите, ретко да чуеш некој да зборува за тоа, истото важи и за религијата. Душа даваат за каипириња, пиво и самба на плажа. Храната им е многу вкусна, има влијание од интернационалните кулинарства, посебно италијанското.
Ноќниот живот е одличен, има што да се види и слушне, или се седи или се игра. Секој ресторан, клуб или бар има свој креативен амбиент со одлична услуга и релативно ''солени'' цени. Имаат многу правци во музиката: самба, самба рок, самба енхедо, боса нова, сертанежо, пакоде, аше, баиле фанк и мпб. Од народните танци најспецифичен им е Капоеира, многу динамичен и интересен танц.
Во слободно време бразилците одат често на плажа, во паркови, физички се доста активни поготово во фудбал, одбојка, теретана и џогинг. Патуваат доста и се ценети туристи насекаде во светот. Сакаат странци, посебно се воодушевени кога им зборуваш на португалски, бидејќи јазикот и не е така лесен, има луда граматика. Бразилскиот португалски, според мене е далеку помилозвучен од португалскиот во Португалија. Скоро во сите мои нови пријателства има едно пријатно изненадување кога ќе им кажам дека сум од Македонија, одма нé поврзуваат со Александар Македонски, а голем дел од нив знаат точно и каде се наоѓаме на мапата (за чудо). Како странец во Бразил во многу ситуации си граѓанин од прв ред, те ценат и сакаат, што не е случај со другите големи развиени земји.
За време на карневалите е посебна радост, вреди да се посети овој настан, го има во сите градови низ Бразил, но како што е светски познато, најатрактивен е во Рио де Жанеиро. Една интересна информација ако не им е позната на читателите за учесниците на карневалот и како тоа функционира. Тоа се културно уметнички друштва (тука ги нарекуваат училишта), кои се спремаат 365 дена за главниот настап, ги има многу, од нив влегуваат во финале само околу 15 училишта. Секоја од нив брои повеке од 5000 членови. Има комисија која го одценува победникот според песната која е направена специјално за таа година од музика до текст во стилот на самба енхедо, потоа се одценува костимографијата, кореографијата, расположението на тимот, љубезноста на тимот кон публиката и навременоста на напуштањето на самбодромот.
Да не должам многу, дојдете и видете.

ФСМ: Со каков вид фотографија се бавиш во последно време? Те исполнува ли тоа?

М.Пипин: Скоро секој вид на фотографија ми е предизвик и ме исполнува. Особено портрети, мода, абстракт, архитектура и храна.

ФСМ: Освен комерцијални проекти, фотографираш ли за себе, за своја душа?

М.Пипин:  Фотографирањето за своја душа е неизбежно, без тоа не би бил јас, тоа е комплетната слобода на изразување. Додека во комерцијалните проекти скоро секогаш  има дирекции, правила и желби од страна на клиентот, но сепак, со добар компромис се трудам да им дадам душа и на овие проекти колку што е можно повеќе.

ФСМ: За тебе фотографијата е?

М.Пипин: Фотографијата е комплексен медиум  преку кој создаваме нешто ново, нешто минато полно со емоции. Има многу што да се кажува, но јас би застанал тука, визуелното изразување ми оди повеќе.

ФСМ: Ја следиш ли глобалната фотографска сцена? Локалната? Македонската?

М.Пипин: Следам кога имам време. Светот е полн со одлични фотографи.

ФСМ: Кој влијаел врз тебе како автор? На што си се фасцинирал како мал (или сеуште)?

М.Пипин: Лично се фасцинирам на се’ што е убаво доловено во кадар! На почетоците наидов на делата на еден уличен фотограф, тоа е Буги (Boogie) српски фотограф кој живее во Бруклин, после неколку години се запознавме лично во Белград. Човекот знае што прави.

ФСМ: Што би им препорачал на нашите читатели?

М.Пипин: Биди свој и гледај надвор од себе.

Галерија портрети од Милчо Пипин

Повеќе фотографии од авторот на неговата страница www.mpipin.com


hakfin | 09.10.2012 | twitter