Јане Љоровски – фотографии од дипломската изложба

Изложбата е интересна од многу аспекти, а нас не заинтересира затоа што станува збор за фотографии на сцена под УВ светло. Бидејќи заклучокот од неговиот теоретски дел го сметаме за авторско дело исто како и фотографиите, заедно со фотографиите, ви го пренесуваме и него.

Јане Љоровски

 

Самата појава на фотографијата во почетокот на 19 век сама по себе навлече две доктрини. Едната велеше дека фотографијата е минливо чудо без употребна вредност, а другата дека фотографијата е пронајдена со цел да се стави крај на класичното сликарство. Времето покажа дека и двете доктрини се погрешни. Ниту фотографијата беше минлива, ниту пак му стави крај на сликарството. Напротив таа се разви и се развива сама по себе како еден вид на ликовна уметност со неограничена примена. Со секојдневниот развој и напредок на фотографијата како техника и технологија, се пружаат се поголеми можности во фотографијата како уметност. Правејки ги достапни за јавноста оние нешта кои со друга техника освен со фотографската ќе беа недостапни и незамисливи. Способноста на модерните фотографски камери да го забележуваат и најслабото светло, па дури и она што е невидливо за човековото око и од него да регистрираат фотографии кое видливи, отвара едно ново поле на употреба за најразлични потреби и примени. Ликовниот јазик на фотографијата е специфичен, со поголемиот дел се поклопува со ликовниот јазик на сликарството, вајарството и архитектурата, но според својата специфична техника на изработка на „сликовниот“ материјал си има и некои сопствени поими од ликовниот јазик. Типичниот ликовен јазик во сликарството го сочинуваат точката, цртата, бојата, плочата,односот на светло и сенка, тонот и колоритетот, симетријата и пропорциите, ритам и простор, перспектива и композиција. Од вајарството може да се додадат елементите како што се волумен и текстура. Од архитектурата ќе спомениме два ликовни елементи простор (екстериер и интериер) и волумен. За фотографијата специфични поими ќе бидат: фокус, длабинска острина, ориентација на фотографијата, движењето на фотоапаратот или мотивот, гледната точка, ракурсот и планот. Тоа покажува дека фотографијата, како дел од ликовните уметности во голем дел се потпира на јазикот на сликарството, вајарството, па и архитектурата но има и свои специфичности и особености. Сите овие спомнати ликовни елементи спаѓаат во таканаречените психолошки ликовни елементи, оние кои делуваат на човечката психа, предизвикувајки различни впечатоци во неа, потикнувајки импресии и најразлични емоции, тераат на размислување, анализа, синтеза и други мисловни процеси.

Јане Љоровски

 

Познавајќи го ликовниот јазик, човекот може да комуницира и со ликовното дело, а ако е вешт и надарен може и сам да создава уметнички дела. „Секое уметничко дело на за себе својствен начин е кодирано. Ликовниот јазик е клучот за неговото декодирање и за разбирање на самата уметност, а тој е е скриен зад самиот мотив кој го прикажува[1].

Имајки ги во предвид можностите и достигнувањата на фотографската техника, нејзината универзалност како говор или средство за пренесување на пораки, чувства, емоции и импресии, како и универзалниот говор на танцот, пристапив кон фотографирање на серија фотографии со сцени на танц. Се решив за третиот пристап кон фотографирањето танци, обидувајки се да ги доловам движењата и емоциите на танчерите. Нивната мистичност која со сценографијата не враќа во дамнечното минато каде што танцот претставува религиозен ритуал, нивната страст со која одговараат на ритамот на музиката, шареноликоста на костимите и интензитетот на боите во мракот доловуваат нешто неовоземско, со движењата го прикажуваат и чинот на раѓањето, но и на смрта, љубовта и возвишеноста, предизвикувајки силни реакции во публиката водена од исконските почетоци до реалноста на сегашното време низ ритамот на музиката и танцот на танчерите осветлени со ултравиолетово светло и намачкани со флуоросцентни пасти кои рефлектираат еден силен колорит и интензитет на бои.

Јане Љоровски


Парадоксот на двете уметности кое се толку различни а во исто време толку привлечни за гледачот, ме натера да се обидам да го спојам неспоивото и од тоа da произлезе нешто допадливо и прифатливо за љубителите на двете уметности. Причината поради која се одлучив за танцовата фотографија е тоа што самата фотографија како уметност е „смрзната“ т.е. ги сопира времето и движењето или прикажува само еден многу мал сегмент од него, додека танцот е уметност на движењето. Обидот да се зароби и пренесе движењето на танцот, не користејки никакво движење е вистински предизвик и во исто време и парадокс.

Одбирајки ја соодветната перспектива во однос на танчерите, сцената и светлото, се обидував да ја пренесам страста на танцот, емоциите на лицата на танчерите, да се обидам да го сопрам движењето на танчерите, но и да го пренесам на фотографиите на начин кој сепак ке ги долови сите карактеристики и ќе го прикажува нивниот танц во целата убавина и грациозност, проткаена со мистичноста на минатото и ритамот на денешницата.

Јане Љоровски

Клик за галерија


hakfin | 10.01.2013 | twitter