За изложбата Поезијата на секојдневието на Дејан Колевски

На 01.11.2013 година во националната галерија Мала Станица, ненаметливо се отвори изложбата на Дејан Колевски, самостоен автор член на ФСМ. На изложбата се поставени 5о црно бели фотографии.  Уште на прв поглед, изложбата делува како компактна, доследна, конзистентна и добро осмислена целина. Дел од фотографиите се познати на упатената публика, во најголем дел затоа што биле дел од националните колекции на ДМФ и други домашни изложби.

Дејан Колевски


 

Дејан, оние што го знаат лично, верувам дека би го опишале како скромен, ненаметлив, посветен и талентиран човек/автор. Тоа се гледа и на неговите фотографии, што не секогаш е случај. За мене тоа е впечатливо личносно и авторско достигнување. Консизтетно и автентично. И од едноставен човечки однос и од аспект на авторски израз.
 
Неговите фотографии се топли, меки, ненаметливи, крајно суптилни а сепак хирушки прецизни во композицијата, тоналитетот и неверојатно богати во својата нарација. Следно ниво кое е вредно да се нагласи и пофали е изложбата како целина, која функционира беспрекорно. На прв поглед ми ја разби предрасудата дека 50 фотографии од „ист стил/тип“ можеби и се премногу. Самата поставка, покрај тоа што им дава нова димензија, кохерентност и значење на секоја од поединечните фотографии, има сопствена динамика и смисла, која буквално „ве вози“ и во никој случај не доаѓате до недоследности или заситување. Поставката е ретко добро осмислена и подредена. Што зборува за еден добро осмислен концепт, пристап кој е вреден за секоја пофалба, однос кон сопствените дела од кој може секој да научи вредни лекции.
 
Дејан Колевски

 

Секоја чест.
 
Сигурен сум дека изложбата, доколку не пати од една од најголемите болки на најголем број наши автори – недоволно квалитетен принт, од едноставна причина што тоа кај нас ГО НЕМА во нормални и достапни услови, би можела да биде достоинствено поставена во која и да е галерија, во која и да е метропола во светот.
 
Изложбата е под патронажа на ФСМ и е една од ретките авторски изложби кои можат да се пофалат со тоа. Овозможена од страна на министерството за култура на Република Македонија, што е еден убав пример дека и во државните институции се повеќе се гради став за поддршка на квалитетни проекти, како овој на Дејан. На сите автори им посакувам да имаме што повеќе изложби со ваков квалитет.
 

hakfin | 06.11.2013 | twitter