Снег, Орхан Памук

Ова ми е втора книга од него. Да не ми ја дадеше еден пријател, веројатно немаше сам да посегнам по нова книга од Орхан беј. Нејсе. Нормално, првиот негов роман со кој се сретнав беше Се викам црвено. Неверојатно корисна за запознавање со отоманскиот поглед на уметноста, сликарските школи, здруженија и дилеми. Еден свет дијаметрално спротивен на западниот пристап, а во суштина ист. Или маката и амбициите во душата на вештите занаетчии/уметници е иста. Но, она што ми е интересно е дека тој роман оставаше некој недефинирано горчлив вкус по читањето. Недоволно горчлив за да ја оставиш приказната ама доволно за да пред секое читање да се подумаш дали баш сега ова да се чита. Ако напишам како јака ракија, ќе биде несоодветна споредба, ама црн чај што сте го препиле во периодот – веројатно ќе биде соодветно. На ист начин и романот Снег си играше со мене. Многу привлечен ама и некако одбивен. Сеуште не ми е јасно што е тоа во стилот на Памук што ми го прави тоа... 


 

Снег е опишан како роман во кој исто како и во Се викам црвено се отсликува борбата на (во овој случај) современа и отоманска Турција, меѓу секуларистите, следбеници на делото на  Ататурк („просветлен и секуларизиран“ во Солун, во Macedonia resorta et veritas)и исламистите тренирани од Иран. И веројатно и заради таквите толкувања на неговие писанија Памук добил Нобелова награда за литература. Се случува во Карс, во истурениот исток на крајот од беспаќата на Анадолија, на граница со Ерменија, Грузија и  Иран, со голем процент на Курди меѓу населението. Карс е град кој често ги менувал господарите. Во него постојат илјадагодишни ерменски цркви, јавни објекти од руската и ерменската власт за кои се зборува со пиетет. Во времето во кое врне нашиот снег, тоа е едно запуштено место, каде што нашиот херој Ка, бива заглавен од снегот кој вее и го отсекува Карс од остатокот на светот. Ка е политички азилант од времето на воената хунта, сега релативно познат поет кој живее во Франкфурт. По кустата посета на Истанбул, оди во Карс „под изговор“ да известува за самоубиствата на „забулените девојки“. Снегот е генијална нишка без која случувањата во приказната се невозможни, сипи цело време и полека ја гради кај читателот емоционална подлога да стане приемчив собитијата кои следат.  Единствено затоа што е Карс отсечен од светот , една банда неостварени уметници и војници можат да инсконструираат воен преврат, да ја земат власта во свои раце и да изигруваат шерифи, да гонат и измачуваат исламисти, курди и терористи, односно луѓе кои некому заради нешто им се сомнителни, не им се допаѓаат или имаат некои стари сметки... 

 

 

Романот и целата понатмошна судбина на нашиот поет се вткаени со случувањата во тие четири дена. Тука се ликови – локални фаци извадени од шаблон за мало гратче од која и да е провинција. Од новинари-шарлатани, агенти, илегалци, бакали, келнери. Вештината на Памук е во тоа што иако сите се скоро гротескно карикирани во нивната самоперцепција од една страна, сепак, нивното лично достоинство, нивната човечка вредност не само што е негибната, туку напротив, нагласена е на начин, нетипичен во западната литература. Сите тие се суштински вредни камчиња во мозаикот, запчаници во механизмот кој (беспрекорно?) функционира.  Тука се семејствата на загинатите девојки, учениците од верското училиште. Синоокиот терорист кој занаетот го печел во Босна и Чеченија. Тука се Свила и Кадифе, ќерките на Тургут беј. Би сакал да го пофалам преводот на македонски, барем што се однесува на имињата на некои од ликовите. Свила, главниот женски лик, на турски е Ипек, и можел така да се преведе, и така е преведен на многу јазици. Но, ќе се согласите, особено откако сте го прочитале романот, дека конотацијата и значењето на името е сосема, сосема поинакво и дава потполно нова димензија на односите, и помеѓу Ка и Свила, но и да речеме помеѓу сестрите Свила и Кадифе. Играта на Орхан беј со имињата не застанува само на тоа ниво, главниот лик Ка е во взаемна врска со турскиот збор за снег-кар.

А практично целиот роман се случува во четири дена, иако има прогресии и дигресии во двете главни нарации. Интересно ми е како е третирано времето и во Црвено и во Снег. Иако станува збор само за неколку дена, на читателот му е потребно да земе воздух и да се присети дека сите тие случувања се збиени во толку кус временски иссечок во кој атеистот Ка се покајува и се уверува дека станал верник и потоа се покајува дека паднал во слабост и сентименталност. Во неговиот пример, делумно, и не многу силно нагласено е вметната метафората за цела Турција, со векови...

 

Снег во Карс © google images


 

Да се вратам од дигресијата. Иако најчесто овој роман во критиката е толкуван како односите на модернизмот и секуларизмот од една страна и религијата, исламот, традиционализмот од друга, на општествено и лично ниво. Секако но сепак мислам дека снегот, кој така лесно ги омекнува острите пресврти, додека паѓа некаде во позадина за време на целото читање е подлога и метафора за неколку длабоко лични приказни, вткаени во овој, иако лесно би се преплетиле и во многу други контексти. Роман за љубовта, храброста и стравот. За достоинството на жената и за женската душа. За машката душа, машката храброст и кукавичлук. За машката подмолност и превртливост женската дозирана искреност. За интелектуалноста и сексуалноста. За патиштата на љубовта. За тоа дали сакањето може да се научи. Дали може да се заслужи. За моменти во кои се будите едно утро и сфаќате дека некого веќе не сакате или чувствувате дека не ве сака. Без разлика дали е блиску или далеку. Дека нешто се скршило и нема анду....

За болната реалност затскриена зад меланколични рационализации, уметност и ителектуализми - за алфа мажите и алфа жените. Вроденото и наученото/потиснатото. За уметноста како механизам кој се справува со неостварени нагони. За тоа што значи да се биде маж или жена. Горчината, гневот и бесот (насочени кон судбината или кон авторот) во грлото која скоро до последните страници ви стои, заради љубовното сценарио за кое навивате со сите сили, на крај се претвора во едно помирувачко меко прифаќање на понудената нарација. Помирувачко и меко-како снег...


hakfin | 24.02.2014 | twitter