Флуидната драматика на денот

Драмата на секојдневието  - во најобичниот човечки живот е неизбежно и постојано присутна.Таа го следи животот до степен на законитост, судбински-и тогаш кога привидно,земните човечкиденови и неговиот живот протекуваат,минуваат без некои позначајни драматични случувања.Всушност, иако некои човечки животи -  и според  авторката на „видениот“  текст „ДЕНОВИ БЕЗ ДРАМА“ - Марјолеин БИРЕНС (од Холандија), минуваат без драматика и во досадно секојдневие - на крајот, и нејзин авторски заклучок/светоглед е дека целиот човеков живот е една голема драма, сведена на непобитниот факт дека убав или не, богат , исполнет или не - животот, заедно со убавината и среќата поминуваат незапирливо, а по нив неминовно доаѓа староста, немоќта и конечно - смртта.

Изобилната текстура која се крие зад насловот „ДЕНОВИ БЕЗ ДРАМА“ и која умно и искуствено се движи  низ поетско-филозофскиот јазик на егзистенцијалистичките теории за крајната апсурдност на живеењето и кој во духот на Бодлеровиот сплин, со силината на Сартровата мачнина и’послужува на авторката, во случајов и режисерка на претставата Марјолеин Биренс да се обиде да направи визуелен, сценски приказ на литературен материјал кој очигледно примарно не бил наменет за инсценација.

N/A

 

И додека текстот има поголеми амбиции и очигледни литературни вредности, дотолку режијата, која очигледно не е примарна авторска креатива на попозната како писателка Марјолеин Биренс - се обидува да ги избегне мелодрамските стапици, на постановка која се потпира на долгите наративни пасажи, во која ни структурално нема особен простор да се прави помобилна, подинамична и побогата сценска постановка, кон што условно речено, можеби и се тежнеело секако од  концептуални причини, ако се има предвид крајно редуцираната и рудиментирана визуелна означеност на сцената.Во прилог на оваа констатација  би одело и режисерското откажување од користење на музиката и ефектите што одат со неа, а секако и во спротивен случај можеле да ја „подзакрпат“  слабата драматуршка подлога на праволиниските движења и нарации на текстот кој од холандски го преведува позната Синоличка Трпкова -Меллес, а драматуршки требало да го засили, потпишаниот драматург Билјана Крајчевска. За скудното користење на неколкуте напеви од македонското лирско фолклорно богатство, секако дека може да се има разбирање во евентуалните мотивации на режисерката да ја надмине прецизната локација на дејствието (на некој плоштад некаде во Европа), може да се каже дека иако делува во некоја мера и симпатично, останува без некој поголем ефект, претопувајќи се во недефинираната концептуалност(режисерска)  и текстуалноста без штрих (авторски, се разбира).

Во оваа современа приказна за еден реасторан (кафе’ ?пансион!) со подолга историја на постоење на некој европски плоштад, преполн носталгија и животни неисполнетости, според успешно остварената поделба, во новиот и помал сценски простор на НТБ, во реализација на петте ликови се појавија: Соња Михајлова, Борис Чоревски, Илина Чоревска, Елена Моше и Васко Мавровски.

N/A


Како и секогаш, камерниот простор и овој пат се покажа за близок и присушт за некои од споменатите актери, а за некои подалечен, што на крајот, сакале или не го надополни општиот впечаток за невоедначеност на целиот овој најнов сценски проект на битолската театарска куќа. И иако можеби во севкупната репертоарска политика и на се поголемата окупираност на НТБ со значајни, тн. фестивалски проекти , со кои театарот од Битола жнее успеси ширум Европа, се чини дека и помалите проекти од овој тип - секако сосема на место, со оглед на кастингот имаат слични проeкции, планови и намени.

Во таа смисла и се движи и актерскиот учинок на петтемина, кој во зависност од форматот на ликовите кои ги толкуваа, професионално ја одработија својата актерска, во случајов доминантна задача во голема мера подржувајќи ја и осмислувајќи ја оправданоста на овој авторски сценски проект, со кој всушност и отпочна да се реализира верификуваната (и финансираната) програма од Министерството за култура, во годината во која театарот од Битола ќе  одбележува и прославува 70 години на своето постоење.

Па така останува другиот и далеку позначаен дел од сценските проекти во јубилејната година, кои секако со нетрпение ќе ги причекаме и видиме,меѓу кои се: „ИВАНОВ“ од А.П.Чехов во реѓија на Александар Бергман, римејкот на „ГЕНОЦИД“ овој пат во режија на самиот автор - Љубиша Георгиевски, потоа најновиот текст на Венко Андоновски според мотиви од „Ана Каренина“ од Л.Н.Толстој и засега непозната петта претстава, која што ќе ја режира исто така европско име - Диего де Бреа.

Се на се, со „Денови без драма“ на холандската писателка(и на радио-драми, либрета) и режисерка Марјолеин Биренс, скромно но забележително отпочна да се случуваат едни „денови со драма“ и драмско чествување со доминантно битолски, осведочен и прославен креативен потенцијал и авторитети.

 

Пишува:  ЉУБОМИР ГРУЕВСКИ


Ranti | 04.04.2014 | twitter