Праизведба на Ждрело од Жанина Мирчевска

Со драмско-поетски јазик иманентен пред се за надреализмот како израз близок на повеќето уметности (но и врз почетните идеи на анти/драмата или авангардната драма од 19 и 20 век) – Жанина Мирчевска, авторката на „ЖДРЕЛО“ – претставничка на помладата генерација  драмски писатели и една од малубројните успешни,  меѓу мноштвото машки претставници на  македонската драматуршка школа) вешто и инвентивно, се зафаќа со означување на аномалиите  во општествениот концепт на капитализмот, силно и жестоко, но доминантно подбивно -  разобличувајќи ги, разголувајќи ги, мечтателно поигрувајќи се со нив и крајно, жигосувајќи ги како зло, болест - ќорсокак на совремието!

Авторката Жанина Мирчевска несомнено е талентиран создавач на драми, со возбудлив и непредвидлив драмски ракопис, кого го одликуваат пред се драматуршките постапки кои се првично  насочени кон непочитување на формите и содржините на класичниот драмски израз толку присутен во македонската драмска литература.

N/A


Иако „ЖДРЕЛО“ е еден од првите текстови на Жанина Мирчевска,  која завршува  драматургија на ФДУ во Скопје и е постдипломец  во Словенија, каде што повеќе години  интелектуално и творечки „гастарбајтува“ на словенечкиот гледалиштен простор, при тоа за таа своја актива, добивајќи и признанија кои го носат предзнакот – европски. Најновата, неодамнешна македонска праизведба на „Ждрело“ во режија на Зоја Бузалковска доаѓа по онаа „вистинската“  во Словенија, од пред неколку сезони , поточно во 2009 на сцената на Словенсконародно  гледалишче во Љубљана.

Во оваа  над-реална  „скаска“, фантастична приказна за постојаната глад на еден транзициски персоналититет несреќен колку и среќник, Жанина Мирчевска гради, испишува – преку фуриозно инспиративен јазик каде што од неочекуваните радикални скршнувања/пресврти во самата текстура избива и се гради внатрешната драма (несреќата на среќно-несреќните ликови на луѓе но и на други „животински“ видови, означени со реалистичките маски на коњ, овца...итн.). Модерниот, или уште подобро необично поинаквиот (што би значело: иновативен и истражувачки драмски ракопис)  текст освен глобалната метафора за ненаситноста (алчноста) и сличните неетички и ним прилични категории, не носи драмска структура од која режисерката Зоја Бузалковска можела да прави драмска претстава со карактеристичните очекувања за сценски случувања по стандардизираните барања на сценската драматургија, туку таа според својот очигледен творечки близок светоглед и естетски кредоа на оние на авторката Жанина Мирчевска, прави лесна, лесно читлива но мошне експресивна претстава, наоѓајќи го задоволство во текстот (и од него) .Така бравурозната палета на промени, идеи и стилски скокови на текстурата, сугерира и овозможува, режијата да дојде до единственост на стилот и режисерски израз/ концепт а и актерски да ја воедначи оваа симпатична бајка/басна - колку за неодамнешните и блиски и подалечни простори и времиња/години, толку и за  - актуелното совремие.                                                                    

Во ваквата очигледна слобода да се прави вистинска театарска - сценска игра, се чини најповеќе профитираат не многубројните актери, со извонредната можност да играат без големи претензии за остварување на „големи ролји“ туку да дојдат да извонредни резултати и креации, кои низ еден контролиран режисерски труд правилно насочувачки и иманентно либерален,  да создаваат и градат свои своевидни мали но признателни актерски остварувања.

На секогаш целосно внесениот во ликот, секогаш несфатливо мотивираниот и уверлив Рубенс Муратовски, овој пат покрај помладите актерите од најновото генерациско освежување на Драмски театар (Димитрија Доксевски, Александар Степанулески, Соња Стамболџиоска, Ивана Павлаковиќ и др.) овој пат како своевидна творечка резонанса, во некои од заедничките сцени,  му претставуваше појавата на некогашната водечка актерка на Театарот од Карпош – Лилјана Велјанова, во ликот на Сирма, мајката - на: Оној што си го изел и своето име (Р.Муратовски).

Ова праизведбено претставување на „Ждрело“ – дома, во Македонија и на сцената на некогаш култниот  Драмски е уште еден успешен учинок меѓу повеќето досегашни, на неговото актуелно уметничко водство да се врати “потеатарскиот“, порепертоарскиот но и поразнообразен естетички конципиран програм, со враќање или едноставно со вклучување на нови и по вокација и израз, не само млади, творечки  индивидуалитети со веќе потврден кредибилитет и талент, со поинакво чувствување и поразлични погледи на/и од - сцената театарска, воопшто. Во таа смисла и насока во претставата се вклучени, како: драматург Александра Бошковска, а тука е и појавувањето на Лира Грабул – која со овој свој најнов ангажман го смалува дефицитот на специјалците за театарска костимографија , како што тоа го прави и сценографскиот резултат на помладиот театарски посветеник – Љупчо Јованов. Придонесот и ангажманот врз кореографијата на Кренаре Нокшиќи и музиката на Огнен Анастасовски, се во прилог на нашата теза дека зад оваа необична, колку модерна толку со мирис на стар театарски шмек на игра, шминка, костими/маски и ликови; колку фантастчни толку и приземни – не убедуваат во творечкo-естетскиот сензибилитет на одбраните создавачи на подзаборавениот фантастичен, надреален – театар сон, театар за „повозрасни“, но и: за деца и младинци.

Така, главниот создавач на сценското доживување, режисерката Зоја Бузалковска и со овој проект не увери во високата хоризонтала на своето авторско/естетско рамновеси и студиозноста во создавањето театарски проект – секогаш во потрага по  необичното, атипичното - и поинакво читање  на секој (нов или не) драмски текст.

 

Пишува:  ЉУБОМИР ГРУЕВСКИ


Ranti | 29.11.2014 | twitter