Табернакул-среќен 25ти роденден!

Изгледа ова каснава есен била одлична за отворање книжарници, гледам деновиве прославуваа родендени неколку важни скопски книжари. За мене лично ова вреди да се појави кај нас. 

Табернакул прославува четврт век постоење. 

Уште како клапуш-бруцош, од времето кога Табернакул беше сместен во сегашната билетара на МОБ, знаев, во вакво есенско-меланколично расположение, независно, нели, од годишното време, да се далнам од философски накај центар. Ветувајќи си себеси дека овој пат нема да влезам во храмот Табернакул, од прост срам. Да листам книги кои не можам да си ги купам. Да се насладувам од плодовите кои не можам да си ги дозволам.

Сигурен бев дека ме знаеа, како, веројатно не и едниствен од оние кои доаѓаат да плакнат очи и да полнат душа. Од оваа перспектива и не знам што и дали имаа некој посебен однос кон нас-таквите. Знам дека во тоа време сеуште имаше појасни реминисценции од минатиот систем и веројатно поголемо разбирање за општата немаштија, преголемите цени на книгите, особено оние кои не беа на македонски, оние најпосакуваните, какви што немаше во друга книжара.

Ретко имав буџет за повеќе од една книга месечно, а и насловите кои ги гледав, сигурно и сега не би ми биле достапни во многу поголема количина. Арно ама, одејќи натаму, некако ќе ми се разгореше страста да прочитам уште некој пасус од некоја книга која и минатиот пат сум ја гледал, се роеја сонувачки мисли, и со кнедла и радост неизбежно влегував со секогаш истиот ритуал-полузаинтересирано и бавно шетајќи меѓу масите со книги, поминувајќи ги сите со ред за на крај да стигнам до целта. Ја земав полузаинтересирано книгата за потоа да направам гримаса која демек треба да покаже изненаденост од конкретната книга и демек ја гледам по прв пат па почнувам заинтересирано да ја разгледувам. А нема врска, барем 10тина пати сум го направил истото, и не со една туку барем со 20тина кои ми биле актуелни во периодот... и така, сега со носталгија се сеќавам на наивното воајерство зачинето со горчината и смотаниот срам како и скокотливата радост што еве, сепак, имам перспектива во животов, кога еден ден сите тие магични кутии ќе можам да си ги приуштам, сега само воајерски насладувајќи се, како искусен страсник, одложувајќи го уживањето.

 

Покана-честичка

 

Кога времето поминато внатре ќе ги поминеше сите разумни и неразумни граници дури и за редовен муштерија, тивко излегував, ко руски дисидент од јавна куќа, со поднаведната глава, божем сите знат. Со скоро доволна количина на срам и глупо чувство дека пак ништо не купив, и дека на сите (двајца) во просторијата им беше и јасно дека нема ни да купам. Едно олесување од една страна и отежнување од друга. Како после рано тинејџерско дркање. Грижа на совест од насладата која не ми е дозволена, а сум си ја приуштил.

Кој знае што си мислеа за мене. Ама сигурно е дека ни сега не сакам да знам. Гарант е поедноставно од тоа што дури и сега си го замислувам, кога со некоја маглива сета се присетив на целата таа палета од чувства и доживувања.

Тоа е тајното сладострастие кое јас го откривав во ковчеџето во храмот на книгите, го откривам денес, кога ретко кој чита повеќе од 160 карактери. Им благодарам за сето сладострастие и за тоа што сеуште сум и муштерија и читач. 

Ако за ништо друго, за тоа сакам да им честитам 25ти роденден! И да им се множат!

 

hakfin | 16.12.2014 | twitter