А. Каренина на 21 век – во Битола

М А К Е Д О Н С К А    Т Е А Т А Р С К А    С Ц Е Н А  -     ПРЕМИЕРА :  Н Т Б
 

Праизведбата и воопшто првото поставување на текст од еминентниот  македонски романсиер и драмски писател –Венко Андоновски, го донесе на сцената на НТБ  најдобриот драмски текст во неговата респектабилна драматуршка библиографија, која досега ја чинат десеттина неодминливи дела во современата македонска драматургија.

На 30 Ноември, на истекот на 2014 година на театарската сцена во Битола, Венко Андоновски се појави со својот единаесетти драмски текст во режија на Дејан Пројковски – секако еден од водечките македонски театарски режисери од помладата генерација – што можеше и да се очекува по сите последователни успеси на овој тандем, особено по оној со “Генетика на кучињата“ која како фестивалска претстава на МТФ „Војдан Чернодрински“ во 2012 година ги освои скоро сите награди, отпочнувајќи од онаа за текст (В.Андоновски), за режија (Д.Пројковски) па до сите актерски и коавторски остварувања.

плакат


 

Првото поставување на драмски текст од најуспешниот македонски романсиер  - Венко Андоновски, добитникот на највисокото признание за литература кое што воопшто некој македонски прозен писател го добил за своето творештво – наградата „Балканика“ ( за „Папокот на светот) на актерката, сега веќе припадничка на средната генерација на ансамблот на НТБ – Илина Чоревска и' ја донесе насловната улога и секако ја исправи пред најголемата задача во нејзината досегашната кариера. Ролјата која во апсолутна смисла е носечка, а ќе биде, веројатно, за еден подолг период еден од ретките женски ликови во македонската,не само драмска литература, лик вешто создаден и уште подобро мотивиран, лик во кој најверојатно секоја актерка би сакала да се види и што е уште позначајно- да посака да го провери  својот актерски капацитет и моќност за владеење со сцената.

Така, носејќи го врз себе товарот што во својата препознатлива пост(пост)модернистичка постапка го задава авторот Венко Андоновски, кој и овој пат посегнува  кон класичната матрица зафаќајќи во до неодамна недозволените простори на бесмртните дела на „горостасот од Јасна Полјана“ и натоварена од тежината на најсуптилниот и најдлабоко изрезбарениот женски лик во светската литература(дури и од самото  нејзино име А.Каренина), Чоревска достоинствено и самоуверено се предава на ликот, одговорно и безрезерво, авансирајќи го својот конечен успех со припомошта на нејзините партнери, меѓу кои примарно потпирајќи се на искуството и сензибилитетот на Петар Горко (Сопругот), потоа прецизноста на Борче Ѓаковски (Психијатарот) и темпераментот на Огнен Дранговски (Забарот).Но сепак, решението на сложената психолошка состојба на жена и мајка, поделена меѓу хедонизмот, толку иманентен и присутен во драмата на В.Андоновски - кај кого примарна сепак е поделеноста на човечкото битие,индивидуата/единката нејзината интима; меѓу рационалното и емоционалното и сето тоа визави малограѓанската средина, провинцијализмот и „паланечката“ перцепција на нештата во врска со правото на личен избор и право на љубов, Чоревска и 14-те мина актери, докрај и доследно, би рекол исполнително ги извршија барањата и на текстот и на режијата, покорувајќи се на барањата на концептот од интимистичка претстава да се направи поволуменозен перформанс со на моменти претерано натуралистички и рустични решенија, кои за среќа се добро покриени со поефектните и попријатните за око и уво текстуални и мизансценски допадливи и порелаксирачки фрагменти.

N/A


Во таа смисла мора да се подвлечат остварувањата на Соња Михајлова и Валентина Грамосли, кои низ мошне слободниот текст низ формата на стендап комедија, имаа прилика да ги презентираат своите можности во комедиографски исказ, во кој ретко помислува на нешто друго освен на слатко смеење. Одма тука би се вредило и остварувањето на Елена Моше (Домаќинката?, сопругата на Забарот, љубовникот на Каренина) и нејзините брилијантни пасажи.

Говорејќи за актерските остварувања, во претстава која подеднакво својот успех му го должи на трите најважни сегменти: текст, режија и актерски остварувања, од мноштвото успешни ќе ги издвоиме уште најновите и најмладите на битолската театарска сцена. Ако од другите ја видовме и добивме очекуваната актерска реализација, со младата Катерина Аневска,евидентно битолската театарска сцена добива една млада повеќекратно надарена (глас, музикалност итн.) уметничка која умее да гради оригинални актерски решенија од и до детал, правејќи го тоа вешто, оригинално и симпатично.И најмладиот – Детето, Стефан Стерјовски –успешно деби! Браво.

 

ПИШУВА: Љубомир ГРУЕВСКИ


Ranti | 11.01.2015 | twitter