Писма од Балканот

Гостување на театарот „Поен“ од Корзика, Франција

СЦЕНИ ЗА ВОЕНИТЕ СТРАДАЊА

Со својата безгранична можност за претставување на недобројните вистински или имагинарни настани на просторот на нешто што од секогаш се нарекувало сцена, театарот со својата исконска магичност претставувајќи или покажувајќи го животот во сите негови појавни облици, одново и одново ја потврдува својата проверена неуништивост/вечно траење – не криејќи го при тоа ритуалот и мистичноста на своите прапочетоци длабоко изникнати во историјата, односно граничните епохи на праисторијата. Човековиот живот пак – што е, ако не всушност – суров, реален театар/приказ на животот, или уште подобро и поточно: глобална сцена на животот низ која со векови/милениуми поминуваат милиони реални инсценации на милијарди смртни човечки суштества низ Долината на плачот и солзите. Театарот како таков, често знае да биде директен, едноставен или едноставно магичен. Многу често или најчесто за театар, за театарски настан се потребни две/три нешта: актер (актери: протагонисти и/или антагонисти) место и игра/настан-дејствие најчесто со говор, но може и без зборови. Зашто тука е замената на зборот – играта, танцот – говорот на телото. 



 

Сите овие овие проверени елементи и вредности на театарскиот чин, немногубројната (или подобро малубројната), но добро одбрана екипа на театарски уметници и големи ентузијасти од Театарот “Поен“ од Корзика, гости на битолската театарска сцена одамна ги опсервирале, акцептирајќи ги за нив најдобитните формули на патот кон успехот на нивниот наједноставен начин на создавање на театар. Потпирајќи се –во претставата „Досие 14/ 18 – Балкански писма“, пред се на документот и историската фактографија за трагичните воени години од 1914 па до 1918, на коренспонденцијата на француските војници учесници во Првата светска војна и нивните семејства, театарските уметници од Корзика (Ајачио) преку вештата интерпретација, успешно ја создаваат еписторалната сценска новела за обичниот човек. Човекот изместен од семејното гнездо и ставен среде ужасот - од двете страни на фронтот не исклучувајќи ги оние жители, каде тој фронт се протега – а Македонскиот фронт, во случајов е тој каде се случуваат трагичните разврски на безбројни млади Французи и други Европејци, на кои токму нашиот Балкан, нашата Македонија е тој полигонот, тој предел толку близок до пеколот кој во својата катастрофа не ќе ги исклучи само од далеку дојдените војски туку и многуте домородни балкански народи: Срби, Бугари – и секако Македонците од двете страни на фронтот и во две различни униформи. И тука е финалето – македонските прекрасни планини и житородни полиња, ќе се претворат во полиња на смртта и безнадежноста.

Авторите на претставата или поточно сценската игра “Досие 14/18 . . . “ како неформален тетарски круг влегуваат непретенциозно, но со јасна цел да допрат до што поширок аудиториум иако од друга страна ниту нивниот сценски простор ниту форматот на проектот е таков да претендира на големо театарско случување, драмско дејствие според стереотипите на вештините на драмската архитектоника, така позната и суштински блиска на големите или професионални театри. Не, малата екипа од Ајачио која овој проект го турка/игра безмалку десетина години за да ги искаже своите Антивоени убедувања и во име на мирот , сосема едноставно со сила на искажаниот, прочитаниот или (видео) прикажаниот документ, да предупреди токму на 100 годишнината од Првата, страотна световна катаклизма. . . Па така иако не изговорени над полумрачната сцена и четворицата актери како цело време да лебдат жестоките стихови на големиот француски поет Ж Превер од познатата песна за љубовта -за „Барбара“: Голема свинштина е војната“ – како парадигма на вкупното доживување. 

 


 

Во осмисленото крајно редуциран сценски простор – маркиран со неколку маси и столчиња и без скоро никаква сценографија, освен маркираниот простор за видео-проекциите на многубројните факсимили на војничките и други писма и документи и со играта на мракот и светлото означениот вкупен сценски простор – актерите ја искажуваат својата можност со зборот како израз да создадат атмосфера, упатувајќи ја енергично пораката на својата уметност и крајно вербата во апсурдноста и потребата од поинаков и поубав свет на иднината – свет на мир, разбирање и љубов. .

Најзаслужниот за осмислувањето на сценскиот проект „Досие 14/18. . . “ Франсис Аики, адаптерот и режисер и неговите актери: Елен Ардуен, Натанел Маини и Пјер Саласка, како и Синиша Николиќ (задолжен за српските пасажи), заедно со останатите соработници на музичката и визуелната подршка, со своето прво гостување во Македонија оставија впечаток на уметници кои професионално и импресивно ја исполнија својата задача на возбуда на подзаспаната меморија на “учителката - историја“. 

За Плагијат од Битола

Љубомир Груевски


hakfin | 20.04.2015 | twitter