За успението и падот на човекот Андрија Гавриловиќ

Дело:  Одбраната и последните денови / Успението и падот на Икар Губелијан
Издавач: Или-Или, Скопје, 2015

Насловот на овој осврт/рецензија е комбинација на двете новели на Борислав Пекиќ сместени во една книга: Одбраната и последните денови и Успението и падот на Икар Губелијан. Тие две совршено одат една до друга, спој како да се една книга,во продолженија, која отсликува трагични судбини на два лика, кој се обидуваат истата да ја надминат. Нивните животи тргнуваат да се тркалаат надолу по удолницата на уништувањето и низ различни успони и падови се обидуваат некако да се одржат на ударите на сопствената судбина која, ете за нивна несреќа не попушта. Тоа се лични исповеди, кои доколку не ги напишеле ликовите од овие редови, можеби би можеле да ги напишете вие.   

Одбраната и последните деновие приказна за последните денови на еден колаборационист. Но случаен и сосема невин. По случај на животот и ударите на токму таа судбина. Тоа е приказна која изобилува со многу интелигентен хумор и жестока сатира, што само ја открива причината зашто ова дело било забрането во Социјалистичка федеративна Република Југославија. Впрочем како и многу други дела кој даваат реална и прецизна критика на состојбите кој владееле тогаш во тоа општество.

Одбраната... е бизарна животна приказна на еден помалку наивен чувар на плажата. Тоа е приказна со чудни, извртени случки, кој го воведуваат главниот раскажувач Андрија во нови и нови, згоди и пред се незгоди, во тоа време невреме, кон крајот на втора светска војна. Писателот ве носи низ неговиот тажен но фасцинантен живот, не оставајќи да ви биде ни малку досадно низ неговиот разбрануван тек. Делото е приказ на апсурдноста на светот во кој токму тој живот се случува, но е слика и прилика на секој еден живот, на било кој човек, па дури и современ, во било кое време и доба. Тој е парадигма на неуспехот на секој еден поединец, кој на пример, живее и работи во ваша непосредна околина. 

korica


 

Андрија е и позитивен лик. Не е интелектуалец, но има интелектуален капацитет кој не бил доволно развиен поради околностите во кој живее. Но, сепак фасцинира неговата прониклива природа, неговата снаодливост, a од друга страна неговата основна карактеристика, наивноста, го амнестира од било каква критика. Во овие апсурди може да западне било кој од нас, а можеби и веќе запаѓа. Неговиот живот, како впрочем секој живот, е пронижан со бездната помеѓу желбата за еден достоинствен живот и неможноста тој да се постигне. Судбинските удари не го оставаат намира; и таман кога ќе помисли дека излегол од оваа провалија, нешто повторно го влече во апсурдот. Неможноста да се извлече и постојаното тонење кон дното, се подлабоко и подлабоко, го прават неговиот камен поголем и поголем, а ридот по кој треба да го турка сè пострмен. Тој современ Сизиф за миг помислува дека секоја следна случка ќе го спаси од парадоксалната природа на светот, но токму таа случка безмилосно и повторно го влече кон крајот. Овој пат конечно.

И алузијата со Сократ не е случајна. И тој не случајно се сретнува со Платоновото дело токму во затворот. Неговата морална чистина е како на Сократ. Тој не ја расипува младината, туку само општеството и мнозинството го толкува така неговиот непромислен избор. Едноставно таков е контекстот. И Андрија не е колаборационист. Тој е професионалец, кој својата работа безусловно ја работи. Повторно контекстот во кој тој битисува е оној кој ги создава забуните кај мнозинството. Ништо поразлично од денес. Народот е поделен на предавници и патриоти. Така е тоа во воена состојба. Тој дури и го нема слушнато тој фамозен збор - колаборационист. Е толку чист и наивен е Андрија. Според тоа, сосема несвесно запаѓа во апсурдот во кој случајот и историскиот контекст го повлекуваат. Бизарно до бескрај.

И покрај сè, тој своето морално достоинство го брани со бескомпромисност. Тој е сигурен во својата неизвалкана посветеност во професијата. Свесно влегува во смрт, исто како и Сократ, не признавајќи ја контекстуалноста која му се наметнува, туку напротив е цврст во позицијата дека нема разлика во давениците, сите се исти пред него, како и пред бога, кога се борат за здив со надојдената река, со ударите на сопствената судбина. Секој еден, па макар и непријател, кога е во водата се прочистува, покрстува, па нема простор за импровизација. Така и самиот се обидува да се прочисти, повторно да го добие заслуженото место во својата средина, но овој пат како чист, како патриот, а не колаборационист. Дали  успева во тоа? Не е ни толку битно. Битен е само неговиот обид.  

За разлика од чуварот на плажата на реката Тиса Андрија Гавриловиќ, кој се судира со бирократските механизми на социјалистичкото општество во педесеттите години на минатиот век, но и на суровата иронија на животот, Икар Губелкијан е уметник, признат и да речеме славен,  но и тој не е поштеден од бизарните замки на животот. Сите обиди за надминување на препреките во него, остануваат залудни. 

Онаму каде завршува животот на Андрија,  започнува оној на Икар. Тој е интелектуално посупериорен и уметнички префинет, но еднакво меланхоличен коа е во прашање животот и рамнодушен кога станува збор за неговите неуспеси. Целата слика изгледа дотолку потрагична, што проклетството на неуспесите како да ги наследува од неговите родители. Митот за Икар и неговата желба да го направи конечниот успон, претставува огледало на животот на нашиот Икар, кога го доживува и последниот пад. Совршен архетип на секој еден обичен смртник.

Идеолошката обоеност здобиена од времето во кое приказните се одвиваат е видлива, а тоа ги прави уште повозбудливи. Времето во кое пак тие се објавени ги прави уште по интригантни и секако податливи за контроверзии. Токму затоа и познатиот Југословенски бенд Идоли го одбираат насловот на едната од овие новели за име на својот прв албум, од каде животот и контроверзиите на ова забрането дело продолжуваат.

Тони Димитров


Ranti | 01.06.2015 | twitter