Магор претставува - Макс Фриш : ХОМО ФАБЕР

 

Автор: Макс  Фриш
Дело:  ХОМО ФАБЕР извештај
Издавач: МАГОР, Скопје, 2013

 

Не одам на пат без книга. Читам во чекалницата, пред гејтот и за време на летот. Понекогаш може да имам многу време, особено на долги патувања или при трансфери, а тоа е можеби единственото кое можеш да си го дозволиш и посветиш на себе си. Влегувам во авионот, седнувам, веднаш ја отворам книгата и читам... несвесен за перспективите во животот кој потенцијално се отвораат пред мене. И Фабер исто така, влегува во авионот и тргнува на пат. Тука почнува неговата исповед. Дневник. Хронолошка исповед за неговиот живот, комплексните случувања во него и конечно неговата смрт. И моето влегување во авионот е можеби почеток на една ваква исповед, дневник, извештај. Тргнуваш на пат. И Секое патување е можеби почеток на крајот на твојот живот. Секое патување има свој почеток, цел и крај. Така е и со животот. Таа болест на смрт. Она што е најзначајно е да видиме со што е исполнет тој пат. Што гледате низ прозорецот, какви пејзажи го исполнуваат егзистенцијалниот светоглед додека сте упатени кон следната животна дестинација.

Тоа му се случува и на Валтер Фабер. Ова патување за него значи почеток на неговата егзистенцијална драма. Можеби чудна и несвојствена за оние кој живеат живот исполнет со конформизам, обоен со баналноста на секојдневните обврски и следење на наметнатите ограничувања. Фабер излегува од застоеноста на овие рамки. Скршнува од патот, по сопствена волја и под дејство на моменталното расположение. Не знае каде тоа го води и каде ќе го одведе. Но, не е ни битно. Едноставно се впушта на стихијата на животот покрената од својот личен избор. 

корица


 

Овој пат тој го раскажува во својот дневник. Дневникот технички е структуриран во два дела, станици, два, условно, периоди од неговиот живот или сепак, болнички извештаи. Хронолошки е неправолиниски, не ги следи временски случувањата, чија временска прекршеност го прави по динамичен. Првиот извештај го пишува во период од 21. 6 до 8. 7, а го објаснува патувањето, средбата со братот на сопругот на својата, веќе бивша девојка, својата ќерка и спонтаната врска со неа, повторната средба со девојката по дваесетина години, па дури и смртта на својата ќерка.

Иако се тешки овие случувања, понекогаш, би рекле и трагични, Фабер раскажува без емоции. Тој не е меланхоличен, туку повеќе рамнодушен. Во онаа смисла во која ништо не може да го измести од својата намера, сосема свесно и објективно од една мета перспектива, опсервирајќи ја ситуацијата т.е. себе. Описот на станиците во неговиот живот се перципирани со емоција како да се случиле на некој друг. Апатија и атараксија. Потполна душевна непоматеност.

Тоа и воопшто не е несвојствено, земајќи го предвид насловот на овој роман. Homo faber или tool making animal; или човек создавач, антрополошки концепт за човекот кој ја контролира својата судбина и својата околина преку алатки. Секој човек е креатор на својот фатум. Така живее и Фабер, имајќи потполна контрола врз случајот.
Тој е и инженер и работи на проект на УНЕСКО. И таа симболика е тенденциозна. Неговите сфаќања се технички и неговиот поглед на светот е студен, технички. Наспроти Homo ludens или човекот кој си игра и чиј живот е спонтан и забавен, Homo faber е по сè промислен.

Токму затоа целиот извештај во неговиот тек е донекаде објективен, студен, дистанциран и непристрасен приказ на тоа што се случувало. Воопшто не интимен, дури одреден со јазик како да го напишал некој друг, а не самиот тој. Со таа извесна дистанца на рамнодушност, ги опишува случките од својот живот, кој се преплетуваат временски и просторно, кои влегуваат од една во друга, и колку покомплексни, таа извесна дистанца и рамнодушност ги поедноставува. Тие се развиваат без ни малку патос. Љубов, трагични падови, замрсени односи, напуштање, инцест, па дури и смрт, сето тоа запишано во текот на константното патување. Иако од перспектива на етиката на еден просечен живот, сето ова изгледа трагично, па дури и неморално, можеби брутално, смиреноста со која Валтер Фабер ги одмотува своите исповеди, со скоро технички пристап ни ја доловува нивната човечка димензија. Сето ова може да му се случи на било кого. И без посебна драма да се прифати нивната реалност, а од одредена дистанца да се раскажува со непристрасност.

Неговиот пат е сепак одреден со дефект, каде авионот, симболот на техничкиот прогрес,  кој принудно слетува среде мексиканската пустина, го одредува текот на неговата животна патека. Тоа прави прекршување во праволинискиот тек на животот на еден инженер и претставува пресврт во неговиот стабилен емотивен баланс. Сепак Фабер освен, буквално, последната реченица во својот дневник, не остава впечаток дека чувствува грижа на совест за она што го направил. Последните зборови се круна на оваа исповед, која очигледно алудира на поместувања во неговата внатрешна техничка природа: Сабет, неговата ќерка, на патувањето запишано во дневникот "ќе го сретне својот татко, кој ќе уништи се". Непосредно пред смртта станува свесен за постоењето, соочувајќи се со сознанието дека ќе згасне во светлината, спротивставувајќи се на времето, односно на вечноста во моментот. Вечно да се биде значи: да се постои. Тој конечно се одрекува од сите овие исповеди, овој хронолошки извештај и донесува одлука во случај на смрт: да се уништат сите негови сведоштва, како извештаи, писма, забелешки, бидејќи ништо од тоа не е точно.

Животот на Фабер, кој се претвора во модерен хибрид на митовите за Едип и Електра, отвора етички дилеми, особено во денешниот контекст на хипер модерното општество, кога моралот е сведен утопистичка нужност, во време на целосно деградирани вредности и дистописки технолошки револуции. ХОМО ФАБЕР, во овој свет кој се дехуманизира пред нашите очи, е лекција, особено за генерациите кој во него ќе пораснат под влијание на овие вредности. Но, одговорноста е сепак кај сите нас. 

 

Тони Димитров


Ranti | 23.06.2015 | twitter