Hindi Zahra i Lula Pena na Offest

Третата вечер на Offest беше незаборавна вечер од повеќе причини. Се разбира, прва и најважна беше музиката, бидејќи бевме сведоци на настапите на две извонредни уметници, Lula Pena и Hindi Zahra, со две различни енергии, но со непореклива харизма. За жал, тие две енергии не соодветствуваа еднакво на прежешката атмосфера во Денсинг салата во МКЦ. Во оваа вечер најеклатантно ги видовме проблемот со недостаток на соодветна концертна сала во Скопје која покрај акустика, ќе понуди и добра вентилација. Организаторот се најде во тешка ситуација заради големиот интерес за вечерашниот концерт и особено за Hindi Zahra, така што не можеше да го префрли концертот во Кино Фросина, но не можеше никако да го реши недостатокот на воздух во салата. 

Tatjana Rantasha


Тоа особено се почуствува за време на концертот на Португалката Lula Pena чија нежен, суптилен, но моќен глас и настап  беше тешко да се следи во жешката атмосфера. Многу од постарите посетители не можеа да издржат и излегуваа надвор, но поголемиот дел од публиката покажа дека знае да го цени уметникот и до крај го ислушаа концертот. За тоа беа почестени со прекрасна изведба која во најголем дел беше базирана на фадо музика, најпознатиот португалски стил, но во нејзиниот репертоар имаше и шансони на француски и англиски јазик, но и бразилска боса нова. Lula Pena немаше потреба од дополнителна придружба, доволна беше нејзината гитара и глас за да завладее со просторот на МКЦ и да добие заслужен аплауз. Сепак, останува впечатокот дека подобро ќе беше овој концерт да се одржи во Фросина, а верувам дека на поголемиот дел од скопската публика немаше да и смета  времето до концертот на Hindi Zahra  да ги помине надвор со пиво во рака и да прави муабет, и онала едно од омилените делови на секој наш фестивал.

Tatjana Rantasha


 

Жешката атмосфера сепак повеќе одговараше на стилот и настапот на Hindi Zahra чија музика со еднакви примеси на рок, поп, реге, шансона и ориентални призвуци е далеку посоодветна за една темна рок сала. Оваа млада Мароканка со нејзините два албума Handmade и Homeland дефинитивно ја освои публиката со вкус и претставува име кое со најголемо нетрпение се очекуваше на фестивалот. Во текот на вечерта, Hindi Zahra се претстави со повеќето од песните од двата албума, меѓу кои и познатите Beautiful Tango, Stand Up, To the Forces, но дури и тие кои не ги знае нејзините песни, беа маѓепсани од неа.

 Иако ситна по раст, нејзината харизма, стил и појава веднаш ве освојуваат на прв поглед, а кога ќе се комбинира со нејзиниот глас тоа е комбинација на која ретко кој може да одолее.  Се разбира, многу помогна што Hindi Zahra беше придружена од бенд составен од извонредни музичари, кои мајсторски знаеја да се движат помеѓу различните стилови на Hindi. Без разлика дали се работеше за побавните песни во кои не опиваше нејзиниот глас или поразиграните каде што не повикуваше на танц, не можеше а да не се почувствува силината и магијата на нејзината харизма. Сепак, мој впечаток е дека најсилен контакт со публиката се воспостави на песните со ориентален призвук од нејзиниот роден Мароко, каде што на звуците на психоделичната гитара таа заводливо играше заедно со целата публика.  Во тие моменти таа ми наликуваше на женски Џим Морисон, а Скопје дојде најблиску што некогаш ќе биде до концерт на The Doors. 

Sasho N Alushevski


 

Задоволството од концертот и посебната врска која се воспостави меѓу Hindi Zahra и скопската публика најдобро можеше да се види по крајот на концертот, кога беше пречекана со овации во холот на МКЦ. Нејзината непосредност само се докажа со тоа што наредните 20 минути таа ги помина во гушкање и сликање со своите одушевени обожаватели. На крај, ни останаа прекрасните сеќавања и слики со надеж дека наскоро повторно ќе имаме нова средба во Скопје.  
 
Фото Лула Пена - Татјана Ранташа
Фото Хинди Зара - Сашо Н Алушевски
Фото Хинди Зара - Татјана Ранташа
 

milan | 15.07.2015 | twitter