At the Gates – At War with Reality [Century Media, 2014]

 Ако сакам да бидам смрдлив, интернет-серко, најпрво ќе кажам оти албумов воопшто не требаше да постои. Разбирливо, така ќе беше доколку луѓето функционираа како Шварци во „Терминатор“, никогаш не нарушувајќи го строго напишаниот програмски протокол. При вакви параметри, еднаш искажан став нема да се менува и кога нуклеарки ќе врнат од небеса. Во овие услови нема трте-мрте, што излегло од инката не смее да се повлекува. Освен кога се во прашање реални, опипливи, хуманоиди. Иако Т-800 е измислен, по дружбата со други ликови, исто така, од фантазијата, но со фактички човечки особини и тој почна да се движи надвор од херметичката кутија, да греши и – да постапува спротивно од сопствениот оперативен систем.

Да беше поинаку и At War with Reality немаше да се материјализира затоа што луѓето кои го потпишаа во којзнае колку наврати изјавија дека At the Gates никогаш повеќе нема заедно да влезат во студио. Најискрено, супер е што не се роботи. Уште подобро, пак, е што им требаа повеќе години и неколку турнеи за да сфатат дека моментот за да се прекршат личните заложби е пристигнат. Најприродно, без форсирање, како што и звучи оваа прва нивна авторска збирка по пауза од скоро две децении. Впечатокот од зачетното, а особено по следните вртења не е напнат и збунувачки, поради којшто на слушателот не му е јасно што мајка барал бендот кога повторно згазил на патеката на креативноста. Многу имиња кои заслужиле камбек и по непотребното лаење дека тоа никогаш нема да се оствари баш кога ќе се случи, најчесто се трудат од петни жили.



kaver


 

Да бидат, секако, тоа што ниту најмалку не им е во карактерот или поинаку кажано, да се обидуваат да измислуваат нови музички патенти. Некои можеби заслужуваат почит за храброста, меѓутоа, уште поголем респект оди на контото на At the Gates бидејќи се изразиле себеси во формата и на начинот што најелегантно им лежи. Затоа, албумот, и покрај тоа што не е до тој степен стилски свеж како раните остварувања или усовршен на ниво на Slaughter of the Soul, зрачи со самоувереност и со компактност. Севкупниот тон продолжува со гајгерскиот, био-механички, призвук (очекувано, не до Meshuggah-степен) како на веќе дамнешниот претходник. Како и таму, оваа „синтетичност“ не е и симбол за вештачка, површно-протоколарна, енергија. Изданието без прекин вибрира со хардкор, панк и следствено, со треш-пулс, а тука е и умната игра со динамиката.

Интересно, целата оваа атмосфера извонредно се надоврзува на текстуалната потпора. Засадена во магичниот реализам на латиноамериканските писатели од 60-тите години (Габриел Гарсија Маркез и современиците) лириката е преиспитувачко, на моменти и параноично, тестирање на границите на стварноста. Таа е и подеднакво мистериозна, што веднаш е очигледно од интрото на шпански, El Altar del Dios Desconocido, со кое групата го остава восприемачот на олтарот на незнајниот Бог којшто во митологијата на древните Грци е засебен од 12-те главни натчовечки господари. Со уфрлањето на Death and the Labyrinth како секавица се разјаснува оти иако не е безмилосен како во раната, сурова, фаза, составот напишал песни полни со казнувачки интензитет, што не простуваат лесно и кои не повикуваат на држење рачиња во нежна молитва.

Преломот во оваа, ама и во следната, насловна трака го истакнува американскиот грув што браќата Бјорлер деценија и кусур детално го истражуваа во The Haunted и кој фино се провлекува во целата збирка. Трејдмаркот на петорката – мелодијата што контрира на бестијалните крици на Томас Линдберг – веќе на The Circular Ruins добива одлична форма, а Heroes and Tombs е една од траките кои со придушениот вовед и со средното темпо внесуваат разновидност во бомбардирањето. Слични се и Order from Chaos, The Head of the Hydra и особено последната, The Night Eternal, која се шири и безмалку во оркестарски манир – без жичана и дувачка дополна – ја затвора колекцијата. Делот на The Conspiracy of the Blind, каде што фронтменот пее само врз тапани и питома гитара, за потоа сè да детонира, е импресивно противречен, а The Book of Sand, просто – сече како циркулар. Безвокалната City of Mirrors е паметна оддишка, пред Eater of Gods и Upon Pillars of Dust да го отворат „пеколот на кружната јама“.

Зборовите што во текот на сето ова се извикани – и тоа со воодушевувачка моќ – не се кристално јасни туку намерно шифрирани со филозофски, политички и општествени прашања, а под нив, да се изразам старински, сè е цакум-пакум. Материјалот содржи рифови и лидови вешто врамнотежени помеѓу познатото и нетипичното, а ритмичката секција ја држи целината со монолитна основа од долниот дел на аудио-спектарот. Со малку од ова бендот засадува свежи семиња во стилот и жанрот што самиот помогна, ако не беше и пресуден, да се издигне до ниво какво што сега го познаваме, а вишок е кокетирањето со модерниот металкор. Најмногу е во прашање зрел, интелигентен и мајсторски егзекутиран баланс на сè што At the Gates создал во кусото, но авторски бурно и плодно, прво поглавје од опстојувањето. Притоа, доминира чувството оти овој подвиг не го извеле со страв туку влегувајќи во отворена војна со реалноста – особено онаа што луѓето од другата страна на звучниците со текот на годините ја изградиле за групата, а која се крева до височини на недостижен мит.

Оцена: 84/100

Артист: At the Gates
Албум: At War with Reality [стриминг]
Датум на објава: 28 октомври 2014
Продуцент: Фредрик Нордстром
Етикета: Century Media

Листа на песни:
1. El Altar del Dios Desconocido (Instrumental) – 1:06
2. Death and the Labyrinth – 2:33
3. At War with Reality – 3:09
4. The Circular Ruins – 4:28
5. Heroes and Tombs – 3:59
6. The Conspiracy of the Blind – 3:19
7. Order from Chaos – 3:26
8. The Book of Sand (The Abomination) – 4:28
9. The Head of the Hydra – 3:38
10. City of Mirrors – 2:06
11. Eater of Gods – 3:51
12. Upon Pillars of Dust – 2:39
13. The Night Eternal – 5:37

Александар Саздовски

првично објавено на kulpop.mk


Ranti | 06.08.2015 | twitter