МакеДокс тргна од Волино, Белчишта и Издеглавје

Патувачкото кино на „МакеДокс“, годинава од 10 до 22 август се шета низ Дебарца. Ова е хроника од дружбите во првите три села Волино (10 август), Белчишта (11 август) и Издеглавје (12 август), славна Дебарца почна да ги разоткрива својата бујна природа и историја.

Извори Велмеј©Сашо Алушевски 

 

Митското и реалното во Дебарца склопиле необичен сојуз. Слоевите на традицијата, цивилизацијата и современиот живот создале чудесен амалгам. Епитетот славна го добила со своето минато исполнето со хероизам и борба за слобода на Македонија. Нејзините географски одредници битно влијаеле врз историските процеси што се одвивале тука. Сместена помеѓу охридско-струшката езерска област на југ, кичевската котлина на север и оградена со Стогово и Караорман на запад и падините на Илинска, Плаќенска и Славеј планина на исток, и во денешно време овозможуваат во Дебрца да се сочуваат старите, но и да се создадат нови легенди.

 

Златан, тотална контроверза © Сашо Алушевски


 
some of them are called Marko © Сашо Алушевски


 

Патувачкото кино на „Македокс“ со своето магаренце тргна од југ кон север да ги раслојува тајните и легендите на Дебарца, или како што мештаните без исклучок ја нарекуваат Дебрца. Селото Волино нѐ пречека со широко отворена селска порта. Сместено на седум километри оддалеченост од Охридското езеро Волино има контури на гратче,со асфалтирани улици и модерно осветлување, фонтана и кеј на сретсело, неколку цркви и бар „Холивуд“. Почувствувавме дека е вистинска филмска локација. Мештаните ни објаснија дека влезната порта во селото ја изградиле пред една година, а горди се и со старата црква „Св. Никола“, селската црква „Св. Богородица“ и новата црква „Св. Недела“.

 

Волино © Горјан Атанасов

 

Мештанинот Душан Бочески објасни дека покрај близината на езерото, сепак, околу 500 жители на селото повеќе се занимаваат со земјоделство. Некогаш имале Дом на културата во кој имало проекции на филмови што биле носени од Охрид, а веќе со години Домот не функционира, а Патувачкото кино е добродојдено со својата проекција. Близината на езерото беше пресудна за изборот на документарниот филм „Охридско езеро“ (1958) од Ото Денеш. Современата документаристика беше претставена со „Семејна работа“, документарецот што ја доби наградата за етички идеи на годинашниот „МакеДокс“.На првата вечер на Патувачкото кино присуствуваше и Дарко Башески, директор на Агенцијата за филм на РМ.

 

All one needs is love...© Сашо Алушевски


 
All one needs is love...© Сашо Алушевски
 
 

Движејќи се на север, Патувачкото кино стигна до селото Белчишта, општински центар на областа. Големо, а речиси испразнето село. Временските услови не дозволија проекција на филмови, но екипата на Патувачкото кино приреди забава со македонска етно и со латиноамериканска музика.

 

All one needs is love...Belcista edition © Сашо Алушевски

Во Средна Дебрца имавме топол прием во селото Изделавје. На проекцијата закажана во 21 часот мештаните Пере, Величе, Смиле, Ристо, Борче и Алексо дојдоа веќе во 20 часот. Не штедеа зборови за бурната историја на селото. Гордите, а љубезни и гостопримливи мештани нѐ потсетија на слободната територија и на Првиот свештенички собор, на кој била донесена одлуката за возобновување на Охридската Архиепископија како Македонска православна црква, за време на Втората светска војна. Нагласија дека тука се наоѓал и првиот аеродром на кој слетувале англиски мисионери за време на војната. Според легендите, старото село се викало Зглавница и во турско време имало 500 куќи и две беговски кули. Денешното село Издеглавје има 100 куќи и околу 80 повозрасни жители. Главно се занимаваат со земјоделство и најмногу произведуваат житарици, компир и грав. Во селото никогаш немало кино и со големо внимание ги проследија шесте документарни филмови „Ритам и звук“, „Сребрена песна“, „Ликвидатор“, „Вонземјанинот Ли“, „Дае“ и една епизода од серијалот „Турски чај“.

 
Сакаш маштејнца? © Сашо Алушевски

 

 
Изворите во Издеглавје © Сашо Алушевски
 

Следните проекции на Патувачкото кино на „МакеДокс“ се во с. Мешеишта (14 август), с. Слатино (15 август), с. Ботун (16 август), с. Злести (18 август), с. Оровник (19 август), с. Лешани (21 август) и село Велмеј (22 август).

Целта на Патувачкото кино е непосредно да влијае во процесот на децентрализација на културата во државата и да овозможи кинопроекции во мали и рурални места, кадешто жителите немале можност за синеастичко доживување повеќе од 40 години.

„МакеДокс“ го реализира Патувачкото кино со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на РМ, во соработка со Кинотеката на Македонија и сопствено вложување во проектот.

Медиумски покровители на шестото издание на „МакеДокс“ и на Патувачкото кино се: МКД.мк, Офф.нет, Плагиј.ат, Окно, Плус Инфо, Е-магазин, Репер, А1он, Нова ТВ, Нова Македонија, Слободен печат, Лице в лице, Его, Џез ФМ, Антена 5, Радио Бубамара, Канал 103, Радио МОФ, 24 Вести, Телма и Бла Бла ТВ.

Шестото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, со мото „Рум-да-да, дум-та-дум-та!“, се одржа од 20 до 26 јуни 2015 година, во Куршумли-ан и во Младинскиот културен центар во Скопје.


hakfin | 13.08.2015 | twitter