Утрински разговор со Ветон Нурколари

Интервју со Ветон Нурколари, уметнички директор на филмскиот фестивал Докуфест од Призрен. Настан што не треба да го пропуштат скопските филмофили. Тој ни дава идеја за душата на фестивалот. Утринава Ветон избра две седишта надвор од отвореното кино.
 
ЛП: Го покривам фестивалот веќе 6 години, се знаеме подолго време, иако ретко налетуваме еден на друг и кога ќе го сториме тоа, кулминираме со 30 секундни разговори. Ајде да дознаеме малку повеќе за фестивалот, контекстот во кој се случува и за тебе како негов уметнички директор. Прво прашање: дали сакаш визи?
 
ВН: Мразам визи, но тој слоган ние го користевме иронично, па така можевте да видите постери и маички кои велат „Јас сакам виза“ низ целиот Призрен. Сепак тоа беше иронично, бидејќи визите овде се навистина многу голем проблем, во однос на изолацијата што ја имаме. Косово е единствената држава на Западен Балан на чии жители им е потребна виза за да патуваат во речиси секоја земја со исклучок на неколку, оттука како може да ги сакам визите?
 
ЛП: Каков тинејџер беше?
 
ВН: Делумно бунтовен, делумно... (му заѕвоне телефонот). Моите тинејџерски години беа различни од оние на денешните тинејџери, ситуацијата беше различна, не ми требаа визи за да патувам, беше полесно да се живее. Бев малку бунтовен, не многу, но одев на училиште. Слушав многу повеќе музика од повеќето мои пријатели, во таа смисла бев различен. Одев на многу концерти, читав книги, а тоа го правеа малкумина од моите другари. Започнав рано да патувам поради семејните обврски што морав да ги сработам и заработените пари повторно ги трошев на патувања. Посетив многу европски земји, кога моите познаници беа само во неколку, можеби тоа ме направи малку поразличен од другите. Тоа беше во раните осумдести, 79-80, прекрасни години, овде, прекрасни. Не сум носталгичен, но тие неколку години ме дефинираа. Имав 20, и тогаш се појави најдобрата музика што беше создадена во поранешна Југославија, најдобрите бендови, сите ги сакав. Влијаеа на тоа како се облекуваш, како се чувствуваш, како ги гледаш работите. Имав голема среќа да бидам на тие години во тоа време, златната ера на рокенролот во Југославија, извонредни плочи.
 
ЛП: Твојот омилен косовски бенд?
 
ВН: Ќе ги спомнам Cute Babulja, добар бенд, но жал ми е што ќе речам дека не бев одушевен од нив. Ништо не ме покрена толку колку некои други бендови од регионот. Бев голем фан на Азра, Идоли, Електрични Оргазам, Шарло Акробата. Постоеше бенд што го сакав, а се викаше Zhumet, бидејќи тие беа комплетно различни од другите, но тоа е исклучок. Се уште ги слушам. Сакам доста бендови овде, но ниту еден многу.
 
ЛП: Дали твојата држава се движи напред?
 
ВН: (воздивнува) Мислам дека се движи напред и покрај многуте препреки и блокади од различни страни. Јас сакам да мислам дека се движи напред иако многу споро пред се поради тоа што политичарите што ја водат земјава не се вистинската генерација за ова навистина тешко време. Сепак не можам да замислам како е да се движиш назад.
 
ЛП: Можеш да ми го објасниш расцутувањето на бизнисот со правење огради во Призрен?
 
ВН: Бизнис со огради? Ах, огради. Не забележав дека е голем. Голем бизнис овде се свадбите.
 
Докуфест - сакам виза
I love visa © www.kosovodiaspora.org
 
ЛП: Каде е жена ти?
 
ВН: Дома, ја видов пред 30 минути, доручкувавме заедно.
 
ЛП: Дали понекогаш кампуваш на Косово?
 
ВН: Не, го правев тоа како тинејџер во едно место во Хрватска, неколку години и потоа престанав. Многу ми се допаѓаше.
 
ЛП: Колку Срби живеат во Призрен?
 
ВН: Не го знам точниот број, но мислам дека не се повеќе од... 30, 50, 80, 70, така нешто. Мислам дека не се повеќе од 100, така чув.
 
ЛП: Ќе ја откриеш овогодинешната награда за дизајн?
 
ВН: Кој ја доби?
 
ЛП: Не, не прашувам кој победи.
 
ВН: Ах, иста е како и претходните години, нашите награди се коцки од калдрма, украдени од улица и дадени на победниците. Исчистени и полирани, со гравура на филмската категорија. Тоа е и протест бидејќи сите улици во градот беа направени од калдрма. Повоената градска управа реши повеќето од нив да ги замени со асфалт, а само неколку да остави со оригиналните коцки. Тие ја складираа калдрмата, дури и продадоа дел од неа на еден град во Франција кој ги поплочи своите улици. За малку пари.  Ние ги пронајдовме складиштата, отидовме таму и си зедовме коцки. Навистина е протест бидејќи тие беа доволно будали да ги заменат со асфалт, што е жално во еден таков историски град.
 
ЛП: Од каде се појавија толку многу коли што чинат 50.000 $ со косовски регистарски таблички?
 
ВН: Возможно е! Знаеш има мал број луѓе што прават многу пари од различни активности. Некои коли се нивни, некои се на политичарите за нивните синови и ќерки, бидејќи политичарите сакаат да купуваат скапи коли. Некои се бизнисмени, други пак криминалци, а одредени се оние што чесно си ги заработиле своите пари, работеле во странство, но тоа е мал број. Повеќето се на луѓе што набрзина се стекнале со многу пари, па не се загрижени да потрошат за скапа кола. Отсекогаш постоел коридор за наркотици на Балканот, а Косово претпоставувам е само мал дел од него; не мислам дека големите пари се направени преку трговија на дрога, туку дека постојат различни начини за правење илегални пари. На крај, целиот или голем дел од системот, е корумпиран, па луѓето со моќ имаат начини како да ги корумпираат бизнисмените, оттука можеш да направиш многу пари и преку корупција на некого. Со тендери, плаќаш 10 или 20% а тоа претставува милиони и милиони и така некои луѓе прават многу пари преку своите политики.
 
ЛП: Како се бориш против корупцијата на Докуфест?
 
ВН: Ние носиме филмови и иницираме разговори. Јас можам да посочам на корупција преку филмови, дури и ако таа се случува во други држави. Различно место со различна корупција и креативни начини за борба со неа. Тоа е она што ние можеме да го направиме.
 
Докуфест - прикажување
Screening © filmfreeway.com
 
ЛП: Дали си забележал дека Косово превртено е Овосок?
 
ВН: (се смее) Не, не сум го забележал тоа.
 
ЛП: Што мислиш за отворените продавници и барови во градината на вашата најголема и најубава џамија во центарот на градот? Не потсетува ли на трговците од храмот во Библијата?
 
ВН: За џамијата наречена Синан Паша се вели дека е најубавата џамија во целиот регион, создадена од ученик на овој славен архитект од отоманското време. Продавниците и чајџилницата и припаѓаат на џамијата или на исламската заедница. Таа беше реставрирана. Сум видел малечки шопови насекаде низ светот, заедно со цркви. Не гледам тука конфликт. Нивниот профит не е за повеќе пари туку мислам дека го реинвестираат во други места. Сепак не сум сигурен ни во тоа што го зборувам.
 
ЛП: Дали покривите на мостовите инсталирани за Докуфест ќе бидат отстранети?
 
ВН: Да, ќе бидат, првиот (имитирајќи зграда со пансиони) ќе биде, тој беше поставен од наш спонзор за симболично да побара виза за поминувањата на не-косоварите тука. Другиот е резултат на уметнички повик за јавен простор, ќе зависи од реакцијата на граѓаните, дали ќе им се допадне или не. Изгледа како поранешиот мост, од раните 20-ти и 40-ти, целиот со продавници внатре, наречен Араста. Сличен на покриените базари во многу источни градови околу отоманската империја.
 
ЛП: Кога конечно ќе бидат вклучени филмските страници во програмата на фестивалот? Те прашав ова уште во 2009-тата.
 
ВН: Каталогот има повеќе информации, програмата е само со кратки синопсиси.
 
ЛП: Зошто војниците на КФОР не доаѓаат да гледаат филмови?
 
ВН: Не знам, прашај ги нив. Понекогаш гледам некои од нив. Мислам дека зависи од нивните дозволи за излегувања. Не гледаме многу војници во градот и мислам дека знам зошто: не сакаат да бидат присутни поради униформите, тоа е војска, и може да има влијание на овдешниот имиџ, особено кога градот е полн со странци.
 
ЛП: Колкав е буџетот на Докуфест годинава?
 
ВН: Близу 300.000 евра, тоа е многу работа, поднесоци, убедувања, разговор со потенцијални спонзори, обид да се наговорат институции и градови, голем предизвик секоја година.
 
ЛП: Како го чувствуваш контрастот меѓу овој голем настан и тоа колку многу локалното население е инволвирано во фестивалот, дури и кога го критикува?
 
ВН: Духовитоста е се повеќе на цена. Се разбира има и критики бидејќи не е по сечиј вкус, но ние ги сфаќаме многу сериозно, она што ме радува е дека има се повеќе позитивни критики.
 
Ветон Нурколари
Ветон Нурколари © Lea Promaja
 
ЛП: Можеш ли да ми го кажеш првиот филм што ти се допаднал и што ти минува низ умот во моментов... бидејќи нема да те прашам за најдобриот од сите филмови, тоа е претешко прашање...
 
ВН: На ова издание го прикажуваме најдобриот филм од последните 10 години на фестивалот. За недоволно познатиот геноцид во Индонезија: пред 15 години се случија масовни убивања кога армијата ја презеде контролата, тие убија повеќе од еден милион луѓе за помалку од година. Минатата година го прикажавме „Актот на убивање“ (The act of killing) од истиот режисер. Понекогаш постои итност во документирањето, и документирањето му ја пренесува оваа итност на светот, дека постојат луѓе што чинат незамисливи криминали без некогаш да бидат осудени, нема тужба, тие живеат како херои наместо да се најдат на обвинителната клупа. Исто така и ги претставува на јавноста сториите на луѓето чии сакани биле убиени и живеат во страв, бидејќи криминалот е се уште поврзан со оној што е на власт а тие не можат да обвинат никого.
Најневеројатно е, како овој американски режисер го направил својот филм во Индонезија со помош на пријатели и соработници што останале анонимни за стравот од она што се случило и кои и понатаму живеат во оваа земја. Треба да го погледнеш тој филм.
 
ЛП: Зошто луѓето често велат „да“ кога им бараш нешто?
 
ВН: Не знам.
 
ЛП: Дали ја виде мојата шапка? Ја направи еден бездомник и мислам дека ја загубив.
 
ВН: Не.
 
ЛП: Кога се разбуди и што имаше за доручек?
 
ВН: Станав во 09:30, имав мал доручек, колач што го испекла жена ми, малку риба и сирење и домат.
 
ЛП: Мислев дека не си спиел, ти донесов варено јајце ако сакаш, еве го, ако сакаш.
 
ВН: Ало?
 
ЛП: На интервјуата овде на Балканот не е проблем да се одговори на телефон.
 
ВН: Ти благодарам за јајцето. Ќе го изедам подоцна.
 
Подоцна во текот на денот, Ветон ги прими премиерите на Косово и Албанија за церемонијата на затворање на фестивалот. Тој носеше маица со „не постои начин без кино“.
 
 
Lea Promaja
 
(translated by me)

haneke | 08.09.2015 | twitter