Прво лице еднина

Лунгина / Дорман

Прво лице еднина
Животот на Лилјана Лунгина раскажан од неа во филмот на Олег Дорман

Издавач: Ars Libris, Скопје, 2015
Едиција: Прошетка низ Европа
Превод од руски јазик: Павел Попов

Оригиналниот наслов на книгата Podstrochnik, преведено од Руски, значи "збор по збор", а кај нас преведена како Прво лице еднина, претставува писмен препис или транскрипт на истоимениот документарен филм на Олег Дорман. Книгата го истражува животот на истакнатиот мајстор на литературниот превод Лилјана Лунгина (1920 - 1998), благодарејќи на чиј труд, руските читатели за прв пат се запознаваат со Големиот Кнут Хамсун, Фридрих Шилер, Герхарт Хауптман, Хајнрих Бел, Макс Фриш, Борис Вијан, Астрид Линдгрен, како и Хенри Ибсен или пак Август Стринберг... Но, преводот е само една димензија од нејзиниот полидимензионален живот, димензија која во оваа приказна е минорен. Нејзиниот животен тек го отсликува целиот дваесетти век и историјата на бившиот Советски Сојуз за време на Сталиновото владеење, гулагот и самиот колапс на Советски Сојуз.

Подстрочник © серија


 

Оваа книга, како и видео-мемоарите од кој е произлезена, постигнуваат невиден успех во светот на рускиот филм и литература. Книгата е прогласена за најдобра Руска книга за2009тата година и се наоѓала на неколку бестселер листи со месеци. Но и тоа не додава ништо на големината на содржината и начинот на кој оваа реална приказна е раскажана, соголувајќи ја историјата речиси на ниво на факт, преку сопствениот живот пренесувајќи ги најголемите настани од советската историја на толку природен и едноставен начин, што читателот престанува да ги чувствува тие настани како нешто надворешно и нешто што не се однесува на него, туку напротив, се вклучува соучествува со животот на авторката, поточно со историските текови. 

Лилјана Лунгина (со моминско презиме Марковиќ; 1920-1998), сопруга на режисерот и сценарист Семен Лунгин и мајка на режисерите Павел и Евгениј Лунгин, е познат преведувач од германски, француски, норвешки и шведски. Како ќерка на Зиновји Марковиќ, болшевички функционер и Марија Либерсон, педагог и театарски работник, Лилја е родена во Смоленск, но поради работата на својот татко, се сели во Берлин на возраст од пет и во Франција на возраст од десет години, а конечно засекогаш се враќаат во СССР во 1934 година. Образована е во голем број на реномирани институции, вклучувајќи го и Ликејот Виктор Дуре во Париз, првото експерименталното училиште на Народниот комесаријат за просветителството во Москва, Московскиот институт за филозофија, литература и историја (МИФЛИ), додека постдипломските студии ги завршува на Институтот за светска литература во Москва (академија на науките). Работи како новинар во весниците Moskovskii komsomolets, Komsomolskaia pravdaиZnamia kommunizma, предава француски и на крајот секако преведува.

Но, и ова се само дел од биографските податоци за оваа извонредна жена, со неверојатен и возбудлив животен тек кој опфаќа доста бурно време од, пред се, руската историја. Сèпомеѓу се доживувања кои не може просто да се опишат во сувите биографски информации, ниту да ги пренесе некој друг во роман, па затоа можеби најпрецизниот начин е доколку самата ги преточи во вид на раскажување на своето минато или интервју, каде со посебни емоции ќе биде предадено секое доживување, преплетено низ динамичниот историскиот контекст, низ постојаните патувања, преселби или интензивната формална и неформална едукација.  

Животот на Лугина е определен од минливоста, менливоста, промените, непостојаноста. Животот едноставно ја носи по бурниот тек одреден од нејзината мајка и историските контексти. Без своја волја мора да се препушти на струјата и да ја прифати. Така таа станува жртва на желбата за новото кое ја влече напред. За неа нема "ова е засекогаш". Додека нејзиниот дел од животот во Париз е определен со сеќавањето за чувство на трчање и постојано итање напред, секогаш во пресрет на нешто ново, уште при самото поминување на границата на Советскиот Сојуз, таа ненадејно е турната од тој пат, упатувајќи се во сосем спротивна страна. 

Прво лице еднина © Ars Libris


Во Москва стигнува на четврти мај триесет и четвртата година. Првиот впечаток во новата средина е оскудицата, новата реалност, контрастот со она во кое дотогаш живеела. За дете растено и воспитано во цивилизираната Европа, советското варварство остава негативен впечаток кај младиот но префинет дух. Желбата да биде како сите, вкалапена во комунистичкиот ентузијазам не вродува со плод. Поседувањето на поинакви врежани поими и претстави го оневозможуваат тоа. Различноста кај себе наспроти монолитноста на политичкиот менталитет на средината ја чувствува уште веднаш, што силно ја загрижува, поистоветувајќи го со некаков дефект во својот поглед на светот. Веднаш почнува да и пречи вкалапеноста на умот преку еднодимензионалното образование, што предизвикува чувство на протест, нешто несфатливо, нешто несогласно со тој систем. Но не сиот развоен пат во тие години се сведува на одбивање на советскиот систем. Многу нешта ѝ го ширеа видокругот, погледот на свет, што влијае на нејзиниот развиток. Иако мал, тој човек е сепак очигледно оформена и свесна личност, на која не ѝ се допаѓа дека за неа сè е решено однапред и патот ѝ е зацртан. Потребата да се пронајде себе си во тоа постоела, но и неможноста. Последното, дванаесетто свое училиште, го дефинира московски дел од нејзиниот живот, но и воопшто целиот. Првото експериментално училиште на Наркомпрос не го детерминира текот само на нејзиниот живот, туку на цела една генерација генијални умови и големи луѓе кои ќе произлезат од тие клупи, а имаат улога во понатамошниот тек на нејзината приказна и глобално на историјата.

Оваа автобиографија е детерминирана и од историскиот контекст, низ бурната историја на дваесеттиот век, пред се во социјалистичка Русија. Тие контексти преку животот на Лунгина, даваат една прекрасна и прецизна слика за тоа како животот точно изгледал во оваа значајна земја, во овој пресуден историски миг, со до детаљ и пластично опишани процеси, политички текови, забрани и ограничувања, апсења, начин на живот, лични односи, менталитет, размислувања, прикриениот, а подоцна и отворениот антисемитизам, образование, страв, љубов, смрт... од кои читателот добива безмалку реална претстава за тоа како тогаш се живеело и што таму се случувало. Сепак нашите претстави за овој систем перципиран од страна, од, иако социјалистичка перспектива, но сепак од Европа, даваат нецелосна, можеби и пристрасна слика одредена со предрасуди кон историските текови. Емотивниот набој во раскажувањето, поминато низ филтерот на личните емотивни доживувања на Лунгина, ја прават оваа историска претстава вивидна, многу јасна и прецизна.

Покрај ова, автобиографскиот монолог на Лунгина е хронолошки подреден, и покрај приватниот живот открива и детали за животот на други значајни личности, пред се од персоналната историја, но кои подоцна стануваат значајни и за глобалното културно, социјално, политичко или научно милје. Таа студира со поетот Давид Самоилов, културниот историчар Георги Кнабе и историчарот Анатолиј Чернаев, кој станува помошник на Горбачов, а за време на студиите на Институтот за филозофија, литература и историја (ИФЛИ) каде според нејзините зборови стекнува вистинско видување на светот, на луѓето и на културата, таа се познавала со воениот поет Павел Коган и Сергеј Наровачов. Во овие биографски податоци, следејќи ја нивната младост и почетоците на нивниот развој, таа набројува уште многу имиња, меѓу кои П. А. Павленко, Леонид Леонов, Паустовски, Дудинцев, Вознесенски, Евтушенко, Бела Ахмадулина, кои личности стануваат значајни во понатамошната нивна кариера и кои извршуваат некакво влијание во историските процеси. Па така приказната дополнително добива на тежина, испреплетувајќи ги судбините на овие личности во текот на раскажувањето, еднакво како што нивните животи ја збогатуваат самата историја, со што ова дело станува своевидна алтернативна историја, поткрепена со цврсти и детални сеќавања или детали кои не сме можеле да ги дознаеме од официјалната историографија. 

Лилјана Лунгина


 

Таа изворно, од перспектива на своевиден дисидент, ги опишува владеењето и смртта на Сталин, паѓањето на Хрушчов, тој "селанец над селаните", кој, наспроти нашето уверување, не уживал никаква почит, доаѓањето на Брежњев и бавните културно и социјално-политички промени кој со него се случуваат... потоа настапува Прашката пролет и 68мата, можеби една од најтажните години во животот на Лунгина. Детално ги опишува, прогонствата, апсењата и жестоката борба за слободно креативно, уметничко и политичко изразување низ тие години, на своите истоумни пријатели, но и атмосферата на малодушност која веќе не се објаснува со верата, како во епохата на Сталин, туку со покорноста и власта, која со помош на сложен систем од привилегии добро ги плаќа лакеите.

Сепак тоа се времиња во кои животот  се движел по работ и секој оној кој размислувал како свесно социјално битие можел да се слизне во бездната на апсурдните политички случувања. Завери, апсења, прислушувања, кодошења, упади, хајки... баш секој можел да се најде во немилоста на тие парадоксални идеолошки процеси, во кои за малку не западната и самата таа. Секој еден креативен ум можел да биде растргнат во спрегата помеѓу слободното креативно и уметничко резонирање и притисокот на системска индоктринација, процеси кои биле заднински, скриени, наводно не постоеле. "Во нашиот живот секогаш имаше нешто таинствено, необјасниво, апсурдно. Се одигрува драма, а нејзините пружини се скриени, несфатливи" - ќе рече Лунгина. Таа борба се одигрува долго, но истрајно, се до исполнување на нејзината најголема желба, повторно да го види Париз.

 

 

Прво лице еднина покрај тоа што е историски осврт, претставува и славење и манифест на животот. Потврда дека во животот има успони и падови, болка, но и прекрасни мигови вредни за прослава, мигови во  кои ќе го допрете дното, но и оние во кои повторно ќе се отфрлите за со полни гради да земете воздух. Потреба и покрај сите тешкотии да не се откажеме од него, туку напротив и покрај сите премрежија и искушенија да се истрае. Мемориите на Лунгина укажуваат на нејзиниот тежок живот, но и за цврстата и неприкосновена истрајност, бескомпромисна борба и желба за живот. Како што пријателката на мајка ѝ Равека, во една прилика ѝ посочува: „Најбитно е да не се губи вербата во животот. Сите знаци и патокази во животот доаѓаат во вистинскиот миг, токму тогаш кога можат да се оценат и протолкуваат“.  Така Лунгина и живее. Овој предвкус на оптимизам го провејува целокупниот прераскажан историски тек, кој просто ве вовлекува во него, не оставајќи ве намира до самиот крај. Опишувајќи го со една реченица својот бурен животен пат, таа ќе акцентира: „Некако се покажува дека човекот може да преживее, така да речеме, повеќе отколку што смета дека може. Повеќе отколку што е тоа можно. Резервите на цврстина и волја за живот се поголеми отколку што сметаш дека се“. Сè до конечната лична победа, која за Лунгина е можеби крунисана со токму оваа книга.

Тони Димитров


hakfin | 10.09.2015 | twitter