АПОТЕОЗА НА ДЕНГУБАТА - ПОФАЛБА НА МРЗАТА

Безделничари од сите земји – забушавајте!

БИБЛИЈА ЗА БЕЗДЕЛНИЦИ 

Работата го создала човекот. Тоа мислење се провлекува од Антиката, преку Енгелс и Маркс, се` до денес. Еврипид сметал дека работата е извор на угледот, а Ниче пак, рекол дека сите големи луѓе се големи работници. Античкиот поет Хесиод напишал дека не работата, туку мрзата е срамотна. Македонскиот фолклор во својата ризница од умотворби ги има и следниве: Работа-красота; Работата човека го краси - мрзата го гнаси; Работата го фали мајсторот; Работата е бел образ; Работата е од Бога благословена. Сите овие изреки се одраз на мерилата за човечките вредности, но сепак, работите не се баш толку едноставни. Ниту пак некогаш биле. Хесиод во една поема вели: „Ако сакаш да се збогатиш, послушај ме и - работи!“ Според тоа, работата сама по себе не е вредност, ниту пак е главна карактеристика на човекот, туку во доблест претвора доколку овозможува стекнување на материјално богатство. Праксата на античкиот свет го докажува тоа, затоа што за најпочитувани важеле оние кои имале висок степен на слобода заради стекнатото богатство и заради што - не морале да работат. Наспроти нив, земјоделието кое не овозможувало богатство туку значело само `Рмбање за гол живот се потценувало и се сметало за недостојна работа за било кој почитуван и угледен човек. Некако познато звучи, м? Значи, мноштвото луѓе во Стариот свет воделе недостоен, со работа исполнет и сиромашен живот. Тогашните сфаќања ги мотивирале луѓето да се ослободат, не само заради тоа што се` друго е подобро отколку берење грозје и маслинки, туку и затоа што сакале да стекнат чест и углед, кој еден земјоделец не можел да ги има. Исто ко денес: Субвенциите не се инвестираат во производство, туку земјоделците со нив купуваат бесни коли, најнова бела техника, станови и работни места во „државно“. Во истражувањата на антропологот Доротеа Дематракопулу е забележано дека во 19 и почетокот на 20 век „сите грци се трговци или државни службеници, додека обработката на земјата им е препуштена на Словените и Албанците“. Оттаму, балканското сфаќање за трудољубивост подразбира занает и комфор. А не вреднување на трудот како труд.  Да се работи под принуда значи да и` се робува на работата, а што е полошо од ропство? Историчарот Вилијам Мекнил опишувајќи ги робовладетелските општества на Стариот свет вели дека презирот кон мануелната работа е дел од поширокиот систем на вредности во кој земјопоседникот и рентиерот се на врвот на општествената скала. Тоа значи - приход без никаков личен труд, што е врвна амбиција се` до ден-денес,  да се има дуќан на Широк Сокак, но не да се работи во него, туку да се издава под наем. Познато, м?  

Битолската Дембел Чаршија го добила името по тројцата дембели што изгореле во
пожар во еден ан. Спиеле на кревети на спрат и се запалил анот. Првиот дембел
мириснал дека нешто гори и рекол „абе нешто гори“, вториот  “ами ај да бегаме“ , а
третиот „како не ви е мака да зборате“ и изгореле тројцата. Оттаму и чаршијата се
нарекува Дембел Чаршија.

Работата по сопствен избор, а не наметнатата, се вреднува во сите култури. Благородниот натпревар низ доброволна работа е позната работа и кај нас. Своевремено на младинските работни акции се уриваа рекорди, што не би можеле да бидат постигнати доколку биле во рамките на наметнати норми, без оглед на тоа колку работниците би биле платени. Исто така, ретко кој ќе одбие да му помогне на соседот кога ќе загусти, да не наведуваме дека со комшиско помагање низ софистицираниов Град на конзулите заеднички се цепат дрва, се пече ајвар, се меша бетон...Во јужнословенските јазици има грст изрази со кои се опишуваат разните видови труд. Зборот „дело“ има значење на делување, правење. „Посао“ има призвук на праќање, брзање-трчање, „труд“ одговара на тешка и мачна работа која човек сам себе си ја наметнал, нешто слично како зборот „тежак“ (селанец, земјоделец). Со „работа“ често оди епитетот „мачна“, „тешка“. „Работа“ се употребува кај Македонците, но и кај Србите (Врање, Лесковац, се` до Ниш) што понекогаш значи наметната обврска („Остај брат, имам работа “). македонскиот збор “работа” во својата етимологија го има старословенското “раб” што значи ”слуга/роб”  На Балканот, традиционално, се` до 20 век, физичката работа се сметала за недостојна и им се препуштала на жените. Мажите пак, се занимавале со војување (како на пр. Црногорците) и тоа била единствената прифатлива работа, што подоцна се трансформирала во некој вид „надзорништво“. Оттаму е и мноштвото Црногорци во бившата СФРЈ кои беа офицери (некој вид надгледувачи, палири). Британата Мекензи, патеписец која шпартала низ Балканот во втората половина на 19 век, забележала дека селаните во Хрватска, а особено во Далмација и рајата во Босна, се најнеработните, најзловолните и најтврдоглавите од сите можни смртници! Токму во овој период се јавува претприемништвото. Многу Македонци почнуваат да се занимаваат со занаети - терзиски, ѕидарски, дрводелски, ковачки, мелничарски, кожарски, фурнаџиски. Некои од нив заминуваат во околните земји за да печалат. „Печалбата“ во себе го содржи поимот за богатење, но богатење со труд, со мака и штедење. Тоа е период на обиди Балканот да се приближи кон Европа која веќе живее во ера на индустриска револуција, но голема пречка е мрзливоста на селанецот, кој демотивиран и апатичен, не може да биде натеран да работи повеќе отколку што мора. Сепак, кон менување на навиките придонесува доселувањето на Евреите, кои немајќи земја, во градовите можат да опстанат единствено со практикување на некаков занает и трговија. И покрај тоа, старите навики да не се работи за време на „тешки празници“ (а ги има многу), останале се` до ден-денес, кога и онака полупразната чаршија во такви денови е сосема затворена. Во времето на Кралска Југославија, во Македонија се јавува првиот вистински пролетаријат, при што се забележуваат првите штрајкови, како одраз на отпорот кон наметнатото, од страна на капиталистите, темпо на работа. Поствоениот период драстично ја менува сликата за односот на работниците кон работата. Социјалистичкото општество и комунистичката идеологија работникот го стават работникот во центарот на општеството, па така, трудот се смета за доблест. Во тој период, со пожртвуван труд, се гради огромна инфраструктура, патишта, аеродроми, училишта, болници, фабрики, се пошумуваат голини... се` до распадот на СФРЈ.  Каде сме денес? Работата е доблест или сме поблиску до античкото сфаќање за трудот? Сите пекаат дека нема работа, а всушност пекаат дека `рмбачењето во Кромберг е за мизерна плата... Оние вработени во РЕК „преку партија“ (всушност поинакви вработувања и нема) одат на работните места за да не работат, зашто таму „се пуштени од партија“. Трудот никој не го сака, ниту го цени. Маката на Марко Цепенков дадена во собирање на поговорките со пофалба за трудот, излегува дека е бесполезна, зашто ниту некогаш, ниту пак сега тие поговорки важат. Наспроти нив, праксата докажала една поговорка со поинаков контекст: Ако со работа може да се збогати, воловите ќе беа најбогати.  

Најпознатиот рудар од СФРЈ, (за кого годинава излезе и филм), ударник и одликуван Херој на социјалистичкиот труд, беше Алија Сиротановиќ. Во 1949та година, тој со неговата група за осум работни саати ископа 152 тони јаглен (253 рударски колички), со што го собори дотогашниот рекорд што го држеше русинот Алексеј Стаханов, со скромни 50 тони. Презимето Сиротановиќ како да ја навестуваше ироничната судбина на овој сирот трудбеник кој умре во сиромаштија во 1990 година, кога почна да се распаѓа државата која го стави неговиот лик на банкнота. 

Наспроти она што се учи од мали нозе - дека работата е од Бога благословена, има сериозни факти кои го тврдат спротивното - дека безделништвото не е самонаметната состојба на телото, туку свесно одбрана состојба на духот. Тоа може и теориски да се покрепи! Адам и Ева биле првите луѓе на светот и Првите безделници Шетале бесцелно низ Рајот (па затоа и бил рај, дека не морале ништо да работат), јаделе од овошките што таму се раѓале и за ништо не се грижеле. И така си легачеле се` додека не му згрешиле на Господа, па тој ги казнил со протерување. На Адама му изрекол пресуда: „Со пот од лицето свое ќе јадеш леб“. И оттогаш човекот почнува да работи, мачно и тешко, со пот. А тоа дека Сатаната ги натерал да згрешат, е уште еден доказ дека работата е ѓаволска творба. Да се разбереме, „безделништво" не е исто што и инертност, обична мрза или пасивност - тие се неподвижни, бесцелни, без концепт и потенцијал. Во есејот „Мајка на можностите" од Свен Биркетс, безделништвото го дефинира како наша примарна и природна состојба која се нарушува во моментот кога ќе се направи план, кога волјата ќе се насочи кон нешто конкретно: „Кога ќе се разбудиме наутро, за миг сме во состојба на целосно денгубење. Потоа тргнуваме кон некоја цел, но и во текот на денот многумина од нас се навраќаат на тоа прво, невознемирено јаство: кога повремено сонуваме на јаве, кога за момент ги тргаме на страна обврските и го оставаме умот да излезе од шините, да се втопи во фантазии или спомени", вели Биркетс, анализирајќи го ставот кон безделништвото на познати писатели и филозофи (Емерсон, Торо, Шели, Бенџамин, Пруст), кои на оваа состојба и' изградиле идеолошка платформа и ја издигнале на ниво на когнитивен став, на животен етос. 

 “In a spare bedroom of his Havana house in 1949, with his old and faithful Black Dog on guard, Papa Hemingway enjoys The New York Times.”  © A.E. Hotchner

Идентично толкување на феноменот на денгубењето има и Хоџкинсон, основачот на списанието The Idler (Денгубникот), кое води кампања против капиталистичката работна етика, промовирајќи индивидуална слобода, автономија и одговорност. Списанието излегува од 1993, еднаш годишно, со прилози од значајни современи теоретичари (и практичари) на безделништвото. Под негово покровителство е отворена и првата  Безделничка академија за филозофија култивирање и забава, сместена во книжарница во Западен Лондон.  Тој има напишано три книги на темата, меѓу кои и „Родителот-денгуба", алтернативен водич за родители, чија главна идеја е децата да бидат оставени раат. Неговата „Книга на денгубнички задоволства", пак, е наменета за оние уморните и преработените. Таа е антидот на нашата култура на 24/7, список на безвременски уживања во 100 бесплатни, мали задоволства, како палење оган, правење „жабици" со камчиња во вода, џарење низ прозорецот, дремење... нешта за кои можеби и не сте ни свесни колку е тоа важно за вашиот душевен мир и благосостојба.  И српскиот новинар Милош Васиќ зборува за доблеста на безделничењето. Според него, мрзливоста се смета за машки порок, па наведува зоолошки паралели: ете, лавот само се препелка и дреме, а сиротите лавици одат и ловат; потоа царот на животните се протегнува, ќе преврти некоја лавица и ќе заспие. Проблемот меѓутоа, вели тој, е многу поголем. Мрзливоста е посложен феномен отколку што изгледа: има различни видови и не се сите оние лошите. Впрочем, мрзливоста е оцрнета и прогласена за смртен грев од причини проѕирни и себични: прво црквата, а потоа и фордовскиот капитализам бараат од слободниот поединец покорност и ропски кулук под теророт на стоперката во ракaта на работодавецот. Спротивност на поимот „мрзлив" е поимот „вреден", иако знаеме стотина  Славни примери на мрзливци кои биле повредни од вредните. Хоџкиксон, во „Книга на денгубнички задоволства“, наведува цитат од Манифестот на движењето Бавна храна: „Мојата пријателка Кети, потпреседателка на дебела банка на Западниот брег, ми се жалеше дека мора цел ден да изигрува страшно ангажирана жена, а вистинските работи ги врши за два-три часа и потоа глуми. Повеќето корпоративни менаџери би ви го кажале истото - кога би биле искрени (а не се). Мрзливоста, значи, се дели на повеќе видови. Таа е облик на ефикасност, затоа што наводниот легач додека блее, во суштина ја концентира енергијата и размислува како паметно да го заврши она што треба, но за што пократко време. Накратко, легачењето е елеганција: најголем ефект со најмал напор, но за тоа треба памет. Затоа паметните луѓе тежнеат кон мрзеливост, зашто паметните нешта не се работат набрзина и хистерично, со фолирање дека тешко работиме. Има, признавам, вредни и паметни, но и тие би можеле сето тоа поспоро, отколку да ги мачат статусните прашања - како изгледаат или оставаат ли впечаток. Има и патолошки видови мрзливост, но тие навистина се прашање за психотерапевтите: депресија најчесто... Сериозниот безделничар мисли планира и дејствува во вистинскиот миг кој обично е оној последниот. Во одбрана на мрзливоста, напишани се многу паметни книги и есеи: од д-р Џонсон, преку Пол Лафарг, Марксовиот зет и автор на култната книга „Правото на мрзливост". Со нив ни доаѓа полесно и подобро ќе дадеме отпор на хистеријата на забрефтаниот капитализам, протестантската работна етика, црковното ужаснување над безделничењето од кое произлегуваат сите гревови, неолиберализмот и лошо скриената алчност на бесрамните банкари кои нè тераат со парите кои ги немаме да купуваме работи кои не ни требаат. Идеолошки поткованиот безделничар - свесен за сето наведено - составува своја сопствена листа на приоритети, разликувајќи го битното од небитното, што е клучна дефиниција на умност. Нема тој својата енергија да ја троши туку-така без врска, туку полека и внимателно ќе се концентрира на она што сака (или она што мора, за жал) да го направи. Квалитетот на неговиот производ секако не игра улога, затоа што живееме во лажливо доба на маскирани вредности, наштелувано согласно најнискиот заеднички именител на глупоста, па тогаш секој има работа која трае се` додека не се исполни работното време. Поважно е да дојдеш прв и да заминеш последен (сосе обврзното сако` и вратоврската), и да зјаеш во празно, отколку да направиш нешто навистина квалитетно. (И потоа се чудиме од каде финансиската криза...) Затоа - безделничари од сите земји, обединете се и забушавајте! Работете го она што го знаете и она што го сакате, а парите ќе ви дојдат порано или подоцна. Во споменатата, ѓаволски забавната и пред се` поучна книга од Том Хоџкинс за Лешкарењето, легачењето и мрзата („Како да се излежувате - прирачник за мрзеливи“), опишани се навиките на познатите мрзеливци - Џон Ленон, Оскар Вајлд, Артур Конан Дојл, Декарт, Бенџамин Франклин и др. Современата икона на безделниците, Хоџкинс под лешкарење подразбира будна, лежечка состојба, но не себично угодување, туку суштинска алатка на уметниците кои на тој начин ја проучуваат уметноста на живеењето. Безделничкото лешкарење е благородно и исправно, носи задоволство и е продуктивно. Џон Ленон беше еден од најголемите безделници на своето, не толку одамна минато време. Тој е своевиден парадокс на продуктивно безделничење - го живееше својот живот во согласност со сопствените правила, им се препушташе на рамнодушноста, немарноста, тромоста, зачмаеноста, но од неговата прочуена мрза произлегоа прекрасни песни - „Само спијам“, „Толку сум уморен“, „Гледајќи во тркалата“ - во кои, секако, не се велича трудот, туку напротив - безделништвото! Во 1969 се случи фамозниот величествен излив на херојско безделништво, кога Ленон и Јоко Оно цела една божја недела само лежеа в кревет, не работејќи ама баш ништо... и се` заради мир во светот . Нивниот Чин на неделување имаше ефект - поттикна многумина, особено уметници и го смени погледот на свет кај милиони луѓе, покажувајќи дека авторитетот и силата не се секогаш на страната на вистината, доброто и правдата, туку дека е можно да се мисли со сопствена глава и да се создаде подобар свет. Песните на Ленон целосно ја оправдаа формулацијата за уметноста дадена од Оскар Вајлд: „Уметноста тежнее да ја вознемири монотонијата, робувањето на обичаите, тиранијата на навиките и сведувањето на човекот на ниво на машина“.  

John Lennon and Yoko Ono stage their performance 'peace' in Amsterdam, 1969©Hulton Getty
Толку многу нешта може да направат, а ништо да не се работи. Една од големите тајни на Шерлок Холмс била да се комбинираат време, тутун и меки перници. Во „Човекот со искривена усна“, во опиум натопениот Холмс, заплетканиот случај го решава со леснотија. На прашањето на скептиците како дошол до решение, Холмс ќе рече: „Спрпелкан во пет перници, пушејќи пет унци тутун...“ Рене Декарт, бил своевиден Зависник од неактивност. Не дека безделништвото е средиште на неговата филозофија, но од неговиот пример се гледа дека некој толку неактивен како него, лесно доаѓа до заклучок дека телото и духот се два одделни ентитети - за него, лешкарењето во кревет и размислувањето била суштата суштина на човечката сушност - Cogito, ergo sum - или, со други зборови, си лешкарам така... си мислам, значи - постојам! За Иво Андриќ луѓето без фантазија и кои не знаат будни да сонуваат, се обични пиони кои први страдаат во борбата со вечноста. Долгите периоди на мирување, индолентност и блеење в таван, и` се неопходни на секоја креативна личност, за да може да ги развива сопствените идеи. Токму затоа, за да не можеме толку многу да мислиме, општеството не` притиска да бидеме трудољубиви и сите да стануваме рано-рано од кревет. Меѓутоа, останете човек - отворете го умот кон бесконечноста - станете налик на Бога... или во превод - останете в кревет! Ранобудните не се ни здрави, ни богати, ни мудри. Често пати се разболуваат. Сиромашни се. И глупави. Им робуваат на оние кои доцна стануваат. Значи, ако сакате здравје, богатство и среќа - првиот чекор е - да го отфрлите будилникот! Наспијте се! Излежувајте се! Денгубете, безделничете, фантазирајте... и - веќе сте во Рајот!
Симе Алушевски
Текстот е преземен од неделникот Его број 346

hakfin | 21.09.2015 | twitter