Иза Рутковска @ Скопје Креатива

Иза ја запознавме на Скопје Креатива. Фестивал кој мрзливите скопјани и покрај одличните предавачи, голем број занимливи предавања и презентации, но пред се ретко квалитетни гости, сепак не успеа да ги донесе надвор од редовната маршрута во број кој би се очекувал. Иза се претстави со своите проекти или акции или како сакате наречете ги, и го испровоцира вниманието на сите присутни. Зборуваше за своите инсталации и интервенции во простор. На пример за процесот на изработка на големи, неочекувано големи играчки и нивното поставување во јавен простор, и особено за реакциите на луѓето потоа. Секако испровоциран беше и авторот на ова интервју, особено заради отпорот на користење пластика во толкави количини и ставот (после се испостави дека е заради не така сјаниот англиски) дека им помага на луѓето. Се испостави дека Иза само сака да се забавува и дека со нејзината идеја за забава знае да привлече, понесе и поттикне многу луѓе од своето опкружување. Убаво е да се опкружувате со луѓе кои вријат од радост, идеи и креативност. Всушност, тоа е животот, нели?



Иза Рутковска © Сашо Алушевски

 

П.ат: Која си ти?

И. Р. : Во моментот само кафепијачка во мојата омилена книжара во Варшава „Czuly Barbarzynca” (Нежен Варварин“), која топло ја препорачувам за секој посетител на мојот град. Се викам Иза Рутковска и, генерално јас сум едноставна селска девојка која си ветила себеси дека ќе ги следи своите соништа без оглед што ќе и се случува во животот.

 

П.ат: Што правиш?

И. Р. :Ги спојувам, ги зближувам луѓето. Се обидувам да им ја покажам светлата страна на животот дури и во моменти кога се сомневаат во тоа. Без разлика дали имам можност да работам на игралиште со деца, бездомници или хипстери, дали имам работилница со затвореници или библиотекари – целите се исти, како што ги спомнав погоре. Начините на кои стигам до тие цели се секогаш поинакви, во зависност од луѓето, местата и ситуациите. Понекогаш ги интегрирам околу некоја инсталација која ја правам, понекогаш градиме нешто заедно, понекогаш едноставно ги поддржувам нивните идеи, но најчесто ги правиме сите тие нешта истовремено. За луѓето со кои не сме работеле заедно тоа може да е гигантско плишано мече кое се сели по градовите низ целиот свет, седум метарски еж на надувување или 120 метарска змија која лази наоколу, но за луѓето кои соработуваат во тие проекти, тие нешта значат многу повеќе.

 П.ат: Зошто?

И. Р. :Затоа што ги потсетува на времето кое сме го поминале заедно, моментите кога некој ги прашал како се, како се чувстуваат, кои се нивните соништа. И затоа што се отвориле за мојот апстрактен начин на мислење и виделе друга перспектива, различен агол на гледање на тоа како тие би можеле да се справуваат со нивната реалност. 

 
 
 
Иза Рутковска © Сашо Алушевски

 

П.ат: Како ја доживеа Македонија/Скопје?

И. Р. : Се заљубив во скромните и чисти луѓе кои ги сретнав. Но тоа беа само луѓето концентрирани околу фестивалот на кој бев поканета и некои луѓе од полската амбасада. Во неколкуте дена додека престојував немав баш шанса да запознаам други случајни луѓе. Но, највпечатливо нешто за мене беше центарот на Скопје. Тоа е нешто единствено во светот. Од една страна е навистина впечатливо а од друга, кога човек ќе сфати зошто сето така изгледа, ти паѓа жал за луѓето кои треба да живеат таму. Мисла, од моја гледна точка, владата се обидува да ги обедини луѓето околу митот за еден заеднички, јак идентитет, концентриран околу Александар Велики Македонски. ОК. Но тие исто така се обидуваат да го докажат идентитетот со неприродно менување на архитектурата. Имате таква убава бруталистичка архитектура, социјалистички згради кои сега се покриени со лажни сводови и додадени столбови. Сто споменици направени во истата година кои се прекопирани од споменици од пред илјада, петстотини, двеста години. Смешно е дека ако некој пијан, збесне и со чекан се растрча низ градот, може да ја искрши цела политичка сценографија за една ноќ. Така што ок, толку ми е апстрактно што навистина многу ми се допаѓа, а од друга страна ми доаѓа да викнам „Луѓе, ајде да направиме нешто со овој простор! Не плашете се! “ Тоа е причината заради која ги донесов гулабите на надувување на плоштад.

 

П.ат: Понесе ли нешто од овде?

И. Р. :Од материјални нешта? Хахаха – една од учесничлите ми испрати подарок – рачно изработена бележница за книга со мој портрет и моите инсталации нацртани на неа. Но, сериозно, понесов многу инспирации и идеи кои можат да се доволно луди за да се направат таму. Значи морам да се вратам. 

 

 

Иза Рутковска - интервенција во простор © Сашо Алушевски 

 

П.ат: Што е тоа што ќе го спаси светот и како тоа? (мора малку бизарна патетика)

И. Р. :Бееее... сите идеалисти секогаш го поставуваат ова прашање и, ок, светот е веќе спасен. Постои толку многу години. Состојбата на светот зависи од гледната точка. Секогаш ќе има некои војни, некои револуции и некои периоди на просперитет, зависи само во кој регион. Ние само мора да запомниме дека дури иако ние немаме војна во нашиот регион, има луѓе на разни краишта од светот на кои им треба наша помош. И ние мора да им ја дадеме таа помош затоа што времињата се менуваат и ние можеме да сме исто така во неволја и да ни е потребна помош. Тоа е глобалното гледање. Локално -  ние можеме само да го живееме животот на убав начин, давајќи го најдоброто од нас на луѓето што со кои се среќаваме на дневна база. Да се обидуваме да споделуваме и инспирираме без разлика што ќе се случи. 


hakfin | 04.11.2015 | twitter