EXPO 2015

(Или задоцнет осврт на овој саем)

Многу често вестите за големите светски настани ја одминуваат Македонија, а нашата јавност останува речиси и без никаква информација за нив. Големата светска изложба EXPO 2015 не беше исклучок од ова правило. Но ова и не треба изнанадува затоа што живееме во земја во која медиумите се преокупирани со внатрешно-политичките превирања. Вестите од светот обично се сведуваат на телеграфско бележење на несреќите и жртвите од боиштата. Секако, од светот ни доаѓаат и сите можни вести за задникот на Кардашијан и нејзе сличните креатури од соседството. Но, тема на овој текст не се нашите медиуми и нивната уредувачка политика, за нив повеќе во некоја друга прилика.

EXPO 2015 е последната од низата Светски Изложби кои се одржуваат уште од 1851 кога била одржана првата Големата Изложба во Лондон. Ознаката "Светска изложба" или "EXPO" се однесува на изложби кои ги одобрува Бирото за меѓународни изложби (BIE). Истите траат од 3 до 6 месеци и можат да имаат различна тематика. Типот на изложбите се менувал со текот на времето. Првите изложби имале акцент на технолошкиот и индустриски напредок и на нив биле презентирани најновите достигнувања и изуми на полето на техниката. Концептот се смнил во 1939 од кога почнува да се става акцент на презентирање на различни култури и културна размена, а технолошките достигнувања веќе не се примарна содржина. Од 1988 се воведува концептот на национални павиљони во кои што земјите учеснички го користат самеот за промоција преку дадената тематска поставка. Овој концепт на изградба на национални павиљони е сеуште актуелен.


 

 

ЕXPO 2015 се одржа во Милано, Италија. Беше отворен на 1-ви мај и траеше до 31-ви октомври, а на него учествуваа 145 земји (Македонија не беше таму!), а бројката на посетители стигна до нееверојатни 22 милиони. Саемот имаше тема  “Хранење на планетата, Енергија за живот“. За изборот на темата веројатно влијаеле поваќе причини: како што се зголемувањето на светското население, климатските промени, трендот за зголемена побарувачка на таканаречената здрава храна и така натака.

За организација бил предвиден буџет од над една милијарда долари, но истиот морал да се прекројува односно зголемува неколку пати пред саемот да биде отворен. Доплнителни суми биле инвестирани во градот Милано за подобрување на патната, железничата и друга инфраструктура. Сето ова било проследено со бројни корупциски скандали и пречекорувања на предвидените трошоци. Најпрвин делови од земјиштето на кое е изграден самеот биле купени од приватни споственици за цена 160ЕУР за квадрат, наместо вообичаените 8-12ЕУР за тој регион. Тоа секако дало сомнеж во мотвите за изборот на локацијата за саемот, за која имало повеќе опции. Градежната компанија одговорна за изградбата на Италијанскиот павиљон побарала дополнителни 29 милиони евра за изградба истиот. Три други компании вклучени во изградбата на објектите и инфраструктурата на EXPO 2015 поабарле анекси на дооговорите за изградба во вредност од нови 120 милиони евра. Ваквите активности се практика и кај нас при изградбата на инфраструктурни објекти, но сепак сумите се неспоредливо поголеми. Независно од дополнителните трошоци, предвидените градежни работи доцнеле, па кога саемот бил отворен добар дел од градежните работи не биле довршени. Организаторот потрошил околу 1 милион евра само за да ги прикрие недовршените градби на денот на отворањето.

 

 

Самото отворање беше проследено со масовни протести во Милано, организирани од  групи кои се борат против глобалните економски трендови, а  кои на саемот гледаат како на симбол на капитализмот, масовната потрошувачка и корупција. Транспарентите “Expo=Mafia” го отсликуваа ставот на демонстрантите. Како фарса беше квалификувана и основната тема на саемот бидејки саемот не нуди решавање на базичниот проблем со кои се соочува добар дел од човештвото – хроничен недостиг на храна и вода.

Дека се потрошиле многу пари во организацијата и рекламирањето на саемот  е видливо уште при стапнувањето во Италија. Во случајов на аеродромот во Бергамо (до каде што лета WIZZ од Скопје). Уште таму можеше да се набават проспекти и други пропратни материјали за EXPO. Истото беше видливо и низ Милано. А, на толку вложени пари...  некој очекува и ќар да направи, нели? Тоа ми стана јасно уште кога ги купив картите за саемот – дневна карта за двајца возрасни и дете од солидни 70 ЕУР. За дводневна карта има попуст од 10 ЕУР за вториот ден. Од гужвата која беше лесно забележлива во градот ми стана јасно зошто и сместувањето во Милано е солидно скапо.

Но, ете не во Милано, спремни за посета на саемот. Вистинскиот шок дојде кога ги видовме редиците за влегување во саемот и тоа рано по сабајле. Уште и се погоди викенд кога многу Италијанци го посетуваат саемот. За среќа, бевме во линијата најблиску до службените влезови кои заради гужвата се отворија и за обичните посетители. Откако ја минавме безбедносната контрола се приклучивме на огромната река луѓе која одеше кон главната саемска улица. Павиљоните – оние националните, но и тематските однадвор изгледаа прекрасно. Згради со стилизирани бамбусови столбови, стлизирани едра, саќе од пчели, верикални градини и многу други архитектонски изненадувања. Сето тоа придружено со интересни скуплтури и места за одмор помеѓу павиљоните.

 

 

Вистинското разочарување следуваше при обидите да се влезе во некој павиљон, сеедно дали од националните или тематските. Очигледно павиљоните со нивните затворени концепти за влез не биле дизајнирани за толкава маса на посетители па насекаде имаше бескрајни редици на луѓе кои чекаат да влезат во некој павиљон. Најдолги беа оние пред “најинтерсните“ павиљони, како оние на Италија, Казахстан, Јапонија, Кина, Бразил и други. Истото важеше и за тематскиот Павиљон Нула  - осмислен да ги воведе посетителите во саемот и да го презентира односот на човекот кон природата и храната низ историјата. Врвни архитекти биле ангажирани за проектирање на павиљоните и притоа им била дадена голема слобода во креирањето. Сакајќи да ги избегнеме бескрајните редици ги посетивме отворените поставки на Чешка и Турција кои иако беа со отворен конецепт (не беа целите сместени во зграда) нудеа и интерсни содржини. Гужва немаше само на помалите павиљони кои беа резервирани за земјите со помали финанскиски можности и кај кои изложбите беа претворени во ефтини продавници за сувенири (како на пример оние на повеќето Африкански земји). И сите личеа помалку или повеќе еден на друг... па и немаше некоја смисла истите да се разгледуваат со поголема задлабоченост и да се бараат нивните одговори за хранење на планетата, или што и да беше темата на саемот.

 

 

Некои од националните павиљони донекаде беа осмислени за да прикажат идеи кои одеа во прилог на темата на саемот, но некои имаа поставки кои се сведуваа на различно спакувани пораки за промоција на  туристичките понуди во земјите. Павиљонот за органска храна едвај го најдовме некаде на маргините на самските површини, за разлика од оној на Coca-Cola кој беше централно поставен. Но тоа секако е само мала рефлексија на она што се случува надвор од саемот. Во павиљонот на кластерот за кафе, можеа да се видат поставките на повеќе земји кои произведуваат кафе, но сепак, најлесно беше да се вкуси Illy кафе – спонзор на саемот. За жал немаше можност да се проба кафе од сите земји кои беа застапени, на пример од Гватемала или Јемен иако овие земји имаа свои поставки (секоја чест на исклучоците како Кенија). За воља на вистината можеше да се купи кафе (во паковки од 100 грама), но истото беше нереално (да не речам баснословно) скапо. Во ред е, можам да разберам дека на африканските земји им треба меѓунардона поддршка за да ги отплатат баснословните долгови кон развиените земји, но ако мислат тоа да го регулираат со саемска продажба на кафе веројатно пристапот им е погрешен.

Единствен дел од саемот во кој можеше да се влезе во одреден термин и тоа со предходно резервирање преку интернет беше детскиот парк. И тоа беше најдобото организирано нешто на саемот! Штета што и останатите павиљони не го следеа истиот принцип на закажување термин. Така ќе се избегнеа очајно долгите редови за чекање. Во некои од нив се чекаше и повеќе од три часа за влез!  Во очај, откривме дека во некои павиљони може да се влезе од излезот и така да се одбегнат бескрајните редови. И така, колку-толку, видовме нешто.

 

 

Да додадам дека бесплатна храна речиси и да нема, а ако некаде даваат нешто ситно – апетитот ти го убива масовната хистерија на посетителите да зграбат парче пред другите. Во тоа секако предничеа Италијанците. Баш би сакал да ги видам во некој Керфур со кампања за ефтина тоалетна хартија како што беше на времето кај нас. Ако има поголеми гужви од кај нас, ќе ми се врати вербата во нашата нација!

Како што одминуваше денот и доаѓаше ноќта, редиците се намалуваа. Се обидовме да застанеме во редот за влез во германскиот павиљон, но прогнозата за чекање од 1 час и 30 минути набргу не обесхрабри. Не, не можам да си замислам да чекам во ред толку долго особено не кога сум со мало дете покрај мене! За среќа, на Германците им текнало да стават табла со проценка за времето на чекање за влез. Некои павиљони и со поголеми редици немаа истакнато таква проценка. Кога сме веќе кај Германскиот павиљон, доброто беше што имаше отворена кровна тераса на која можеше да се влезе без чекање. На неа имаше едукативни панели посветени на сојузните држави во Германија, место за одмор и мини бар со DJ кој со својот избор на музика ги занимаваше посетителите. Спуштањето од покривот беше можно и преку огромен тобоган, на радост на сите деца но и возрасни посетители!

Но, да се вратам на детскиот парк кој беше и забавен и едукативен. Посетата беше организирана во помали групи со водичи едукатори. Дел од групите беа наменети за деца кои не зборуваат италијански. Се разбира, тоа значеше група на англиски јазик, но сепак децата можеа со помош на родителите да разберат што им се презентира. Имаше на пример, мали застаклени градини со различни билки. Преку посебни отвори децата можат да мириснат одредени растенија а после тоа да се пикнат под едни големи ѕвона во кои им се пушта одреден мирис/арома за која треба да погодат од кое растение е истата. Или на пример, велосипеди поврзни со пумпа за вода, па преку вртењето на педалите децата пумпаат вода во фонтана чија количина зависи од тоа колку брзо ги вртат педалите. Навидум едноставни, но одлични идеи за едукација преку игра. Поголемиот број деца беа доведени организирано преку нивните школи/градинки. Предпоставувам дека инвестирањето во еден ваков тематски парк за деца не е голема инвестиција дури ни за кај нас, а  децата организирано ќе можат да учат и спознаваат преку игра. Да, на сите деца им е забавно и кога се вртат на карузел, но дали е тоа се што можеме да им понудиме тука?

Активностите и местата за деца не беа сведени само на детскиот парк. Уште на неколку места имаше слични простори (дел од нив и во самите павиљони) и истите беа лесно достапни и интересни за сите деца. Имаше и организирани работилници со разна тематика (на пример цртање и боење) кои правеа на децата да им биде интересно. Воедно, тоа беше и добра прилика за одмор на родителите. Да додадам и дека мулти-националниот концепт на саемот, ако ништо повеќе е можност за одлична географска лекција за децата (но и повозрасните) и запознавање со различни култури.

За жал, EXPO  2015 во добар дел од нашата посета се сведе на активности наменети за деца. Или да сумирам: EXPO беше една прекрасна игротека, но притоа, и тоа како ужасно скапа игротека (имајќи ги во предвид цените на влезниците). Малиот супер си помина, а јас ни од далеку толку добро колку што очекував.

 

За крај, ако EXPO 2015 требаше да одговори на прашањата како ќе се прехрани растечката човечка популација во иднина тогаш можам да кажам дека ефектот изостана. Термините како “sustainability” и “biodiversity” бескрајно се повторуваа насекаде, но само како празни термини без притоа да се има повеќе посериозни обиди да се навлезе во нивната суштина (секоја чест на исклучоците). Добро е што на повеќе места се потенцираше дека рсурсите на земјата се ограничени, но немаше многу идеи во која насока да се размислува за да тоа се надмине. Изостанаа и идеи за диалог и надминување на економските и геополитички разлики помеѓу различните делови од светот.  Да не заборавиме, додека EXPO 2015 на многумина посетители требаше да им ги понуди вкусовите на светот сервирани на тањир, во исто време во светот има над 800 милиони луѓе кои страдаат од хронична глад.

Можеби за време на нашиот краток престој повеќе внимание требаше да му посветиме на Милано, а помалку на саемот. Но сепак, мора да се признае дека EXPO 2015 и покрај сите недоследности, со својата грандиозност и огромен буџет ги надминува очекувањата на еден македонски граѓанин кој израсна со локални саеми кои најмногу ги памети по сендвичите со плескавица и неизбежната шеќерна волна. 

Текст и ГАЛЕРИЈА бај Дејан Колевски


hakfin | 22.01.2016 | twitter