Телото во кое треба да се живее, Петар Андоновски

Во периодов што претстои, ви нудиме текстови кои се плод на иницијатива помеѓу Катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, односно доцент-др. Владимир Мартиновски, неговите студенти и нашата маленкост. Едноставно им отстапуваме простор на студентите јавно да ги објават своите критички текстови, за еден ден кога ќе станат познати, да се сеќаваат дека меѓу првите објави им била и една на www.plagij.at.

Рецензијата од Мања Величковска, на романот „Телото во кое треба да се живее“,  којашто следи подолу, првпат беше објавена во весникот „Коза Ностра“. Истата произлезе од работилницата за пишување рецензии, којашто ја водеа Калина Малеска и Оливера Ќорвезироска, во чии рамки беше и овој текст. 

Голема благодарност до сите. Уживајте....

 

Текст кој дише, тело во кое се живее, лавиринт каде што се заталкува

 

(Кон Телото во кое треба да се живее од Петар Андоновски,

Скопје: Или – Или, 2015)

 

Најновиот роман на авторот Петар Андоновски е кохерентен, едноставен, а моќен. Станува збор за дело во коешто интерната паника и немоќноста на ликовите резливо ја будатчитателската љубопитност. Големиот простор за расправаза ова дело, со себе повлекува предизвик да се постулира јадрото на овој роман, како бинарен склоп - од големината на внатрешноста и перцепцијата на надворешноста на човековото тело. Дериватот од читањето на Телото во кое треба да се живее е горчливо одsвонување коешто не нѐ напушта долго по читањето. Авторот нѐ фаќа во јамка во којашто ние бескрајно арбитрираме заедно со протагонистката Бригита, која имено е вовлечена во психолошко преживување на времето пред удирањето на чеканот во една судница. 

 

 

Андоновски е апсолвент на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Тој е познат во македонската книжевност со:збирката поезија Ментален простор (2008), учеството во антологијата Нов хаику бран (СВП, 2011) со хаику поезија, романот Очи со боја на чевли (2013) и раскази коишто ги објавува во различни медиуми. Неговиот прв роман влезе во тесен избор за наградата „Роман на годината“ на Утрински весник, а романот Телото во кое треба да се живее неодамна е овенчан со ова престижно признание. Со овој роман авторот стана препознатлив по неговиот раскажувачки стил кој владее со времето и интересно се справува со динамичноста во приказните.  

            Складноста во Телото во кое треба да се живее е одлична. Потпирајќи се врз композицијата на романот која е составена од три дела:казна, пораки и потоа повторно казна;тоа е завршен циклус или беспрекорно тркало со цврста величественост. Наспроти ваквата стабилност, се појавува ликот на шеесетгодишната судијка Бригита чија сигурност доживува подеми и падови. Таа е задолжена да води процес во кој нема повеќе да биде само набљудувач на фарсоидни разводи и ситни прекршоци. Нејзината улога е да одреди казна за еден млад човек за кого се верува дека ја силувал својата девојка, а потем ја убил. Големината на одлуката којашто треба да ја донесе, ја принудува оваа жена да претрпи соочување со сопственото тело и конечно со сопствената моќ. Авторот воопшто не чека за да ни го соопшти ова, туку веднаш нѐ носи во средината на нештата, за подоцна да вметне аналептични грицкања. Ние загризуваме од зачинета приказна којашто не го остава почетокот во сенка. Така, следењето на приказната е изведено со приближување на реципиентот преку двојна наративност, прилошко префрлање и благо поигрување со раскажувачките техники:„Среда ѝ беше ден за аргентинско танго. Таа е онаа која средите ги поминува во спојување со туѓи тела. И сега е среда, и сега Бригита стои прилепена до телото на непознат маж и се движи во ритамот на аргентинското танго“. 

 

 

Во прозниот, лизгав и кус простор е постигнат променлив ритам при опишувањето на настаните. Темпото е изведено преку реминисценција и ефект на сон, со што писателот се обидува да ги долови зашеметеноста, грчевитоста, опивноста и токсичноста на екстатичните моменти во животот на Бригита. Тие епизоди траат со побрз ритам, за разлика од нетрпеливото и бавно одбројување на минутите, надвор од нив. Читателот може да насети како танцот со зборовите благо го заведува во некаков иницијантен момент на спознавање, не само со телото на судијката, туку и со сопственото тело.

Токму ова е интересно остварено со повторливоста на фразата „Јас сум Афродита.“(во едно поглавје), којашто добива облик на мантра која магиски влијае врз Бригита. Нејзиното тело станува лесно и „лебди“ над пенливите бранови. Ваквата сценска поставеност е прекината од страна на „телото на системот“ прикажано преку прекорниот поглед на Томас (меѓу многуте) и се поврзува со чинот на раѓање на човекот и почетокот на неговите страдања. Петар Андоновски знае каде да запре;знае кога да го прекине „давењето“. Тој никогаш не се ослободува целосно од телата, не ја ослободува ниту Бригита од нејзиното тело и не ѝ ја подарува моќта. Грчот запира, жртвувањето продолжува и времето до удирањето на чеканот останува да тече.

Стилот на пишување на Андоновски е јасен, без непотребни јазови и без грешки во нарацијата. Меѓутоа, има неколку сцени во коишто преку моменталната решителност на Бригита можеме да ја забележиме фиктивноста на текстот, како на пример:следењето на Пакистанецот до разрушената зграда,следењето на Мики низ шумата, одењето по нејзиниот поранешен љубовник  Јане и мајката на обвинетиот. Овие небулозни следења не му штетат на романот, туку напротив, дотолку со нивната присутност придонесуваат за сфаќањето на „помислата за спојување со нечие тело којашто е однапред отфрлена“. Преку нив е прикажана психолошката борба на судијката, за она коешто ѝ го диктирало дотогаш општеството и она коешто таа почнува да го чувствува.

            Ликот на Бригита е полифоничен, анегдотски исткаен и изненадувачки соголен. Читателот ја оправдува и не ја оправдува, сочувствува со неа и се сочувствува, ја презира и му се гади, за подоцна да сака да биде Бригита и да ја поседува нејзината  кревкост, како и нејзините страст и тегобност. Ние се доближуваме толку многу до неа што сликата за неа станува наше огледало, како што средбата со обвинетиот станува огледало за Бригита. Таа редум добива пораки на нејзиниот приватен телефон, коишто претпоставува дека и ги испратил младиот злосторник. Тие нѐ вовлекуваат во една репетивност на чинот на читање и компарирање на описите со деловите на телото: „Нејзините очи воопшто не се кафеави. Милион прашања почнуваат да ја спопаѓаат. Можеби стварно ѝ се зелени? Можеби ѝ се чинеле кафеави, зашто целиот живот се огледувала во простории каде што немало доволно светлина?“ Споредбата отвара врата со можности на читање на романот, простор за преобразба и ја обележува бескрајната рефлексија меѓу нашиот и туѓите погледи. 



Андоновски постигнал интересна и ретка естетска димензија, при можното идентификување со фиктивните ликови во нивните ненадејни хистерични изливи на смеа, коишто ги обземаат ликовите и ги пренесуваат надвор од страниците. Но, Бригита останува да биде жената која не го сфаќа ритамот, која се заљубува во женет маж, која следи непознати луѓе, која го сожалува со убиецот, која сака да биде жртвата, која ја има храброста да се доближи до решетките, која гледа лузна над десното око над оној кој ја дави. Затоа, ако зборуваме за етичката моќ на ликовите, тогаш нивната несовршеност станува цел на бесконечна ревизија;тие се осудени за тоа што го сториле, но затоа, пак, само така се совршени прикази на нашата реалност. Токму тоа ги прави мошне успешни.

            Додека во Очи со боја на чевли се истакнати траењето, вознемиреноста и играта на сенките, како претставници на нашите најдлабоки стравови и желби, овде средиштето се наоѓа во процесот на соочување со нив. „Мирното око“ коешто ги следи протагонистите во првиот роман, овде ја задржува својата смиреност, но ја пренесува анксиозноста на оние коишто ги следи. Раскажувањето на авторот наликува на постојано снимање кое успева во фокусот на своето следење да ја постави отуѓеноста на ликовите од суштината на животот, од сознанијата за себе, но не и од законот. Законот добива улога на натрапник кој се прикрадува за да ги пронајде своите жртви, до рабовите по коишто се принудени тие да се движат, во темнината и во интимноста. Тоа ги прави ликовите скромно валентни, лишени од потенцијалот да се поврзат со другите. Лути и уплашени, тие се нижат како ѓердан во урбаните ходници со загушлива атмосфера. Вистински погодок е пишувањето на авторот во овој жанр. Начинот на неговоточитање, намерно или ненамерно, е сугериран преку колажниот состав во којшто е излезено првото издание на романот. Илустрацијата која се наоѓа на корицата ни говори за кроењето на приказната со помош на некаква мостра која најдлабоко ќе продре до моралот на човекот. 

Романот Телото во кое треба да се живее од Петар Андоновски содржи повеќе еротски сцени, коишто ненадејно го замолчуваат секој импулс во телата и го покажуваат нивниот потенцијал да допрат до она коешто е најдлабоко човечки, до чувствувањето, до инстинктивноста и крајно до анималноста на човекот. Таа алузивност го достигнува својот климакс со умешена кафкијанска замена на животинско тело со човеково тело, коешто е сепак тело на затвореник!Затоа, ова книжевно дело е текст кој дише, тело во кое се живее и лавиринт каде штовреди да се заталка.

 

Мања Величковска


hakfin | 04.04.2016 | twitter