Лица без маски: Собуј ги чевлите - Хумористична приказна за едно тажно време-невреме

Кон „Собуј ги чевлите/Take those shoes off“, Лудум, лудум театар и Кинозоик агенција, Србија

„Собуј ги чевлите“ или „Take those shoes off“ е трагикомедија, која покрај мотото, на деветтиот Интернационален театарски фестивал „Лица без маски“, „Остани стабилен...“, вртливо се прекршува и паѓа пред очите на публиката. Тоа е приказ на бескрајната бркотница сочинета од конотирана граѓа која ги подава рацете кон денотативниот свет. Попрецизно, авангардната претстава засегнува одредени социјални прашања и како резултат на тоа се појавува преименување, со кое си поигрува театарот како систем. Типизираноста на секој од ликовите придодава кон имагинативно придвижување на сцената меѓу колективот, во реалноста, во апсурдното секојдневие. Тоа демаскирање на сето она што се наоѓа на подиумот е зајакнато со помош на скромниот декор и означувањето на ликовите како „г-ѓа Актерка“ и „г. Директор – Неуспешен Актер“, кои како такви се оставени засекогаш да егзистираат во доменот на нивната вокација. 

Сашо Алушевски


 

Станува збор за театарска претстава која се занимава со вработеноста, односно невработеноста, од каде тие потекнуваат и што поттикнуваат. Насловот на претставата ја сугерира генерациската и половата смена на работни места, која бездруго е смена од скалата за неправичност. Собувањето на чевлите е собување на „сегашноста која е минато во однос на иднината“, како што вели г. Директор – Неуспешен Актер. Собувањето е и иронизирање на чинот на доаѓање на нови уметници, но и на нови актуелни видови уметност, коишто не се нужно подобри од старите. Притоа се таргетира само „новото“ кое инсинуирајќи, станува актуелно. Така, „стапнувањето“ во туѓите чевли носи кон сѐ, но не и кон стабилно чекорење на ликовите со „испиени“ лица, коишто полека се декомпозираат пред нашите очи.

Движењата на сцената се нагласено вештачки, обременети со Хофманова механизираност, нагло забрзувани и забавувани. Актерите се прикажани како отпадоци од општествената машинерија, а нивните роботизирани танци ја определуваат позицијата на уметникот во урбанизираниот свет и ја отсликуваат неговата дехуманизација. 

Татјана Ранташа


 

Времето во претставата е заокружено од еден ден, а со помош на забрзано чукање и плескање со нозете и рацете се симулира отчукувањето на часовникот. Со тоа, Режисерот Петар Ристовски постигнал едно субјективно доживување на времето, едно запирање по кое изгледа дека се случува кратко „фестфорвард“. Ваквото искористување на секундите наддава кон сфаќањето на минливоста и помирувањето.

Кон гротескноста на ликовите допринесува шминката, со чија помош се отсликуваат двата типа на карактери на оваа мала сцена: корумпираните, оние коишто бесрамно учествуваат во врзувањето на туѓите врвки и оние за коишто губењето на работното место претставува смрт. Шминката ја сугерира и нивната истрошеност, но за жал истата скоро ја нема до крајот на претставата.

Постигнат е интересен контраст меѓу типовите карактери, во моментот кога почнуваат да играат Директорот и Актерката, односно мажот и жената. Облечени во црно и бело тие изгледаат како антиподи. Заситеното его на Директорот, чие презиме „Неуспешен Актер“ не бива преземено од сопругата, му дозволува тој да си го повлече „стравот пред љубовта“, но љубовта кон кого, односно кон што? 

Татјана Ранташа


 

Има појава на едно мета ниво, каде ликовите тргнуваат во лов на писателот, кој е обвинет за крајот што и претходи на Актерката. Неговото отсуство е искористено како атрибут на апстрактна именка, која е недостижна поради нејзината обопштеност. Префрлањето на вината на фактички неприсутниот, односно сеприсутниот (во нивниот свет), е дел од процесот на беспрекорното „прочиствување“ на корумпираниот кукавичклук. Пренесувањето на веста е исто така дел од индоктринирањето, со коешто се цели кон изнудување на позитивни мисли за сопствениот крај. Покрај тоа што ликовите пробуваат да ја убедат Актерката, со повторливоста на „убаво сроченото“ (или како „Актерката се преработила“), тие се убедуваат и самите себе. Теодора Ристовски (г-ѓа Актерка) ја преседува првата половина од претставата на сцената, свртена исто како и публиката, со што се овозможува буквален заговор зад нејзиниот грб.

Целокупната атмосфера е експлозивна и еволутивна, но она што им недостасува на добриот избор на музика, одличниот ритам и соодветната кореографија е подобра вокална, меѓусебна актерска синхронизација и во неколку наврати – побавна вокализација. Крајот на претставата е изведен со неслеана градација на губење на сетилата и меморијата на г-ѓа Актерка, а истите (целно?) се губат и повторно се враќаат. Покрај овие несмасности, „Собуј ги чевлите“ сепак, успева да ја насмее публиката и да ги пренесе значајните мотиви. 

 

Мања Величковска

 


Ranti | 11.04.2016 | twitter